Домашниот оџак

Како што прашањето за историјата доби конкуренција во неколку други сфери (економија, инфраструктура, култура/образование, интеграции), така и на домашен план спорот со Бугарија мора да биде ставен во конкуренција со други – внатрешни прашања.

Не е проблем тоа што Ковачевски во првата недела од својот мандат три дена помина во активности поврзани со новиот пристап во односите со Бугарија. Тоа е израз на јасна политичка волја, бидејќи навистина се очекуваше од новите влади во двете земји да го откочат процесот и да го стават на поинакви шини.   

Сега кога стартот е оптимистички, а првите разменети пораки охрабрувачки, новата македонска влада ќe мора да внимава да не ја повтори грешката на првата влада на Заев, чиј мандат речиси целосно помина во знакот на напорите да се постигне Преспанскиот договор.

Македонија мора да покаже дека има капацитет да расте и да напредува, без оглед на екстерните пречки пред кои ќе биде исправена, а тоа може да го покаже само и единствено со свои резултати

Добро е што тој се постигна. Но, ако во тој процес, покрај премиерот, објективни обврски имаа уште двајца-тројца министри/ресори, другите ресори навистина на никаков начин не беа тангирани со учество во решавање на тој спор. Па, сепак, дел од нив во меѓувреме останаа во сенка на доминантниот наратив – пробивањето на бариерите со Грција, со што се заплеткаа во мрежата на летаргија и минимална оперативност, никакви резултати, многу чалам, а, за жал, не ја добија ни очекуваната „метла“.

Зошто? Затоа што „врвот“ беше презафатен со „Преспа“. И неслучајно, премиерот почна да добива бројни повици „Заев, врати се дома“, со пораки дека паралелно треба да се работи и на други проблеми. Па, откако во Нивици беа собрани сите меѓународни ловорики за успешното решавање на билатералниот спор со Грција, очекувано беше на ред да дојде прашањето: А до каде стигнавме со решавањето на „обичните“ домашни прашања?

Сега се движиме кон сличен таков ризик. Повторно целиот наратив е киднапиран од разговорите Скопје – Софија, кои навистина бараат многу време, енергија и посветеност. И тоа не е проблем само овде. Критики трпи и бугарскиот премиер Кирил Петков, со обвинувања дека „се фатил само за Македонија“, покрај толку многу горечки теми во бугарското општество.

Она што сега треба да го направи македонската влада – е да направи силен баланс меѓу посветеноста на билатералниот спор и не помалку внимание за важните прашања дома. Со оглед дека веќе се формирани заеднички меѓуресорски групи што имаат договорена прецизна агенда и динамика за работа, време е од утре да деескалира политичката и општествена опседнатост и втренченост кон ова прашање.

Важно е и општеството да се ослободи од притисокот и впечатокот дека ова е прашање „да се биде или не“. Во спротивно, наелектризираноста само ќе расте. Напротив, „ќе нѐ биде или не“, најмногу зависи од нас, од домашната продуктивност, од умешноста за справување со кризите, од волјата да ги менуваме лошите практики, од подготвеноста да се реформираме себеси и општеството.

Другите институции со делокруг надвор од корпусот прашања меѓу Скопје и Софија мора да работат, а не да бидат набљудувачи, затскриени навивачи или корисници на лажно алиби. Рефлекторите итно мора да се свртат кон внатре, за да не може отсуството на витални активности да се покрива со лажни генерални оправдувања „сега решаваме важни прашања со Бугарија“.

Да, и натаму ќе разговараме со соседите, ќе се обидуваме да ги решиме проблемите, ама точно ќе се знае кој го прави тоа. Не е добро целото општество да се занимава со спорот. Зошто? Ако прашањето се излее од институционалните рамки каде што треба да се решава, лесно може да се претвори во масовно патриотско мерење на мускулите меѓу двете страни од границата, во време кога и двете општества не се целосно зрели да се соочат со таков „залак“.

Во таква наелектризирана атмосфера бргу ќе истече договорената рамка од неколку месеци и бргу ќе се види дали активностите на работните групи дале резултат. Ако се стигне до некое решение, тоа ќе мора прво да го помине филтерот на парламентите и на јавноста во двете земји. Но, што ако се покаже дека многу помалку време било потребно за да се стигне до решение, отколку да се обезбеди поддршка за него во двете „зовриени“ општества, само затоа што конците биле испуштени, па сите се препуштиле на нивен начин на „решавање“ на спорот, често преку говор што не одразува пријателство и добрососедство.

Она што сега треба да го направи македонската влада – е да направи силен баланс меѓу посветеноста на билатералниот спор и не помалку внимание за важните прашања дома

Тоа може да стане голем проблем. Но, неговото решение не го гледам во идеите за институционализирање на контролата врз говорот на омраза во двете земји, бидејќи тоа може да заличи на цензура, која ќе предизвика контраефекти и дополнителна недоверба, покрај сегашната.

Решението е во наоѓањето вистинска мера, со која секоја страна ќе комуницира со својата јавност, објаснувајќи ги аргументирано штетите од говорот на омраза и придобивките од сѐ што е спротивно на тоа. Довербата не се гради само со контакти на работните групи, туку преку зреење и комуникација на сите категории во двете општества.

На крајот, и ако се постигне договор, а особено ако не се постигне, секако ќе дојде на ред истото прашање како по „Преспа“: што друго сработивме во меѓувреме? Одговорот не смее да биде „ништо“. Прашањето е дали сакаме да учиме од грешките или сакаме да заборавиме колку „патриоти“ произведе две и пол деценискиот конфликт со Грција, колкава стагнација и изолација донесе и колку антикоманијата ги наруши преговарачките позиции на земјава?

Би било крајно неодговорно ако дозволиме таа грешка да ни се повтори, па дури и ако не се постигне решение. Македонија мора да покаже дека има капацитет да расте и да напредува, без оглед на екстерните пречки пред кои ќе биде исправена, а тоа може да го покаже само и единствено со свои резултати.

И затоа најголемата штета што самите може да си ја приредиме ќе биде ако останеме без резултати во други сфери додека течат преговорите. Во таков случај, а при неуспех со Бугарија, тоа би било двојна штета. Затоа, нека се бараат решенија, ама и домашниот оџак мора да чури. Ако успешно си ги решаваме домашните проблеми, дури и да не се постигне договор со Софија, разочарувањето ќе биде помало. Ќе знаеме дека она што зависело само од нас, сме го завршиле.