Џабе департизиран претседател во партизирана држава

Колумна на Сашо Кокаланов

Очигледната е намерата на претседателот Стево Пендаровски уште за време на првото полугодие од неговиот мандат партиски да се „неутрализира“и тоа е секогаш симпатично зашто е чекор во насока на нормата што самите, веројатно не бесмислено, сме ја утврдиле, а која вели дека претседателот е департизирана личност.

Притоа, треба да сме чесни и да признаеме дека таква намера покажале сите без исклучок, но оти тоа секогаш било само формално и декларативно. И секогаш зависело само од личната волја на претседателот, а не било никаво системско решение.

Каков е, на пример, тој департизиран претседател со кабинет и администрација полни со партиски кадри?

Нејсе, најблизу до департизирање досега стасал покојниот втор претседател на независна Македонија, Борис Трајковски, кој во еден момент дури имаше покоректен однос со тогашната опозиција, отколку со владејачката партија чиј кандидат беше на изборите. Но, никогаш не разбравме дали прво Трајковски се одлепи од ВМРО-ДПМНЕ или партијата се огради од него, дали крилото на Доста Димовска на кое припаѓаше ги изгуби позициите во патијата па и тој се откачи од оврската да му висат на вратот, дали на тоа влијаеше меѓународниот фактор или можеби мировниот процес што го раководеше, а во кој неговата партија се однесуваше како воено крило на нациналистичка формација. Или можеби во прашање беше неговата лична нетрпеливост со Љубчо Георгиевски.

Независно од ова, неспорно е дека, особено како ближеше крајот на неговиот мандат, Борис се избори за автономија на институцијата претседател и по тој голем исчекор ќе го паметиме, а Стево како негов советник и интелигентен човек извлече некои поуки во таа насока.

Пред овој светол или полусветол пример, немавме такви искуства.

Првиот претседател, Киро Глигоров, без да се спори неговиот колосален политички габарит, сепак беше татко и на државата и на нацијата и на партијата. Но, ако се има предвид историскиот контекст, бебешките болести на младата плуралистичка демократија и генерално мудроста како водечко кредо во политиките, ваквата поставеност на Глигоров може да ја разбереме како некаква предна фаза во историска смисла.

На многу луѓе во земјава егзистенијата, работата, слободата, опстанокот, да не речеам и самиот живот, им зависат од изборните резултати. Тоа не е нормална ситуација. Има ли план како таа да се надмине?

Што не може да се каже и за другите двајца претседатели. Бранко Црвенковски дури и завојува со премиерот Владо Бучковски кога овој се обиде да ја осамостои партијата од неговите влијанија. За Ѓорге Иванов, пак, во оваа смисла, (како и во многу други смисли) не вредат и да се трошат зборови, тој беше класичен партиски поин, кој во ниеден момент и за ништо, не погажа личен интенгритет, свое јас и фактичка десет години се однесуваше како да отплаќа кредит на доверителот што го почестил со можноста да биде шеф на државата.

Пендаровски, се гледа тоа и од првото годишно обраќање пред пратениците, има амбиција да отиде чекор подалеку и тоа е супер! Уште посупер е што подадената рака кон опозицијата не ја прави така што ќе си ги релативизира позициите кон претходниот режим или преку ревидирање на своите позитивни ставови кон храбрите чекори што власта на Заев ги направи на полето на добрососедството, решавањето на историските спорови и регионалната надворешна политика.

До тука, практично, сѐ е супер. Сепак, би сакал критички да се осврнам на можеби главната поента од говорот на Пендаровски, или барем една од главните – помирувањето. Овој процес, впрочем, Пендаровски го најави како витален за опстанокот на државава и по неговата инаугурација, клучен за надминување на сериозните и државнозагрозувачки поделби.

Мојот став е дека помирување во ова општество не е можно, и тоа по ниедна фронтална линија, ако ги лечиме последиците, а немаме храброст да се бавиме со причините. Според тоа што го слушнавме од Пендаровски, барем засега, нивото на решавање на овој суштински проблем ќе остане површно, декларативно и популистичко, независно колку тој лично ќе успее да се издигне над општетсвените и политички групации.

