„Добра ноќ и со среќа“ (Good night and good luck) е фраза која засекогаш остана запишана во историјата на светскиот журнализам. Тоа е реченицата со која своевремено американскиот новинар Едвард (Ед) Мароу ги завршувал своите критички емисии, емитувани на мрежата Си-би-ес (CBS), против актуелната американска антикомунистичка хистерија, олицетворена во тогашниот сенатор Џозеф Мекарти и неговата политика на „лов на вештерки“.
Истата фраза ќе ја искористи и Џорџ Клуни како наслов на неговиот (одличен) филм за Мароу, снимен сега веќе пред многу години.
Иако навидум не постои никаква директна врска, ниту асоцијација, јас, сепак, се сетив на Мароу и на филмот на Клуни, гледајќи ја инаугурацијата на новата македонска претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. И, ете, повлеков некои паралели.
Оние што ја знаат ерата на макартизмот или барем го гледале филмот, знаат дека Џозеф Мекарти, еден од маркантните ликови на „темната страна“ на американската понова историја, својот лов на неистомислениците го спроведува под мотото „за право и правичност“, дека тоа го прави во име на „гордоста на Америка“ и дека на тој начин сака да го обнови „единството на нацијата“.
Женски муабети
Оние што го слушаа инаугуративниот говор на Сиљановска или ја следеа нејзината предизборна кампања, лесно ќе заклучат дека и Сиљановска штедро ги користи истите „помпезни“ наративи. А, според моето убедување, нив длабоко погрешно ги употребува.
Да речеме, давајќи ја свечената изјава, новата претседателка избегнува да го каже уставното име на државата што треба да ја предводи, односно избегнува да ја изговори географската одредница „северна“. Дури не ја кажува ниту одредницата со која се одредува уредувањето на државата, па така изговореното име на државата не е ниту Република Македонија, туку само Македонија.
Во еден момент, дури вели дека ќе го чува „територијалниот интегритет на Македонија“! Од друга страна, таа ја потпишува истата изјава со наведеното уставно име на државата.
Како изгледа тој „женски начин на решавање на проблемите“ можевме да видиме на самата инаугурација, кога грчката амбасадорка демонстративно ја напушти седницата поради неупотребата на уставното име на државата
Што е важечко? Она што е изговорено или она што е потпишано? Ако се работи за принципот „никогаш Северна“, тогаш зошто го става својот потпис на документ што го смета за невалиден? Во суштина, не се работи тука за никакви принципи, туку за убедување дека нејзиното гласачко тело сака тоа да го слушне. Само што повеќе не станува збор за предизборна кампања, туку за почеток на официјалниот мандат на највисокиот претставник на државата. На која држава е Гордана Сиљановска претседател? На онаа што е запишана во Уставот? Или на некоја имагинарна територија што ја замислува во своите соништа?
Натаму, нејзиниот наводно феминистички говор, всушност е една исто толку погрешна сексистичка тирада. Имено, Сиљановска не се залага за родова и полова рамноправност, туку говори за „женски начини на решавање на проблемите“. Горда е дека први ѝ честитале жени, словенечката претседателка и американската амбасадорка во земјата, истакнувајќи дека правеле „женски муабети“! Какви се тие „женски муабети“, а какви се „машките муабети“?
Не е белки да разменувале рецепти за ајвар. Или можеби досегашниот претседател Стево Пендаровски со своите колеги разговарал за Лигата на шампионите.
Ставајќи ги сите жени во една, би рекол, супериорна категорија, во однос на мажите, Сиљановска, всушност, создава нов стереотип за наводната мериторност и вештина за решавање на конфликтите, кои, според нејзиното дефинирање, се типични женски карактеристики. Како изгледа тој „женски начин на решавање на проблемите“ можевме да видиме на самата инаугурација, кога грчката амбасадорка демонстративно ја напушти седницата поради неупотребата на уставното име на државата.
На тој начин, претседателката инстантно создаде уште еден проблем во нашата надворешна политика и на патот на евроинтеграциите. И да не се лажеме, не ја направи Македонија горда. Напротив. Ја понижи сопствената држава во очите на светот, одбивајќи да го изговори нејзиното уставно име.
Претседателката инстантно создаде уште еден проблем во нашата надворешна политика и на патот на евроинтеграциите. И да не се лажеме, не ја направи Македонија горда
За какво единство тогаш можеме да зборуваме? Сиљановска вели дека нема да прави никаква разлика меѓу луѓето врз која било основа. Освен врз полова. Вели дека ќе се залага за мериторност, затоа што таму каде што владее принципот на мериторност, жените добиваат високи позиции. Со други зборови, таму каде што нема мериторност, владеат мажите. Поточно неспособните.
Не би било лошо да ја погледне структурата на партијата што ја кандидираше за претседателската функција. Истата партија што ја кандидираше и актуелната градоначалничка на Скопје, која, како што добро знаеме, 24/7 ја покажува својата мериторност.
Парадоксот е во тоа што токму ВМРО-ДПМНЕ и претседателката на сите граѓани на државата што мислат како неа се противат на менување на Уставот, што ќе рече дека тоа е белки прилично квалитетен правен акт. И не го почитуваат. Па, бујрум, нека го сменат. Па, пак нека не го почитуваат.
За разлика од нив, јас сметам дека Уставот треба да се смени. И не само со додавање на Бугарите во преамбулата, туку да се сменат и некои решенија што времето ги надминало. И за разлика од нив, јас Уставот го почитувам.
Единствено единство
Што се случува ако јас одбивам да влезам во единство со претседателката? Што се случува ако одбијам да бидам единствен со оние што не го почитуваат највисокиот правен акт на државата? Какво ќе биде тоа единство без мене? Што се случува ако јас сум веќе горд на она што сум и немам намера дополнително да ја билдам сопствената гордост? Како ќе биде Македонија повторно горда без мене? Што се случува ако не сакам да бидам достоинствен на начин што нема да ја именувам Република Северна Македонија?
Не знам, но колку што можев да забележам, ниту еден мејнстрим медиум не ги проблематизираше овие прашања. Или барем не на некој посериозен начин. Па, макар бил и женски. И тука завршуваат сличностите со Едвард Мароу. Тој, своите коментари со критики на тогашната американска политика и на нејзините носители ги објавуваше преку Си-би-ес, односно преку еден типичен мејнструм медиум.
Кога сме веќе кај Мароу, тој во еден свој коментар вели (парафразирам по сеќавање): „Државата ја изгуби својата слобода, подготвувајќи се да ја брани. И ако ние во оваа земја го мешаме несогласувањето со нелојалноста, тогаш го негираме правото на грешка“.
Ама, што би се рекло, далеку е Америка и таа 1953 година. Затоа, добра ноќ и со среќа. Ќе ни треба на сите.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија