Репортажи

ЗНАМ тргна во градење на уште еден трет пат

Движењето на Максим Димитриевски, и загуби, и победи во „малото финале“

Тенди, маси, кафиња и тивки, но расположени луѓе. Однадвор седиштето на движењето ЗНАМ на булеварот Климент Охридски во центарот на Скопје изгледа како кафуле. Само големиот неонски знак открива дека, сепак, станува збор за политичка организација.

Од неговата јужна страна ѕирка билбордот со реклама на ВМРО-ДПМНЕ, од северната има билборд на ГРОМ, а преку улицата целиот ѕид на една зграда е покриен со кандидатите на СДСМ. Штабот е во средината, меѓу сите нив.

Не е многу различно ниту на политичката сцена. Движењето што протестно го иницираше кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски по расколот на кумановскиот СДСМ, на парламентарните избори влезе со амбиција да се наметне како новиот трет пат, по охрабрувачкиот резултат на лидерот во првиот круг од претседателските. Барем така коментираа дел од поддржувачите пред штабот.

Потрагата по силна трета опција, која трае уште од средината на 1990-тите, кога се поларизираше македонскиот политички амбиент, на секои избори досега поттикнувала различни иницијативи да се обидат да ги соберат незадоволните гласачи од СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ или и од двете. Многу од нив го пречекорија и прагот на парламентот со барем еден пар стапала – Демократска алтернатива, НСДП, ЛДП, ГРОМ, Левица, но сите не успеаја да останат релевантни политички субјекти барем до следните избори.

Како ќе се развива ЗНАМ со освоените шест пратенички места е прашање што, како што рече Димитриевски во завршниот говор, ќе зависи, и од нив, и од другите партии. Она што вечерта им беше важно на стотината присутни во штабот и пред него, е да се почне тоа патување.

Расположение по инерција

Кандидатите и членовите влегоа со голем оптимизам на изборната ноќ | Фото: БИРН

Доброто расположение се чувствуваше веднаш по 19 часот, кога се затворија гласачките места. Просториите на ЗНАМ не се големи – едно претсобје со приемен пулт и со говорница, и три-четири канцеларии преградени со заматени стакла, со партиското лого. Зад нив се слушаа весели разговори, а низ вратите влегуваа и излегуваа насмеани членови и кандидати.

Во тие моменти сѐ уште немаше свежи резултати од пребројувањето, па расположението повеќе беше резултат на инерцијата од изборната вечер од пред две недели. Првиот ефект од тој резултат беше што тројно го зголемил бројот на присутни медиумски екипи во партиските простории, откако на 24 април имало само неколку. Ова како уште повеќе да ги поттикнуваше присутните да се покажат како новите суверени на меѓупросторот што го оставаат двете големи партии.

Но, тогаш почнаа да пристигнуваат бројките. Насмевките свенаа, кога Левица почна да освојува повеќе гласови од ЗНАМ. И за титулата „трета партија“ има конкуренција, која овојпат воопшто не изгледаше толку лесно совладлива како во првиот претседателски круг, кога Димитриевски освои двојно повеќе гласови од кандидатката на Левица, Билјана Ванковска.

Полека се смени и наративот од славенички во „секој резултат е добар за нас, ние сме ново движење“.

„Се надеваме на резултатот од првиот круг, ама не се исти претседателските и парламентарните избори. Но, тука сме некаде со Левица“, коментираше еден од членовите.

Некаде по 20 часот, кога во штабот пристигна самиот Димитриевски, атмосферата повторно се подигна.

„Никој од прва не направил пратеничка група, а ние го направивме тоа“, велеше тој, ракувајќи се со сите на патот од тротоарот до канцеларијата каде што го чекаа.

Од „супер“ на „не е лошо“

Расположението се подобри кога се објавија проекциите за мандатите | Фото: БИРН

По првата протоколарна прес-конференција во 20.30 часот, на која партискиот портпарол им честиташе на граѓаните за успешниот изборен ден и за изборот на претседател и за спречувањето уставна криза, настапи вообичаениот период на гледање во телефоните и читање изборни резултати.

„Верувам дека ќе имаме седум пратеници, според она во првиот круг. СДСМ правеа очигледни грешки, како да сакаа да загубат“, ни коментираше еден поддржувач пред вратата, додека чекаше шанса лично да му честита на Димитриевски за резултатот.

Сепак, ентузијазмот во и околу партиските простории и натаму се намалуваше, како што растеше предноста на Левица со секое ново ажурирање на страницата на Државната изборна комисија. Немаше разочарување на лицата, туку повеќе како изрази на помирување дека ќе треба да го заменат „супер“ со „не е лошо“.

Насмевките полека почнаа да се враќаат кога, освен бројката на гласови, ДИК почна да ги објавува и проекциите за освоени мандати. Тука видоа дека, и покрај тоа што предноста на Левица веќе надмина 10 илјади гласа, заостануваат само еден пратеник зад таа партија – односно шест наспрема пет пратенички места.

„Само неколку месеци постоиме, а веќе имаме пратеници“, коментираа членовите меѓу себе.

Коалицирање или конструктивна опозиција

Максим Димитриевски: Создадовме нов политички субјект | Фото: БИРН

Обраќањето на Димитриевски, првично најавено за 23 часот, се помести за 22, па повторно се одложи откако стигна информацијата дека лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, веќе го зафатил тој термин. Штабот на ЗНАМ трпеливо чекаше да заврши говорот на поранешниот премиер и веднаш направи шпалир од канцелариската врата до говорницата. Партискиот лидер речиси со потскокнување го помина тоа растојание од десетина чекори, поздравувајќи се со што повеќе луѓе.

„ЗНАМ од вечерва ја почнува својата борба за достоинствена Македонија! Веќе нема да живееме во црно-сив свет, туку етаблираме нов политички субјект на македонската политичка сцена и работите нема да бидат исти“, рече тој во поздравниот говор.

Додаде дека неговиот личен план е да остане градоначалник на Куманово бидејќи тоа им го ветил на кумановци, а за понатамошниот пат на движењето ги остави отворени сите опции.

„Секогаш ќе бидеме на располагање на која било идна власт, кога се во прашање државните и национални интереси, но дополнително партиското раководство ќе ги разгледа сите можности и опции за коалицирање или да работиме како конструктивна опозиција“, истакна Димитриевски.

До утрото, кога целосно беа пребројани ливчињата, ЗНАМ доби уште еден мандат, вкупно шест. Донтовиот модел на распределба на мандатите овојпат одигра во нивна корист, иако Левица заврши со 12 илјади гласа предност во „малото финале“ на овој изборен процес.