Ги видовме првите потези на новата влада. Раскусурување на меѓупартискиот и меѓукоалицискиот пазар преку нетранспарентно именување партиски кадри за директори на јавните претпријатија по фамозниот принцип „вршител на должност“. И – враќање на металната ограда околу владината зграда. Ете, тоа би требало биде најава за најавуваните промени.
Но, не е на одмет да се потсетиме дека и владата на Зоран Заев ги почна промените на речиси идентичен начин. Ја тргна оградата околу владината зграда. И тоа беше отприлика сѐ од промените!
Како што сега знаеме, огромен дел од оние „сите“ од слоганот на СДСМ „Едно општество за сите“, се чини не сфатија што тоа се менува во нивните животи со отстранувањето на оградата. Не знам дали сега гласачката машинерија ќе сфати каков квалитет во нивните животи ќе донесе враќањето на оградата и зошто воопшто се арчат владини седници, ресурси и време за поставување или отстранување некаква урбана опрема.
Очекувам следната владина седница да биде посветена на многу посериозното прашање дали на тротоарот пред владината зграда треба да се постават две нови канти за ѓубре или не. Ваквиот потег можеби навистина ќе придонесе за зголемување на квалитетот на животот на граѓаните.
Симболизам и ренесанса
Оградата нема никаква друга симболика, освен да оградува, да раздвојува, да се знае кое е и што е чие. Што се однесува до оградите, естетиката е секогаш во втор или во спореден план. Никогаш не е најбитно како изгледа оградата, туку дали ја врши својата функција.
Од друга страна, мора да се признае дека претходната влада ја тргна оградата, но затоа ја остави основата и столпчињата, веројатно исправно резонирајќи дека треба да им олесни на нивните наследници повторно да ја вратат.
Да се разбереме, половичното решение со отстранувањето на оградата, без да се отстранат основата и столпчињата, барем во естетска смисла, не личеше на ништо. Во таа смисла можам да ја разберам одлуката на владата. Но, само делумно, зашто ако навистина станува збор за естетика, тогаш, браќа, можете да почнете од фасадата на вашата зграда, па да продолжите по кејот на Вардар, сѐ до главниот плоштад. А за оградата, терај гајле, та ја било, та не ја било!
Но, не е на одмет да се потсетиме дека и владата на Зоран Заев ги почна промените на речиси идентичен начин. Ја тргна оградата околу владината зграда. И тоа беше отприлика сѐ од промените!
Но, да не се разбереме погрешно, констатацијата за естетиката важи и за владата на Заев. Имаа и тие каде да интервенираат, и тоа по истата рута, а, што се однесува до мене, оградата можеа и да ја тргнат и да ја остават. Сосема сеедно.
Се разбира дека ми е јасна симболиката на тргањето на оградата. Демек, на некое симболично ниво се покажува отвореност кон „обичниот човек“ (зошто тогаш е оставен парапетот), се ослободува јавен простор (небаре дворот на Владата е познато скопско шеталиште) и, што во тоа време беше доста истакнувано, се „ослободува“ за посети споменикот на ослободителите на Скопје (како божем катадневно да одевме да му се восхитуваме).
Единствениот ефект на целата операција е што можевме непречено да ја гледаме владината зграда и да се исчудуваме како е можно да е толку огрдена нејзината претходна верзија.
И, се разбира дека не ми е јасна симболиката на нејзиното повторно враќање. Каква порака се праќа? Дека во таа грда зграда седат некои недопирливи луѓе, некоја посебна каста или секта, па не може ниту во дворот да им се влезе? Еве им предлог, нека стават во дворот по два-три шарпланинци, питбулови и волчјаци и ќе бидат сигурни дека никој нема да им се приближи. Ама, слично како и (дел од) луѓето, кучињата треба да се хранат и негуваат. Инаку, имаат тие една необична карактеристика да го заменат господарот. Со оној што ќе ги храни.
