Нема да се каже ништо ново, ако отсега се констатира дека короната ќе ја дефинира епохата во која живееме. Времето ќе се мери со „пред“ и „после“, при што целото човештво се надева дека тоа „после“ ќе дојде што побргу. Но, се чини дека само се надева, без да понуди некаков поиздржан одговор на пандемијата.
Просто е неверојатно што и сега, во 21 век со епидемијата се справуваме со средновековни методи – изолации, карантини, полициски часови, зголемување на хигиената… И, се разбира, помалку или повеќе резултатите се слични на тие што ги постигнуваа нашите предци во средновековието.
Што е, значи, тоа што ја одвојува епидемијата на Ковид – 19 од досега познатите епидемии? Ако ја споредиме актуелната пандемија со тие што го зафатиле човештвото, тогаш лесно ќе се заклучи дека не би требало да има место за некоја особена паника. Од чумата што во неколку наврати ја напаѓаше Европа, умираа речиси половина од заразените. Повеќе од три четвртини од популацијата на американските староседелци изумреле од заразните болести што им ги донел белиот човек – сифилис, сипаници, тифус…
Овој податок, меѓу другото, говори нешто и за денес актуелните тези за колективен имунитет. Еболата и сидата имаат многу поголема смртност од Ковид – 19, и таа се движи на некои три проценти од регистрираните случаи, што значи дека е уште помала.
Постојат две причини поради кои светот се тресе пред оваа епидемија: енормната брзина на ширење на вирусот, што создава неиздржлив атак врз здравствениот систем. Според достапните податоци, во некои делови на Вухан и во регионите во Италија, каде што не се спроведени мерките за „социјална дистанца“, вирусот во само неколку дена зафатил речиси 80 проценти од популацијата.
Ваквиот притисок врз здравствениот систем неминовно води до појава на болеста кај медицинскиот персонал и кај болничките пациенти. А смртноста е најголема токму кај луѓето со нарушен имунитет.
Како што сега стојат работите, се чини дека и за вакцина ќе почекаме извесно време. САД, во која, како водечка политичка, економска, па и научна сила, беа вперени очите и надежите на светот, ја покажа целата ранливост на „неолибералниот“ здравствен систем, наоѓајќи се и самата во корона-хаосот и притоа немајќи соодветен и рационален одговор.
Политичката манипулација со здравствената криза ги претставува локалните државни лидери како спасители од катаклизмата што нѐ очекува, наспроти неснаодливата европска бирократија.
Тука треба да се присетиме дека потпретседателот на САД, Мајк Пенс, кој е назначен за шеф на комитетот за справување со корона вирусот, стана познат како гувернер на Индијана, кој иницираше драстично намалување на фондовите за јавно здравје и за тестирање од ХИВ вирусот, што доведе до масовно ширење на сидата во оваа држава. Еден од првите потези на администрацијата на Трамп во 2016 година беше токму кратењето на фондовите за спречување пандемии.
Велика Британија, исто така, гласен поборник на „неолибералниот“ здравствен систем веќе ја сврти политиката во оваа област за 180 степени. Иронијата е во тоа што болеста го дофати токму британскиот премиер Борис Џонсон, кој, кога најавуваше „жртвување“ на дел од нацијата за јакнење на „колективниот имунитет“, веројатно не мислеше дека имунитетот на нацијата ќе се јакне токму преку неговите и преку плеќите на принцот Чарлс. Холандија, која, исто така, реши да се бори против вирусот со „колективен имунитет“, набргу стана земја со највисок процент на смртни случаи на популацијата на возраст до 50 години.
Од друга страна, се чини дека политичкиот пејзаж по кризата повеќе нема да биде онаков каков што го познаваме. Кризата покажа дека обединетата Европа изгледа и не е толку обединета, колку што се претпоставуваше. Шенген практично е суспендиран и прашање е дали некогаш ќе се воспостави со досегашните параметри. Постојат, значи, две опции.
Првата е таа што е сега на сила, а тоа е државите да го зајакнат својот суверенитет, наспроти Европската Унија, што само ќе го засили трендот на национализмот, кој и онака е присутен во последните години. Политичката манипулација со здравствената криза ги претставува локалните државни лидери како спасители од катаклизмата што нѐ очекува, наспроти неснаодливата европска бирократија. На оваа линија оди и целосно несоодветната солидарност на европските партнери, кои не сфаќаат дека пожарот во куќата на соседот лесно се префрла во нивниот двор.
Според теоријата на кризите, првин доаѓа кризата, потоа доаѓа очајот и на крајот доаѓа промислувањето. Ние, за жал, сме некаде меѓу кризата и очајот
Втората опција е онаа попожелната, но, за жал, засега помалку веројатна. А тоа е Европа да извлече поуки од пандемијата и да изгради инструменти за колективна одбрана од вакви и слични напади, која секако би била поефикасна, отколку секоја држава да се бори самата за себе. На крајот на краиштата, токму короната е потврда на онаа максима на теоријата на хаосот – кога во Кина некоја пеперутка ќе замавне со крилјата, во САД ќе се случи хаос! Односно, наспроти целиот изолационизам, кој се чини е неминовен во овој миг, короната напаѓа глобално и бара глобален одговор.
Во таа смисла, токму наспроти изолациите и затворањето на државните граници, сведоци сме на вистински процут на таканаречената отворена наука. Никогаш научниот ум од целиот свет не соработувал толку врз решавање на еден проблем. Релевантните научни списанија веќе објавија десетици важни трудови за корона вирусот.
Има, се разбира, уште куп други последици што ги предизвикува и ќе ги предизвика оваа пандемија: редефинирањето на модерната технологија во функција на социјализација и исполнување на поединецот; редефинирањето на работните места, па и на цели индустрии (можност за работа во домашни услови); редефинирање на социјалните контакти; развивање на солидарноста и можноста да се гледа низ очите на другиот; редефинирањето на положбата на поединецот наспроти колективот (сега се покажува дека огромни групи граѓани, оние што влегуваат во таканаречениот прекаријат, практично се оставени самите на себе); редефинирање на приоритетите (јавно здравје, грижа за ранливите категории население, почитување на струката, образование, наука…).
Но, според теоријата на кризите, првин доаѓа кризата, потоа доаѓа очајот и на крајот доаѓа промислувањето. Ние, за жал, сме некаде меѓу кризата и очајот.