Договорено интубирање

Бог за седум дена го создал светот, а ние и по 88 дена вонредна состојба не успеавме да создадеме индивидуална култура за заштита од Ковид-19. На домашните политички „богови“ им остануваат уште два (2) дена можност за да ги усогласат ставовите за изборен датум, кој не го усогласија ни во изминативе 30 и кусур денови.

Надежта умира последна. Респираторот сега е во претседателскиот кабинет, интубирањето е закажано во 18.30 часот.

Прилично нестандардна ситуација за сите на кои устата им е полна со „парламентарна демократија“, а во земја која од февруари е со распуштен парламент, а од јануари со техничка влада, која има мандат да спроведе избори, и која само во вонредна состојба може да се добие законодавни надлежности и да носи уредби со законска сила. Тие уредби, кои се главно сет од економски мерки за справување со последиците од Ковид -19, опозицијата со денови ги нарекува „изборен поткуп“.

И покрај тоа, каков парадокс: опозицијата бара да продолжи вонредната состојба, со што уредбите кои жестоко ги критикува, би продолжиле да се носат.

Ваквата позиција се нарекува „знаат што не сакаат, но не знаат што сакаат“.

Една поговорка вели дека болеста го напушта домаќинот кога веќе не може да го препознае. Може да ја толкувате на разни начини, но правилен е само еден

Во целата ситуација се прави и замена на тези – дека справувањето со здравствените биланси од Ковид-19 е поврзано со постоењето вонредна состојба. Ни полицискиот час, ниту здравствените мерки немаат врска со тоа дали земјата е во вонредна состојба. Можат да се носат и без неа, а имаат врска единствено со стручни проценки и мерки, и граѓанска етика и одговорност.

Ние сѐ уште сме во вонредна состојба. Но, дали тоа ѝ значело нешто на онаа дипломирана лекарка (ако има правда никогаш не треба да добие лиценца за работа), која со лажен исказ и со несовесно однесување ја контаминираше Гинеколошко-акушерската клиника, потоа една приватна клиника, а на крајот и Инфективната клиника, од каде што во изолација испрати десетици здравствени работници. А притоа на мистериозен начин исчезна и нејзиниот лажен исказ!

За жал, не е единствена во давањето лажни податоци и во ширењето на кругот на зараза. Што треба да прават министерот за здравство и Комисијата за заразни болести? Да инсталираат детектори за лаги? Или да изигруваат телохранители, кога роднини на хоспитализирани им се закануваат на здравствените работници? Знаете на кого му се закануваат? На оние кои со часови прекувремено работат и се варат под скафандери, визири, маски и ракавици.

Да ве потсетам, тоа се истите оние на кои од срце им аплаудиравме, ги кревавме до небо, ги храбревме седејќи во домашните фотелји. Ние сме повеќе подготвени за чалам, отколку за дела. Во нашиот себичен светоглед нема свест дека со секој наш ќеф реализиран преку кршење на мерките и протоколите, дополнително им ја одземаме можноста на здравствените работници и тие барем малку да бидат со своите деца или родители.

Се ситниме себеси, но го ситниме и нивниот број секој ден. Со такво неодговорно однесување предизвикуваме повеќекратна штета. Ем ги осудуваме да гинат од работа, ем им го саботираме и девалвираме сработеното, ем им го загрозуваме здравјето, ем ризикуваме да останеме без здравствен кадар што треба да нѐ лекува. Си ја сечеме гранката на која седиме.

Ни полицискиот час, ниту здравствените мерки немаат врска со тоа дали земјата е во вонредна состојба. Можат да се носат и без неа, а имаат врска единствено со стручни проценки и мерки, и граѓанска етика и одговорност

А, кога ќе стане густо, сите се прават дека „не се од овде“: Ауу, од каде толкав број на заразени? Е, па од гостите поканети на мекици, од скришните свадби, имендени, родендени, журки и маалски веселби, без маски и без дистанца. Од неносење маски за да не се избрише пудрата или карминот. Од носење маски само во џеб, во случај да те запре полиција. Од неверување дека вирусот постои. Од инает. Од фрустрации. Од бунтовништво без причина. Од незнаење. Од партиски активисти што делат флаери. Од теретана. Од кафеана. Од лидери што се знаат, само не слушнале дека не смее да се седи во затворен дел на угостителски објект.

Од тоа што полицаец „не гледа“ дека зад него турбо работи продавница за време на полициски час. Од тоа што не гледа дека врие од купувачи, кои во тоа време треба да бидат дома. Тоа се тие ситуации по кои „крадецот“ повикува – „држ’те го крадецот“. Toa e таа демагогија, во која загриженоста за здравствената состојба тргнува од лицемерното „не гледај што правам, слушај како критикувам“.

За да биде лакрдијата комплетна, тука се и дебатите од типот „која мачка повеќе лови глувци – црна или бела“, односно „чии“ експерти се подобри, „чии“ полицајци поефикасни, и сето тоа во систем кој ниту подразбира, ниту може да поднесе толкава разорна доза на партиско поглаварство и партизираност. Најмалку во време кога главната  мантра е „здравјето како приоритет“.

Гледано од аспект на ваквото поведение, помалку важно е кога ќе има парламентарни избори. Многу поважно е кога ќе израснеме и созрееме како општество и кога знаењето и здравиот разум ќе го победат нивниот антипод.

Здравјето, пред сѐ, е знак за внатрешен мир. Една поговорка вели дека болеста го напушта домаќинот кога веќе не може да го препознае. Може да ја толкувате на разни начини, но правилен е само еден.