Вести

Пресудата за предметот „Триста“ на СЈО потврдена и на Врховен


Уште еден предмет на специјалното јавно обвинителство ги помина сите три домашни правосудни филтри. Врховниот суд, пред една недела ја објави пресудата што ја донел во ноември лани, со која потврдува дека пониските судови правилно го пресудиле предметот „Триста“ на СЈО.

Откако Апелациониот суд еднаш го врати на повторно судење, а вториот пат ја потврди пресудата за „Триста“, единствениот обвинет во случајот, поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, преку неговите адвокати побара врховните судии вонредно да ги преиспитаат првостепената и второстепената пресуда.

Поповски е осуден затоа што ги злоупотребил службената положба и овластувањето при набавка на полициски возила „шкода“, на начин што тендерот го доделил на фирми, кои не биле економски најповолни. Со тоа, според образложението на судот, го оштетил државниот буџет.

Осудениот навел дека нема штета врз буџетот, го оспорил вештачењето, „бомбата“ што била изведена како доказ… Навел дека го потпишал она што му го доставила Комисијата за јавни набавки.

Но, петтемина врховни судии не нашле грешка во работата на колегите од пониските судови, па потврдиле дека фактите се правилно утврдени, а Поповски е виновен.

Казната останува иста: од првично досудените девет, на пет години затвор и враќање на надоместената штета во буџетот на државата од над 430 илјади евра.

Во пресудата пишува: „Осудениот како службено лице помошник-министер во Министерството, овластен од министерот за внатрешни работи да ги спроведува постапките за јавни набавки, бил должен да постапува согласно Законот за јавни набавки…“

Поповски е осуден и во предметот „Тенк“, за набавката на екстралуксузниот „мерцедес“, за која беше осуден и Никола Груевски. Таму доби 4,5 години затвор.

Судот врз основа на двете пресуди му определи единствена затворска казна.