Во некоја преносна смисла, луѓето се оградуваат од туѓи постапки, изјави, акти… И кога го прават тоа, никогаш не мислат дали се благоглаголиви, доволно елоквентни или поетски расположени. Напротив. Оградата, и во буквална, и во преносна смисла е само знак за оградување.
Градината, на пример, се нарекува градина, не поради тоа што потекнува од градот, туку затоа што е оградена. И затоа што е нечија и дека не може секој да влезе во неа, освен оној што ќе му биде дозволено да влезе.
Таа иста владина зграда беше симболот на врвната, монополска власт од времето на „едноумието“, а денешната номенклатура би рекла „времето на теророт и диктатурата“, тоа беше зградата на ЦК СКМ. Имам доволно години за да се сеќавам дека платото пред ЦК (сегашната Влада) никогаш не беше оградено и дека тогаш, такво ми е сеќавањето, многу пофреквентно се поминуваше крај зградата.
И никој не мислеше дека Централниот комитет на Партијата е транспарентен или дека му значат некакви симболи, какви и да се тие (освен, јасно, петокраката, српот и чеканот).
Со или без ограда
Еве, редејќи ги овие зборови за естетиката и симболите, ми дојде на ум еден миниесеј на Пабло Неруда за поезијата, објавен веројатно во 50-тите години на минатиот век. Тука Неруда раскажува една сопствена анегдота што му се врежала во сеќавањето од времето кога имал четири или пет години.
Вели дека одел да го истражува дворот на нивната семејна куќа. Го интересирале пределите зад оградата. И одејќи така крај оградата видел дупка во неа. Кога сакал да се приближи до дупката, оттаму излегла една рака. Всушност, раче на некое дете на иста или приближна возраст на Неруда. Малиот Пабло избегал, ама потоа се вратил. И видел пред дупката оставена пластична играчка. Бела овца со избледено крзно.
Неруда вели дека во животот не видел поубава овца. Отишол дома, зел една од неговите омилени шишарки, некои смоли и некои други дреболии што му биле важни и ги оставил од другата страна на оградата. Никогаш не го запознал другото дете. Не е наведено дали другото дете ги зело подароците што му ги оставило непознатото другарче. Она што Неруда го вели е дека така почувствувал блискост. Иако никогаш не го видел несуденото другарче. И така некако ја толкува својата поезија. Ја подарува на оние што (ќе) чувствуваат блискост со него и со неговите чувства.
Кога веќе навистина не постоеше никаква работа за војската, војниците садеа – тополи. Кога на следната генерација војници ќе им се случеше тој период, тие ги корнеа тополите. Следната ги садеше. Онаа потаму ги корнеше…
Пред многу години, кога го читав овој текст, навистина помислив дека не е проблемот во отуѓеноста, туку во оградите. Не е прашањето на раката во оградата („Рака во оградата“ – така мислам дека се викаше текстот на Неруда), туку во дупката на оградата.
Прашање е дали тоа „другото“ ќе му подарело играчка на малиот Пабло, ако воопшто немало огради. Или ако имало некоја стамена ограда без дупки. Во секој случај, наравоучението и тогаш, и денес ми беше дека мора да се прават што повеќе дупки во оградите. А оградите, ако веќе се уриваат, тогаш се уриваат од темел, без шанси некој друг да ги постави токму на истите темели.
Зошто тогаш ВМРО-ДПМНЕ ја враќа оградата, а оние, некои следни, повторно ќе ја отстранат, па пак некој ќе ја врати…?
И, сосема на крај, една дигресија, нешто што нема врска со овој текст и со нашите практики, едно предание од времето кога јас служев војска, односно ЈНА. Во тоа време важеше правилото дека војник секогаш мора да има некаква работа. Се сметаше за опасно да оставиш безработни војници.
Е, сега, кога веќе навистина не постоеше никаква работа за војската и не постоеше повеќе никаква барем малку логична наредба, војниците садеа – тополи. Кога на следната генерација војници ќе им се случеше тој период, тие ги корнеа тополите. Следната ги садеше. Онаа потаму ги корнеше… Ова, се разбира, нема никаква врска со оградата на владината зграда. Или можеби има?
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија