Дрнч и шопска

Прибе следната недела доаѓа во Скопје. Да, истиот Рајнхард Прибе, добронамерниот господин, кој во 2015 година ја предводеше петчлената експертска група ангажирана од Европската комисија, задолжена да изработи анализа за нашите состојби во екот на тогашната политичка криза и да даде препораки за нивно решавање.

Сега доаѓа по сосема друг повод, ама ќе нѐ затекне во многу слични (не)прилики како пред 8 години. За тие што заборавиле – да потсетам: групата на Прибе во 2015 година идентификуваше значајни недостатоци, главно во пет сфери: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешен надзор од независни тела, избори и медиуми. Врз основа на наодите, групата даде препораки што беа поврзани со спроведувањето на итните реформски приоритети, поставени од ЕК.

Извештајот на Прибе и препораките станаа рендген-снимка за нашите состојби, а во неговото име се крстеа сите што излезот од кризата го гледаа во темелни промени. Тогашната еуфорија и ветувања за реформи речиси наликуваа на „друже Прибе, ми ти се кунемо…“ Но, и по толку години, тој практично нѐ затекнува со празни графи за резултати.

Нашите „ресурси и сили“ на кои повикуваше Прибе, и натаму се раскарани и рововски поделени, сместени зад партиски фортификации

Неговото име ме потсетува на нашата непроменливост. Тој нема да биде изненаден. Доволно е запознаен со нашите состојби, бидејќи во меѓувреме ни беше чест гостин. По првиот извештај од јуни 2015, во 2017 година беше објавен и втор Извештај од групата на Прибе, во кој, меѓу другото, беше нотиран бавен напредок во промената на утврдените слабости. Таа година тој дојде на Охридската школа на природно право на МАНУ, но и во мај 2018 година, кога повторно говореше за Планот за итни реформски приоритети. Иако беше предложен за член на Академијата надвор од нејзиниот работен состав, не го помина филтерот на МАНУ. Така нашата институција си го задржа „нивото“.

Во јуни 2018 година, во Охрид присуствуваше на Меѓународна научна конференција за реформите на безбедносниот систем. Прашан – која од неговите препораки е најклучна во тој момент, рече: „Не можам да издвојам некоја препорака посебно, бидејќи се работи за серија реформи. Сите ресурси и сили во Македонија треба да се насочат кон тоа да се обезбеди владеење на правото. Тоа е централен приоритет за да се дојде до прогрес. Реформите треба да се направат, не само за да влезете во Унијата, туку за ваше добро“.

И денес неговиот одговор има иста важност, бидејќи ние не ги менуваме состојбите и навиките, туку правиме обрт на празни ветувања. Како нè остава, така нѐ наоѓа. Сега ќе нè затекне во гласна дебата за разликата меѓу формалната и суштинската транспарентност, не само за Договорот за изградбата на коридорите 8 и 10 д, туку и поради недостигот од најелементарна информација – на која локација ќе биде означен почетокот на изградбата. Ете, до таму стигнавме.

Наместо транспарентност, слушаме за деловни тајни, достижни само за сопствениците на безбедносни сертификати, издадени од институции врз кој правото на надзор наликува на полудневна екскурзија, од која се враќаш со помалку сознанија од оние со кои си дошол.

Нашите „ресурси и сили“ на кои повикуваше Прибе, и натаму се раскарани и рововски поделени, сместени зад партиски фортификации во кои никогаш не се зборува за дијалог и примирје, туку за нови антагонизми. И сето тоа во име на европските вредности и стандарди, кои во нашата искривоколчена практика резултираат со сѐ послаби институции и со сѐ послаба политичка понуда.

И за чудо, ништо не нѐ вади толку од зачмаеноста, колку цените на доматите и краставиците. Бидејќи сите други проблеми ни се решени, останува „битката“ за дрнч, ама барем во пакет со порција шопска

Целата анатомија на институционалното разградување на државниот организам и набрзина вградените „стентови“, божем заради подобар проток на правдата, се резултат само на нашата мимикрија да глумиме реформи. Не е потребен нов експертски скен за да се утврди дека се вртиме околу истите теми како пред 8 години. И тогаш имаше критики околу проценти од патиштата („Миле, да не е многу?“) и сега има сомнежи на истата тема, само друга екипа е во прашање.

Ни дебатите за етничките проценти не изгубија на интензитет – се бара замена на јазичните „20 отсто“. Никој не се потресува само за една единствена бројка: фамозните „10 отсто“ што го отсликуваат ниското ниво на имплементација на Националната стратегија за борба против корупцијата.

Во неа има јасни и прецизни задачи за секоја институција, ама „кој ги врти“. Парламентот сѐ уште не го разгледал ни Извештајот на ДКСК на оваа тема за 2021, а го завршуваме првиот квартал од 2023 година.

За што зборуваме, тогаш? Предозирани сме од конференции на кои амбасадори искажуваат разочараност од нашиот недоволен ангажман за борба против корупцијата, додека седат рамо до рамо со функционери од извршната власт, кои божем загрижени повторуваат едни исти фрази – „мора“, „треба“ „под итно“, и потоа ништо не преземаат. Освен, во обратна насока. А на следната конференција – пак истото.

Тоа е како 365 дена да те хранат со еден ист, подгреан ручек, налик на чорбата што војниците ја нарекуваат „дрнч“, според името на средството за чистење на оружјето. Дрнч по дрнч, со години дрндаме за исти теми, се храниме со истите бучкуруши, и што е најстрашно, како да се навикнуваме на непроменливоста на нештата и на една анестезирана неактивност. И за чудо, ништо не нѐ вади толку од зачмаеноста, колку цените на доматите и краставиците. Бидејќи сите други проблеми ни се решени, останува „битката“ за дрнч, ама барем во пакет со порција шопска. И после Цацко ќе ни биде крив. 

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија