Дриблинг за бараж

Отприлика во исто време кога Стефан Ашковски со велемајсторски дриблинг се ослободи од неколку ерменски фудбалери и така му овозможи на Александар Трајковски да ја начне ерменската мрежа и да ѝ го отвори патот на македонската фудбалска репрезентација кон историскиот бараж за Светското првенство во Катар, во Собранието на Република Северна Македонија стана јасно дека тогашниот пратеник на Беса Кастриот Реџепи со велемајсторски дриблинг се ослободи од своите дотогашни сопартијци и од таканареченото ново парламентарно мнозинство и така да им овозможи на Зоран Заев и неговата влада да продолжат во политичкиот бараж.

На македонската фудбалска репрезентација ѝ остана да ја извојува рутинската победа над Исланд, а на актуелната владејачка коалиција рутински да го задржи мнозинството.

Како што може да се види, и фудбалот и политиката се мошне едноставни, но истовремено и мошне комплицирани игри. И за двете се потребни: добар стратег, вешти играчи, сериозни статистички показатели и – целосен преглед на теренот. Се чини дека македонските фудбалери беа на сите овие полиња подобри и од Ерменците и од Исланѓаните, а владејачката коалиција од опозицијата.

И така доаѓаме до македонскиот политички парадокс: ако сакаат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да ги остварат своите слогани „Едно општество за сите“, односно „Македонија за сите луѓе“, тогаш треба да го поразат и понижат противникот. А на тој начин никако не е можно ниту општеството за сите, ниту Македонија за сите луѓе

Погрешната математика на Исланд остави вишок играч во нивниот казнен простор, па Езџан Алиоски го даде оној брз и велемајсторски гол. Погрешната математика на опозицијата доведе до погрешен заклучок дека Беса има три пратеника во парламентот, некако превидувајќи дека лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, со изборот за градоначалник на Тетово практично го губи пратеничкиот мандат, а со исклучувањето на Реџепи од редовите на партијата, го губи и второто пратеничко место.

Сега за СДСМ навистина останува рутинска задача да го надомести тој еден пратеник што го губи со излегувањето на Беса од парламентарното мнозинство. Сегашната пата-пата ситуација сугерира дека ниту позицијата, ниту опозицијата имаат мнозинство, што преведено на спортски речник не значи ништо друго, туку – бараж (од францускиот barrer – да се израмни). Сега останува да се види кој има подобри мајстори на мал простор, односно кој подобро ќе го издрибла противникот.

Легендата вели дека дриблингот го измислил сега веќе подзаборавениот бразилски фудбалер Артур Фриденрајх (Arthur Friedenrich), човекот за кого се вели дека има дадено повеќе голови од Меси, Марадона и Роналдо заедно. Фриденрајх е првиот црн фудбалер кому му е дозволено да игра во „белите“ бразилски екипи, но и во бразилската фудбалска репрезентација.

Бојата на неговата кожа буквално ги буди насилничките инстинкти на противничките играчи, кои несанкционирано го малтретираат и буквално да го тепаат на терен. Во неговиот дебитантски натпревар за бразилската репрезентација во 1914 година против извесен клуб Ексетер сити му се искршени предните два заба. Името на насилниот играч, фудбалската историја не го запишува.

Значи, дриблингот во овој случај не е измислен за да се воодушеви публиката, туку буквално играчот да ги сочува своите заби и своите коски на местата каде што припаѓаат. Со дриблингот се ослободуваш од противниците, а во случајот со Артур Фриденрајх може слободно да се каже дека дриблингот е бегство во слобода.

Она што е важно тука да се истакне, дека дриблингот подразбира една круцијална особина што ја поврзува политиката со фудбалот. Целта на успешниот дриблинг е да се понижи противникот. Да се покори. Или, како што на едно место забележува Марко Томаш, не постои апсолутна слобода, односно слобода за сите. За да бидете вие слободни, противникот мора да биде покорен, неслободен, заробен…

Во дриблингот сѐ е дозволено, сите финти и трикови со нозете и телото, измами и магии, па дури и удари под појас, се разбира ако не ве види судијата. Добар дриблинг, на пример кога ќе му ја протнете топката на противникот меѓу нозе, предизвикува ерупции воодушевување.

Како што може да се види, и фудбалот и политиката се мошне едноставни, но истовремено и мошне комплицирани игри. И за двете се потребни: добар стратег, вешти играчи, сериозни статистички показатели и – целосен преглед на теренот

Публиката е таква по својот карактер, сака да го види противникот посрамен и понижен. Само тогаш е задоволна. Ако е дриблингот лош и неспретен, ако лесно ве „читаат“, тогаш вие останувате понижени и засрамени, а публиката жестоко ве исвиркува. Игра е тоа на голем ризик, без малку на сѐ или ништо.

И така доаѓаме до македонскиот политички парадокс: ако сакаат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да ги остварат своите слогани „Едно општество за сите“, односно „Македонија за сите луѓе“, тогаш треба да го поразат и понижат противникот. А на тој начин никако не е можно ниту општеството за сите, ниту Македонија за сите луѓе.

Во таа смисла, несудените оставки на Зоран Заев, колку и да изгледаат политички дилетантски, сепак се своевидна мајсторија на мал терен. Со нив, од една страна, Заев ја „издрибла“ опозицијата, покажувајќи ја нивната немоќ да се спротивстават на власта, а од друга страна прати јасна порака до Европската Унија во смисла што може да ги очекува ако опозицијата навистина во овој момент ја преземе власта.

Но, дриблингот не е цел сама по себе. Кога ќе се ослободите од противничкиот играч треба нешто да правите со топката. Да знаете каде со неа и што ви е крајната цел поради која сте дриблале.

Во спротивно, целата игра е само губење време.