Банално, но не можам да не забележам – какви бре факинг навивачки групи! Дали Стево мисли дека чекор напред во помирувањето во земјава ќе биде ако тој се слика со шал од Вардар и од Шкендија или гушнат со некој теаролог од „шверцерите“од една страна и со „комитата„ Јохан Тарчуловски од друга!? Дали Стево очекува дека навивачките групи ќе станат некаков фактор на интеграција во општеството или локомотива на помирувањето генерално? Тоа е гол популизам, нема во тоа никаква есенција!

Но, ајде да се посветиме малку на најдраматичната поделба во моментов во нашето општетсво – таа не е ни етничка, ни религиозна – туку партиската! На многу луѓе во земјава егзистенијата, работата, слободата, опстанокот, да не речеам и самиот живот, им зависат од изборните резултати. Тоа не е нормална ситуација. Има ли план како таа да се надмине?

Не е тоа комшиски, брачен или колегијален проблем, та сега Пендаровски ќе отиде во маалото и ќе ги помири двајцата скарани соседи или брачни другари со различна идеолошка и политичка ориентација и ќе им објасни дека треба да се сакаат и почитуваат. А потоа сите заедно ќе се сликаат за медиумите, а прес-службата ќе напише едно трогатено соопштение. Станува збор за нешто многу потемелно, покомплесно и посуштинско – како да се избие партијата од нашите животи, како да се пеплоса нашиот партиски менталитет, како да се департизира целото општество, не само инстуцијата што ја претставува.

Помирувањето и ден-денес се сфаќа како помилување – да се договориме и нашите и вашите криминалци да не одговараат. Тоа и натаму се однесува исклучително на политичарите, а не на граѓаните, вистиснките жртви на партизираното општество

Јас за овој сложен проблем не чув издржано, реално и темелно решение. А мора нешто системски да се нарави. Постојат, на пример, таканаречени „црни листи“ и тоа во сите сфери на животот, од правосудството па сѐ до уметноста ако сакате. Партијата е и устав и вредносен систем.

Ако се „твоите“ на власт, ќе си истераш правда, ќе се спасиш од затвор, ќе добиеш работа, тендер, шанса, ќе твориш слободно, ќе живееш колку-толку нормано… Ако не – нема.

Сум бил на такви црни листи и знам како им е на моите пријатели што сега се. Имам, на пример, пријател театарски режисер кој денеска не може да добие ниту еден проект зашто е „неподобен“, а никој нема да ви го опспори неговиот уметнички кредибилитет. Чуму тоа? Толку ли сме богати како општество и како култура да можеме секогаш да функционираме само со половина „сили“? Не, ужасно сме сиромашни, во секоја смисла, а најдраматично е токму кога станува збор за човечките капацитетити!

Ќе речете, бенигна тема, можеби малку лична, и сѐ ќе беше супер ако беше само во културата вака. Не, исто е и за животно важни операции во болница и за запишување дете во градинка и за остварување на уставното право на работа – за сѐ бркаат работа партиски врски.

Квалитетот никогаш не бил никаков репер за ништо. Оттука, џабе департизиран претседател, ако целата држава ни е партизирана!

Не велам дека претседателот на државата треба да се претвори во народен правобранител и да се бори против сите партиски мотивирани неправди што граѓанинот ги доживува и ги трпи во својата држава, во државата каде што плаќа данок. Но, сигурен сум дека трибини, средби и дијалози се само придружен пат на решението, а не вистинското решение, кое, пак ќе пишам, мора да е системско, со многу законски и вонзаконски механизми за елиминирање на партиските влијанија во нашето секојдневие.

Помирувањето и ден-денес се сфаќа како помилување – да се договориме и нашите и вашите криминалци да не одговараат. Тоа и натаму се однесува исклучително на политичарите, а не на граѓаните, вистиснките жртви на партизираното општество.

Ова е можеби најголемиот предизвик со кој се соочува нашата држава денес, а сакал-нејќел, како нејзин шеф, тоа е најголемиот предизвик и за претедателот Стево Пендаровски.

Ме радува фактот што тој го препознал јасно овој предизвик и демонстрира искрена и решителна волја да влезе во костец со него. Се надевам дека и во нудењето на системски решенија ќе видиме сериозни чекори. Засега помирувањето ни е или по потреба или на нивото „како Мали Ѓокица замишља помирање“, а од овој впечаток сѐ уште нема многу „одлепено“ и Пендаровски.