Репортажи

Големиот триумф ја затече и Белата палата

Во штабот на ВМРО-ДПМНЕ очекуваа победа, но ги изненади огромната разлика во гласови со СДСМ

„Три наспроти еден“. Со кого и да зборувавме во Белата палата вчера, сите го потенцираа изборниот резултат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од гласањето на парламентарните избори.

Отсуствуваше вообичаената неизвесност во прес-центарот. Недостасуваа кусите анализи и прогнозите врз база на гласовите што партијата ги освоила во Чешиново, Сопиште или во избирачкото место каде што гласа лидерот на противничката партија.

Селфи со претседателката | Фото: БИРН

Немаше ни простор за такво нешто, со оглед на тоа колку рано во ноќта се исцрта крајниот скор.
ВМРО-ДПМНЕ влезе во изборната ноќ со сериозна предност постигната пред две недели, меѓутоа впечатокот беше дека никој на вториот кат од партиската палата не верувал дека предноста ќе биде олку голема.

За координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, убедливиот триумф го најавија вестите од неговиот Штип. Извесно било дека таму владејачкиот СДСМ нема да доброи 5.000 гласа.

„Тоа значи дека најверојатно ќе освоиме 14 пратенички места во третата изборна единица. Исто како во 2008“, Мицевски прогнозираше и погоди.

Како што наближуваа пресовите, на кои се очекуваше кандидатката за претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, и партискиот лидер, Христијан Мицкоски, официјално да ја соопштат двојната победа, така растеше и триумфализмот кај присутните.

Новинарски екипи во исчекување на прес-конференција | Фото: БИРН

Невнимателен партиски член се размавта со мобилниот додека на Инстаграм споделуваше селфи придружено со познатата реплика „Иде Дунав!“, илустрирајќи го политичкиот потоп што му се случува на СДСМ.

Надвор пред објектот што го носи името на Христо Татарчев, еден од основачите на Македонската револуционерна организација, луѓето беа порезервирани.

„Само да не ни ја земат победата“, рече една жена, која откако подолго размисли, се претстави како партиска симпатизерка.

Носеше црна баретка со беџ „Слобода или смрт“.

Нејзината пријателка, загрната со македонското знаме, ја споделуваше претпазливоста. Се плашела повторно да не падне системот на ДИК, како во 2020 година, кога ВМРО-ДПМНЕ загуби, очигледно сомничава дека тогаш „нешто многу чудно се случило“.

Ситен дожд тргнуваше да врне и сопираше.

Мотивациска порака во штабот | Фото: БИРН

Доаѓаа актуелни и поранешни партиски функционери. По куса проверка во списокот на гости, вратарите во Белата палата го пуштија, поранешниот министер за внатрешни, Љубе Бошкоски.

На огромниот екран, поставен пред партиското седиште, се појави одамна снимена видеоснимка на една од мајките на 12-те младинци од Ваташа убиени од бугарската војска во 1943 година. Зборуваше завиена во црно.

Потоа ги пуштија песните „Заветна“ и „Оган да го гори“, во изведба на Ламбе Алабаковски.

„Оган да го гори, тој што ќе ми збори да те оставам. Македонијо!“, во спотот пее изведувачот што беше апсен за палење на вратата на бугарскиот клуб во Битола.

„Поразен е бојкотот на ДУИ“

Партиските членови и сипатизери пред Белата палата | Фото: БИРН

Како и низ целата кампања, и вчера внимателен набљудувач можеше да „улови“ дека Гордана Сиљановска-Давкова, како претендент за претседателка, се држи на „безбедна“ дистанца од партијата и од целиот изборен фолклор.

Поривот да покаже независност се читаше меѓу редови и од нејзините изјави.

„Додека заминува една власт, а сè уште не дошла друга, има простор за слободи“, рече таа во контекст на работата на новинарите и на „некои од судиите“ во предизборието.

Салата беше полупразна и немаше скандирања и аплаузи.

„Шшшт“, камерманите ги опоменаа неколкутемина партиски членови, кои гласно споделуваа импресии додека од говорницата зборуваше идната претседателка.

Мицкоски доцнеше на најавениот прес.

„Можеби чека да заврши фудбалскиот натпревар Реал – Баерн“, се пошегуваа новинарите.

Откако завршија пресовите на сите противкандидати, се појави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со партиското раководство зад себе. На разглас, снимениот глас на актерот Зоран Љутков веќе десетина минути ја рецитираше „Тешкото“ од Блаже Конески.

Прес-центарот беше преполн, од турканиците се заниша и една од поголемите слики со мотив од историското ВМРО.

Секој со секого се прегрнуваше, се сликаа и си честитаа.

„Христијан, Христијан. ВМРО, ВМРО“, извикуваа насобраните.

Традиционално имаше и жива музика | Фото: БИРН

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошкоски, се намести во првите редови. Носеше бела маичка со натпис „Пиреј“ и ја покажуваше на сопартијците.

Во манирот со кој како премиер стартуваше Никола Груевски, Мицкоски синоќа најави „добри вести за македонската економија во следните 100 дена“.

Toj ги читаше внимателно одбраните зборови на листот пред него. Отсуствуваше вообичаената жестина во настапот, кој го одликуваше како опозиционер. Се забележа и напор да се прикаже во државничко светло.

Потенцираше дека само стотина луѓе од СДСМ и ДУИ биле одговорни за „криминалот и за предавствата“.

„Благодарност и до оние што излегоа на гласање, иако не гласаа за ВМРО-ДПМНЕ. Ќе ги споменам и оние што воопшто не гласаа. Сите вие ја имате мојата почит.“

Реториката ја заостри од плоштадот, каде што партијата ја прославуваше победата.

„Завршија на буништето од историјата и ќе одговараат“, им порача на дел од претставниците на власта.

Мицкоски не почувствува потреба да го соопшти конечниот резултат од изборниот натпревар, за кој јасно беше дека ќе нема пресврт, како во полуфиналето од Лигата на шампионите, кој привршуваше истиот час. Во тој момент, сајтот на ДИК покажуваше 59 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ, а 18 за СДСМ.

Утрово има еден пратеник помалку на контото на победничката партија.

Прославата на скопскиот плоштад | Фото: БИРН

Сепак, победата е толку извесна што на скопскиот плоштад, пејачот Панчо му го „додели“ премиерскиот мандат на Мицкоски.

„Го поканувам на бината премиерот на Република Македонија“, повика еден од дуото ДНК.

Идниот мандатар за составување влада, вчера уште еднаш потенцираше дека ја преферира коалицијата на албански партии „Влен“, пред онаа на „Артановци и Алиевци“.

„Поразен е и бојкотот на ДУИ“, рече тој.