Висок ризик

Ако надлежните безбедносни институции процениле дека чествувањето на Гоце Делчев во Скопје, на 4 февруари ќе биде настан од „висок безбедносен ризик“, грешка е што таа проценка беше јавно соопштена по седницата на Советот на безбедност. Зошто? Кога „врие“, јасно е дека таа вест ќе предизвика многу поголема мобилизација на „ризични“ домаќини и гости отколку што реално би дошле, ако 4 февруари не добиеше таков епитет.  

Таква проценка не се раскажува. Таа треба да им служи на надлежните, за темелно да се организираат и да ги димензионираат своите активности за превенирање инциденти, блиски контакти на зовриени глави од двете страни на границата и ѓурултии полни со излив на омраза и непристојност.

Но, грешката е направена и еден куп запаленковци веста ја дочекаа како „повик на дивината“, сакаш од Бугарија, сакаш одовде. Па, се наредија повици за организирање блокади со трактори, камиони или некакви ноќни стражи. Нека си ја чукнат главата оние наши граѓани што планираат учество во вакви сценарија.

На сите треба да им биде јасно дека овде ќе се лови секој гест со кој ќе бидат дочекани бугарските граѓани, секој извик, секоја парола…

Гоце сигурно не би сакал да го „чуваат“ луѓе што светот го разбираат како поле за националистички натпревар. Така, ниту нему ќе му оддадат достојна почит, ниту ќе го одбранат своето, ниту достоинството на Македонија. Само ќе ги заверат обвинувањата на официјална Софија дека овде владее антибугарска хистерија. А некој го чека токму тоа.

На сите треба да им биде јасно дека овде ќе се лови секој гест со кој ќе бидат дочекани бугарските граѓани, секој извик, секоја парола… Од нашата свест и постапки зависи дали ќе им овозможиме на соседите да си заминат со „празни раце“, или ќе ги почестиме со обилен материјал, кој нивните политичари со месеци ќе го презентираат пред врвот на ЕУ, за да докажуваат дека вината е во Македонија.

Патем, ова не е само работа на институциите. Секој граѓанин на Македонија треба да направи сѐ, бугарските граѓани да можат да се поклонат пред гробот на Делчев во атмосфера достојна за великанот и достојна за имиџот на Македонија, како земја што сака да гради добрососедство. Како ќе се однесуваат гостите од соседството е нивна работа. Наша работа е да игнорираме провокации доколку ги има, и да храбриме атмосфера во која ќе ги нема.

Само така ќе покажеме дека не е историска случајност, туку историска правда што Делчев почива кај нас и што ние можеме да му се поклонуваме секој ден, не само на 4 февруари, 4 мај или 2 август. И дека тоа е чест што ни припаѓа нам, и ни прилега, и според човечката, и според културната широчина. Дека таа широчина е „полето“ низ кое треба да го пречекаме секој што го почитува и го цени неговото дело, кое е поголемо и од Македонија, и од Бугарија, и од двете заедно.

Затоа, на 4 февруари (и не само тогаш) треба да покажеме максимална смиреност и мудрост. Тие што евентуално планирале некаков националистички пир, тој ден треба да останат комплетно „без работа“. Да немаат партнер со кого ќе го остварат сценариото, никој да не им подлегнува на провокациите, да останат како во глува соба, игнорирани и осамени во своите намери.

Да не забораваме – тие што од некои интереси (далеку од европските) сакаат да ја прикажат Македонија како виновник за сегашните тензии меѓу Скопје и Софија, секогаш играат на една иста карта: од нашите емоции да произведат поени за нив.

Кога минатата недела напишав дека случајот Пендиков во Бугарија ќе се третира „на големо“, на некои тоа им изгледаше претерано. Ама се случи. Одат кон радикализација. Не го однесоа само Пендиков во Софија, си го повлекоа и амбасадорот. Ама не се повлекоа од присуство на 4 февруари. Сцената е поставена за нови предизвици, а на неа ние мора да бидеме позитивниот лик и да ги избегнеме сите стапици.

Ако е јасно колкав е влогот и колкава може да биде штетата, секој одговорен граѓанин на Македонија мора да биде свесен колку е важно да се покаже смиреност

По денешниот телефонски разговор на бугарскиот премиер со македонскиот, околу неопходноста без проблеми да помине годишнината од раѓањето на Делчев, најавено е дека в понеделник, во Скопје доаѓаат вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев и шефот на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС), Пламен Тончев. На работна средба со македонските колеги ќе ги „прецизираат заедничките дејства за гарантирање спокојна и безбедна средина за чествувањето на 4 февруари“.

Ова јавно демонстрирање бугарска грижа за безбедноста на нивни граѓани на тој настан, (каде што тежината на обврските е на нашите служби), значи и инвестирање во алиби: ако на 4 февруари се случат непосакувани сцени, бугарскиот наратив ќе биде – ете за ова говоревме, за ова предупредувавме, за ова алармиравме во ЕУ, ние направивме сѐ, ама соседите потфрлија.

Ако е јасно колкав е влогот и колкава може да биде штетата, секој одговорен граѓанин на Македонија мора да биде свесен колку е важно да се покаже смиреност. Тоа не е слабост, туку мудрост.

„Мудроста е ќерка на искуството“ (Леонардо да Винчи). По сите искуства на оваа тема, немаме право на грешка.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија