Добра волја за бришење зборови

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Сите овдешни „културни“ или „научни“ афери и полемики, барем во последните десетина години, се обидуваат да одговорат на прашањето „дали?“, а не, на пример, на прашањето „зошто?“ или „како?“.

Дали Дарко Лешоски е „подобен“ да биде претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата? Дали треба да ја има оваа или онаа одредница во Енциклопедијата на МАНУ? Дали треба да се изгради „Скопје 2014“? Дали треба да се финансира овој или оној „културен“ проект? И, конечно: Дали во Дигиталниот речник на македонскиот јазик треба да бидат застапени зборовите што подразбираат навреда и дискриминација на одредени етнички чувства?

Се разбира, прашалната форма „дали?“ е децидна и таа бара дециден одговор: да или не! Одговорот на ова прашање не поднесува преиспитувања, толкувања, нијанси, валери, преливни бои… Токму сето она што го подразбираат културата, науката, образованието…

Историски гледано, секое политичко „чистење“ на некој јазик никогаш не донело ништо добро за неговите говорители, а богами ни за оние околу нив

Затоа секогаш и редовно на ова прашање одговорот го дава – политиката! Да се разбереме, никој не вели дека нема и не треба да има културни, образовни, научни… политики. Она што не треба да го има се дневните политики во овие области.

Историски гледано, секое политичко „чистење“ на некој јазик никогаш не донело ништо добро за неговите говорители, а богами ни за оние околу нив. Првата работа што ја прави ѕидописецот со талент во најава, Адолф Хитлер, откога ќе дојде на власт, е – прочистување на германскиот јазик. Првата работа што се спроведува во краткотрајната фашистичка државна творба НДХ е создавање нов речник и нов правопис. На крвавите југословенски војни им претходеа жолчните поделби на дотогаш единствениот српско-хрватски, односно хрватско-српски јазик.

Не ни е поентата „чистењето“ на Дигиталниот речник на македонскиот јазик да го споредуваме со кој било од овие процеси, ама затоа поентата ни е навреме да предупредиме дека оној што со зборовите си игра, може и од оган да се изгори.

Ова важи особено за вакви брзи, и со самото тоа непромислени, реакции. Имено, Толковниот речник е повеќедецениски проект на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (шесте тома се објавувани од 2003 до 2014 година), а неговата дигитална, и сега веќе спорна верзија е промовирана на 5 мај годинава, по повод Денот на македонскиот јазик и стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески.

Промовирајќи ја оваа дигитална верзија, премиерот Зоран Заев, меѓу другото, ќе каже: „Македонците се народ со богата лексика, со долга јазична традиција и со лексичко наследство, кое не може да се оспори“. Веќе следниот ден од „лексичкото наследство што не може да се оспори“ беа тргнати зборовите што означуваат дискриминаторски однос кон припадниците на ромската заедница.

Дека станува збор за политичка, а не за лингвистичка одлука, потврдува и раководителката на проектот Снежана Велковска од Институтот „Крсте Мисирков“, која за Радио МОФ ќе изјави: „Зборовите беа повлечени од Владата. Тие што ги повлекоа, тие нека ви кажат… Тоа е политичка одлука и нема врска со наука. Зборовите беа повлечени за мир во куќа“.

Од Владата за истиот медиум велат дека „низ овој пример сведочиме учество на граѓаните во унапредување на јазикот како жива материја и негово негување и од социо-лингвистички аспект согласно современите општествени текови и вредности“, односно потврдуваат дека главниот притисок е извршен од граѓанските организации за заштита и унапредување на правата на Ромите.

Во таа насока се движи и изјавата на директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова Грујовска, која во изјава за медиумите вели дека во знак на добра волја на редакцијата е одлучено да се тргнат зборовите што пречат некому, иако тоа се коси со правилата што постојат во еден лексикографски труд.

Ако Институтот вака бргу прифаќа измени под политички притисок во својот „капитален повеќедецениски проект“, тогаш останува прашањето како тој проект е воопшто направен? Колку во него навистина има наука, а колку добра волја?

Ваквата брза, да не кажеме брзоплета реакција, отвора многу прашања. Најбаналното од сите би било: дали граѓанските организации се навистина тие што се овластени да редактираат едно лексикографско издание? Замислете да постои здружение на луѓе со големи носови. Дали Институтот ќе покаже добра волја и од Речникот ќе го тргне зборот „носло“ како навредлив за цела една заедница? Дали од Владата ќе кажат дека тоа е „учество на граѓаните во унапредување на јазикот како жива материја“? Или ќе биде проценето дека политичката „тежина“ на луѓето со големи носеви не е толку голема за да се интервенира во тукушто објавената дигитална верзија на Речникот?

Се разбира дека со овој пример го карикираме случајот, но ако е преседанот веќе направен, што ги спречува и сите други невладини организации да реагираат на ваков начин, а Институтот да покаже „добра волја“? Или и тука ќе се проценува „политичката тежина“. На крајот на краиштата, преку медиумите и преку социјалните мрежи, свои реакции упатија и многу лингвисти и научници, ама тоа за Владата се чини не беше доволно „учество на граѓаните во унапредување на јазикот“.

Ова нѐ доведува до едно многу посериозно прашање. Имено, ако Институтот вака бргу прифаќа измени под политички притисок во својот „капитален повеќедецениски проект“, тогаш останува прашањето како тој проект е воопшто направен? Колку во него навистина има наука, а колку добра волја?

Во ваков случај, добронамерните би рекле дека не треба да се повлекуваат зборови, туку дека треба да се повлече целиот Речник и темелно да се ревидира. За тоа, впрочем, постојат и низа други аргументи, односно недоследности во речникот, видливи и за обичните лаици.

На пример, во речникот функционира зборот „ѓуптин“, веројатно затоа што ниту едно здружение за заштита на правата на Еѓупците во Република Северна Македонија не видело ништо навредливо или дискриминирачко во овој термин.  Но, еве, и да се ревидира Речникот, кој тврди и ревидираната верзија нема да изрази „добра волја кон новите социо-општествени околности“?

Големиот Ацо Шопов во својата антологиска песна „Раѓање на зборот“ ја опишува целата творечка, па и физичка мака при пронаоѓањето и создавањето на некој соодветен збор. Бришењето на тој збор очигледно е многу поедноставна и поефикасна работа. Плус политички поконјуктурна.

На почетокот беше зборот. А потоа го избришавме!