Вести

Државните пари за изборни реклами подложни на злоупотреби

Се формирале организации што немале врска со медиумите, а зеле од државно платените изборни реклами за онлајн-медиуми

Формулата за трошење државни пари при онлајн-рекламирање на избори овозможува злоупотреби, ова беше еден од клучните наоди на истражувањето „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“.

Денеска, на брифинг со новинарите во Скопје, организиран од Фондацијата Метаморфозис и од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), се презентираа наодите од истражувањето што се однесува на последните парламентарни избори во 2024 година.

Наодите од истражувањето покажуваат дека се формирале организации што немале врска со медиумите, а кои искористиле пари од државно платените реклами за онлајн-медиуми.

„Голема е веројатноста дека се основаа голем број организации за да ги искористат државните средства, иако немаа никаква историја поврзана со медиумите и веројатно само го користеа системот во Македонија за да земат пари од државата“, изјави Сем Пауер, професор на Универзитетот во Бристол и експерт за изборни кампањи од Обединетото Кралство, кој денеска беше дел од тимот што го презентираше истражувањето.

БИРН веќе пишуваше за ефектите од моделот воведен во 2018 година, државата, во име на партиите, да ги плаќа изборните реклами, што, според еснафот и критичарите, има сериозни недостатоци, кои го поттикнуваат и го негуваат клиентелизмот на релација партии и медиуми.

Тогаш откривме дека портали водени од човек близок до една од партиите го собрале кајмакот од државно платените изборни реклами во интернет-просторот, на последните локални избори во 2021 година.

Пауер, на денешната презентација потенцираше дека стандардите во Македонија не се во согласност со стандардите на ЕУ кога станува збор за политичкото финансирање. Според него, во државата нема тело за надзор на државното финансирање на онлајн-порталите, а Државната изборна комисија нема доволен капацитет за да ја преземе таа улога.

Дополнителни проблеми, според истражувањето, се слабата транспарентност, недоволните критериуми за поделба на парите и отсуството на ограничен број портали во кои ќе се спроведе политичкото рекламирање.

Експертот Пауер, врз основа на неговите наоди, даде препораки да се преиспитаат критериумите за доделување државна поддршка за партиско рекламирање на порталите. Неговиот предлог е поддршката да е поврзана со гласовите и местата обезбедени во претставничките домови за време на последните избори.