Еден од нас

Колумна на Ирена Цветковиќ

Чудно како една нација, која низ целиот свој живот била подучувана да се пази од „внатрешен непријател“, толку лесно се вљубува во автократи и олигарси што изградиле имиџ на обични луѓе, едни од нас. Речиси да не постои човек што не ја чул приказната или изреката за волците во овча кожа, оние што се претвораат дека ни се пријатели додека ни го цедат трудот, силата и времето, па, сепак, како речиси никогаш да не успеваме да ги препознаеме маскираните меѓу нас.

Овој политички маскенбал не е ништо друго, освен добро познат популистички рецепт. Заробени во приказната за светот што забегал, ние сме публика на една претстава изградена врз архетипови на негативци (луѓе што мислат различно од нас), жртви (ние што станува народот) и спасители (популистичките политичари).

Овие лажни спасители од непостоечки проблеми, овие волци во овча кожа се најопасни токму за своето стадо. Суштината на опасноста од оваа политика можеме да ја лоцираме и во една посовремено популаризирана варијанта на оваа изрека – „каменот од блиску доаѓа.“ И, навистина, верувајте на паталец, каменот секогаш доаѓа однатре, и тоа од оној што отсекогаш лажел и глумел дека е еден од нас.

Не само што глумат дека изгледаат како нас, иако веќе знаеме дека нашите и нивните часовници, чевли или јакни се драстично различни според цената и квалитетот, туку и глумат усогласеност во мислењето

Во поновата историја на Македонија, полево ориентираните граѓани веќе го искусија ова предавство. По Шарената револуција, левицата, онаа непартиска, веќе се соочи со својот камен одблиску. Сега е на ред десницата.

Откако завршија сите протести и иницијативи, кога моќта премина кај политичката партија, ние ги видовме волците во овча кожа меѓу нас, го искусивме изневерувањето и разочарувањето, на тежок начин научивме лекции и сега располагаме со практично знаење, кое може да биде поддршка на некоја идна политичка иницијатива.

Десницата го живее својот меден месец со сопствените волци. Ова се нивните времиња на божемна љубов, почит и споделени идеали. Уживајте додека можете зашто не постои универзум во кој еден милионер споделува што било со луѓе чии семејства живеат со 700 евра месечно.

Сега ги гледате вашите политички идоли како се сликаат додека пијат кафе во локалните кафулиња што ги познавате, како љубезно и насмеано разговараат со градежните работници, како јадат сендвичи со паштета и „паризер“. Вие сè уште не можете да видите дека ова не се нивните секојдневни активности, туку политички перформанси на апсурдноста. И така, ќе се умислите дека сте на иста страна, дека имате исти цели и ќе ве уверат дека имате исти непријатели. Тој непријател никогаш не е класен, туку идеолошки.

Во овој групен менталитет, разликата е доволна за антагонизам.

Кога ние зборуваме за еднаквост, тие ве уверуваат дека заговараме истост, па ве потсетуваат постојано дека мажите и жените не се исти, дека Македонците и Албанците не се исти, дека верниците и атеистите не се исти. Забележувате ли дека речиси никогаш не говорат како, колку и зошто богатите и сиромашните не се исти. Да, ние не сме исти, но можеме и мораме да бидеме еднакви, што е невозможно доколку целиот систем е изграден врз таа премиса дека не сме исто, не сме еднакви и дека едните се подобри од другите.

Во реалноста, и мажи и жени, и верници и атеисти, и Македонци и Албанци од работничката и едвај бројната средна класа делат далеку послични животи, предизвици и искуства отколку што делат со политичките и со бизнис-елитите. Овие популистички реторики направија непријател од вашите сограѓани, со кои можеби се разликувате во политичките и во општествените ставови, ама делите секојдневни животни проблеми, со кои заедно чекате на лекар, со кои студирате или работите, кои на ист начин ги мачат инфлацијата и малите плати.

Ако не се снаоѓате во одредувањето кој од јавните личности или естаблишментот е еден од нас, тогаш само прашајте се дали можете да летувате или да зимувате на исти места со тие луѓе, дали живеете во дом сличен на нивниот, дали и тие чекаат ред во болница, во пошта, на шалтер

Не само што глумат дека изгледаат како нас, иако веќе знаеме дека нашите и нивните часовници, чевли или јакни се драстично различни според цената и квалитетот, туку и глумат усогласеност во мислењето. Вовлечени во медиумски поддржаните квази-политички дебати, ние стануваме жртви на еден прилично опасен квази-демократски спектакл. Просечниот човек денес е восхитен од овие неформални политички заблуди, во кои силно одекнува заклучокот што просто не е поддржан од неговата премиса.

Во срцевината на оваа политичка пракса лежи широко распространетата заблуда дека штом нешто или некоја идеја е многу широко поддржана, тогаш тоа мора да биде вистина. Слушаме и премногу за „здравиот разум“, за „она што луѓето ни го кажуваат да го истражиме“, за она што „сите го знаат“ и слично, но забораваме дека ние ниту делиме ист свет, ниту исти реалности со овие луѓе. Па така, не можеме ни да делиме исти цели или визии. Перверзијата е што стигнавме до точка во која тие ја чуваат нашата мизерија, а ние нивните привилегии.

За крај, додека трае целово лудило и додека ги живееме децениите на кризи и несигурности, важно е барем да бидеме на чисто кои се едни од нас. За тоа не се потребни комплексни мисловни операции или истражувања, доволни се неколку едноставни прашања.

Ако не се снаоѓате во одредувањето кој од јавните личности или естаблишментот е еден од нас, тогаш само прашајте се дали можете да летувате или да зимувате на исти места со тие луѓе, дали живеете во дом сличен на нивниот, дали и тие чекаат ред во болница, во пошта, на шалтер, дали имате сличен возен парк и имот, дали децата ви се образоваат под исти услови на исти факултети итн.

Ако одговорот е не, тогаш верувајте, тие не се еден од нас.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија