ДУИнг бизнис со рудниците на смртта

Деновиве, македонските медиуми излегоа со бомбастични наслови од типот „ДУИ купува рудници во источна Македонија“. Во суштина станува збор за фејсбук-објавата на страницата на еколошкото друштво „Здрава котлина“, чија основна преокупација е токму спречување на отворање на овие „рудници на смртта“, како што ги нарекуваат.

Конечно, ваквиот граѓански активизам доведе и до одлуката на владата од 2019 година да ја одземе концесијата на „Еуромакс рисорсис“ за експлоатација на бакар и злато на потегот Иловица – Штука, таканаречената „Иловица 6“.

„Еуромакс рисорсес“ го потпиша договорот за концесија со владата на Никола Груевски во 2012 година, а владата на Зоран Заев ја поништи концесијата, како едно од нивните предизборни ветувања. Меѓутоа, „Еуромакс рисорсис“ има уште една концесија, таканаречената „Иловица 11“, која уште не е формално поништена.

Каде настанува пресвртот?

„Здрава котлина“ веќе подолго време предупредува дека една од најбогатите овдешни фирми, меѓународната корпорација „Еколог“ на тетовското семејство Дестани (основач е Назиф Дестани), која се смета за блиска на ДУИ (таткото на семејството, Љазим Дестани, беше споменуван како кандидат на ДУИ за премиер, во онаа нивна предизборна кампања „Зошто не?“) има намера да го откупи „Еуромакс“.

Во својата објава од 27 јануари, „Здрава котлина“, меѓу другото, пишува: „Преку холандскиот холдинг NDX BV се купија акции од Еуромакс ресурси, во вредност од 3 милиони американски долари и се договори дополнителни финансии од 10 милиони канадски долари за докупување до вкупно 25 отсто од Еуромакс ресурси, под услов во следните 2 години Еуромакс да добие дозвола за еколошката студија, да ги спои концесиите и конечно да добие дозвола за експлоатација.“

„Здрава котлина“ ја гледа врската со „Еколог“ преку потписникот на договорот за откуп на акции од страна на NDX B.V., Али Везаваеи, кој е воедно потпретседател на бордот директори на „Еколог“ и претседател на бордот директори на автомобилската компанија „e.GO Mobile“ (лоцирана во Германија), што стана позната кај нас по потпишаниот договор за државна помош за изградба на првата фабрика на електрични автомобили, лоцирана во Тетово.

„Здрава котлина“ е дефинитивно во право кога го крева црвениот аларм по повод објавената намера за откуп на акции на „Еуромакс“. Во прашање не е само загадување на животната средина. Сега станува збор и за загадување на севкупната општествена средина

Сепак, акциите од „Еуромакс рисорсес“, барем формално правно, ги откупува холандската фирма NDX, лоцирана во Ајндховен, а чиј главен директор е токму споменатиот Али Везаваеи. Оваа компанија всушност е дел од холандската корпорација ND Group, а основач на оваа корпорација е – тетовецот Назиф Дестани, основачот на „Еколог“!

Ако сакаме да бидеме прецизни, со овие три милиони американски долари, NDX всушност си го обезбедува правото на откуп на околу 22,3 проценти од „Еуромакс“ и со тоа станува втор најзначаен инвеститор во оваа компанија. Се разбира, ако се исполнат наведените услови од договорот и со доплата на споменатите десет милиони канадски долари.

Првиот инвеститор е големата мултинационална (и контроверзна) компанија „Трафигура“, а третиот, со околу 20 проценти, е Европската банка за обнова и развој, која влезе во управувачката структура на „Еуромакс“ кон крајот на 2014 година, со влог од околу пет милиони американски долари.

Во официјалното соопштение на Берзата во Торонто не се наведува од чие портфолио ќе бидат откупени акциите, туку само дека станува збор за договорна постапка (без посредство на брокер).

Во таа смисла, интересна е изјавата на извршниот претседател на „Еуромакс“ Тим Морган-Вин, дадена по тој повод: „Среќни сме што ја поздравуваме НД Групацијата како нов партнер во нашиот бизнис, заедно со Групацијата Трафигура. Богатото искуство на НД Груп низ Југоисточна Европа и нивното локално оперативно влијание преку нивното инвестициско портфолио во Република Северна Македонија ќе биде голема предност за нашиот проект за развој на рудникот. Резервите на бакар на Еуромакс претставуваат критична понуда на суровини, особено за брзорастечкиот сектор за одржлива мобилност, нагласувајќи ја важноста на Република Северна Македонија како иден производител на бакар за декарбонизација на европската економија“.

За неупатените, „декарбонизација на европската економија“, всушност, значи ослободување на производството од согорување на јаглерод. Со други зборови, она што е оценето кај нас како еколошки штетно, се претставува како еколошки спас за европското производство. Учеството на европските пари во македонските рударски копови и оваа порака на Тим Морган-Вин можат да значат извесен меѓународен притисок врз Македонија да дозволи изградба на површинскиот коп „Иловица – Штука“.

Одлуката да се откупи една четвртина од портфолиото на „Еуромакс“ значи дека некој имал однапред ветувања и информации како ќе заврши судската разврска за овој случај

Но, сепак, клучното прашање е зошто која било компанија би дала три милиони долари за концесија што е веќе одамна одземена? Затоа што концесијата, и покрај одлуката на владата, суштински – не е одземена. „Еуромакс“ се жалеше пред Управниот суд за оваа владина одлука. Управниот суд, трипати ја потврдуваше одлуката на владата, меѓутоа кон крајот на минатата година, Вишиот управен суд третпат ја усвои жалбата на „Еуромакс“ и по третпат го врати случајот пред Управниот суд.

Од друга страна, не е никаква тајна дека компанијата „Еколог“ има големо влијание во македонското општество. Освен што се смета за главен спонзор на ДУИ, таа го спонзорира фудбалскиот клуб Шкендија, има донирано десетици возила за Брза помош, стотици таблети за учениците низ Македонија, го одржува тетовскиот стадион… Речиси сите овдешни политички елити биле или се блиски со структурите од „Еколог“, па дури во јавноста се шпекулираше дека семејството Дестани го финансирало и поранешниот премиер Заев, а се споменуваа и повеќе нивни тајни средби.

Значи, „Здрава котлина“ е дефинитивно во право кога го крева црвениот аларм по повод објавената намера за откуп на акции на „Еуромакс“. Во прашање не е само загадување на животната средина. Сега станува збор и за загадување на севкупната општествена средина.

Одлуката да се откупи една четвртина од портфолиото на „Еуромакс“ значи дека некој имал однапред ветувања и информации како ќе заврши судската разврска за овој случај. Не морам да ја објаснувам моралната димензија на ваквото работење, меѓутоа морам да кажам дека тоа посредно или непосредно претпоставува притисок на судските органи. И тоа од позиција на политичка моќ.

Со други зборови, станува збор за ефектни и ефикасни резултати на партизацијата на сите овдешни институции.

Натаму, очигледната блискост на луѓето од компанијата со највисоките структури на власта гарантира привилегирана позиција на „Еуромакс“ (со новата сопственичка структура) во овдешните, не само пазарни, туку и производни услови. На пример, прогледување низ прсти на некои еколошки пропусти. Или олеснување за добивање на и онака добрите субвенции. Или, зошто да не, можеби некакво  перење пари (едно време „Еколог“ се обвинуваше токму за вакви малверзации).

За опасностите по животната средина потребен е уште еден ваков, ако не и поголем простор.

Пред неколку години, кога протестите против рударските копови беа актуелни, од еден мој пријател, од истокот на Македонија добив на подарок маичка со натпис „Стоп за рудниците на смртта“. Време е да ја побарам во мојот плакар и да ја актуализирам.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија