За сите прашања што не се решавани навреме, кои се туркале под тепих или се нижеле зад врата, еден ден ќе стигне цехот за наплата. Кај нас тој ден е денешниов, и отсега натаму ќе се објаснуваме зошто домашниот есап не може да се потврди на „пазар“.
Иако не мора во наводници да се пишува начинот на кој функционира македонскиот парламент, во моментов нема 80 гласови за пристапување кон уставните измени, но кај власта не гасне надежта дека ќе ги има до крајот на мандатот на овој парламент.
За да биде позовриено отколку што е, стигнуваат хушкачки пораки од недобронамерници во опкружувањето, дека без фаќање на европскиот воз, нема да биде во прашање само крајот на овој парламентарен мандат, туку и повеќе од тоа.
Кој и да испраќа такви пораки, за да предупреди или да плаши со таков „развој“ доколку не се усвојат уставните измени, не го помага процесот. Го одмага. Предизвикува контраефект, бидејќи отсуството на двотретинска поддршка не е поради недостиг од европска визија и свест, туку последица на децениски неевропски практики во македонското политичко секојдневие.
Сите тие во основа имаат еден заеднички именител – отсуство на дијалог.
Отсуството на двотретинска поддршка не е поради недостиг од европска визија и свест, туку последица на децениски неевропски практики во македонското политичко секојдневие
Поради отсуство на дијалог меѓу власта и опозицијата, земјава имаше неколку кризи. И секоја криза завршуваше божем со научена лекција – дека отсега натаму решавањето на проблемите ќе поминува низ две врати: дијалог и институции.
Тоа до денес не се случи, и покрај сите ветувања, обуки и сеанси во рамките на процесот „Жан Моне“. Доказ е фактот што Собранието и натаму функционира како подизведувач на параинституцијата „лидерска средба“, израсната како последица на институционално пропуштени шанси за инклузивен дијалог, особено за важни стратегиски прашања.
По падот на власта на Груевски (која ни под разно не ја есапеше тогашната опозиција, освен за физички да се пресмета со неа во законодавниот дом), се очекуваше да завладеат поинакви стандарди – различни од оние што водеа кон црни понеделници, крвави четвртоци и други срамни епизоди за демократијата.
Препорачаниот лек – постојан и инклузивен дијалог, не стана дел од секојдневната пракса (и терапија). Денес, власта го плаќа цехот токму за фактот што опозицијата не беше вклучена/информирана/консултирана за разговорите со Бугарија околу спорните прашања и предлозите за деблокада на интегративниот процес.
Блокираниот опозициски увид врз темите за кои се разговара со Софија ја уништи довербата, а поделените елити секогаш се осудени на пораз
Иако некои опозициски претставници и самите честопати даваа аргументи дека со нив тешко може да се води дијалог, таквите исклучоци не смееја да пресудат врз желбата и обврската на власта да ја вклучи опозицијата во процесот на суштински, а не на декоративен начин. Макар што во случајот немаше ни декоративен.
Блокираниот опозициски увид врз темите за кои се разговара со Софија ја уништи довербата, а поделените елити секогаш се осудени на пораз. Партиите во Бугарија за ништо не беа подготвени да се согласат во нивните меѓусебни битки, но беа единствени по прашањето и стратегијата за Македонија.
На партиите во Македонија им остана само „единството“ во желбата да се дискредитираат меѓусебно. Одговорноста за тоа ја носи најмногу власта, бидејќи соло играта или играта на „дуо-трио“ за прашање од стратешки интерес, кое, пак, истовремено засега широк и сериозен спектар на идентитетски аспекти, не може да се решава на крилата на чија било суета „јас знам, јас можам, јас, па јас“.
Надвор од влијанието на сите екстерни фактори за прашањето, дијалогот власт – опозиција ќе беше нашиот најголем интерен испит за градење доверба и за подобри резултати, секако. Но, ароганцијата и самоубеденоста на луѓето од власта дека тие најдобро знаат како да разговараат и преговараат, ја затрупа таа можност многу побргу и повеќе, отколку што би го направиле тоа очекуваните дози на обичајната „тврдоглавост заради тврдоглавост“ на ВМРО-ДПМНЕ.
Во нашиот случај, немаше актер што ќе покаже како изгледа кога поумниот попушта. Бидејќи немаше поумна страна. Целата приказна сведочи за политички, морален и институционален слом.
На едните им стана поважно да им растат акциите на интеграциска волја и на партиско-политичката моќ во очите на меѓународните претставници, без грижа дали со прифатената рамка стрмоглаво паѓаат акциите на Македонија. Другите решија да ја зголемат цената на акциите на нивното „не“, кое истовремено ја покрива и прокламираната грижа за Македонија и нивната политичка факторизација.
Ете тоа го имаме денес. Едни факторизирани, како високи проевропски/прозападни кооперанти (повисоки од освоените соравии), други факторизирани како бранители на идентитетот, а со нејасен одговор – како понатаму кон ЕУ?
Меѓу нив нема сврзно ткиво, нема ниту еден елемент што би им станал заеднички именител, освен „власта“. Едните сакаат да ја задржат, па се решени да не му гледаат во забите на подарениот коњ (да не наоѓаат мана на „најдобрата зделка“), а другите да ја освојат власта за да расчистат со тие што беспоговорно ја прифатиле рамката за да ги исперат своите криминали.
Каков и да биде исходот од оваа дебата, тој секако ќе биде историски. Иако од власта е понуден симплифициран исход – интеграција или изолација, темата е многу посложена за да се сведе на две опции.
Историски исход ќе биде и научената лекција дека парламентарната демократија повеќе не може да биде украс на реверот на поглавари, кои парламентот го разбираат како племенски систем подреден на мнозинството. И дека дијалогот ќе биде „must have“ за секој иден состав.
Зашто нема како да влеземе во ЕУ, ако не можеме да влеземе ни во наше Слупчане без полициска придружба. Или да наплатиме данок во Арачиново
Но, за да разговараат успешно со Бугарија или со ЕУ, партиите прво мора да научат да разговараат меѓу себе. И да сфатат една работа: дека уставните измени нема да ги решат другите проблеми во кои е заглавена државава.
За да ја придвижат земјата кон ЕУ, партиите мора да се усогласат дека ќе одат по истиот пат. И дека за сите и секаде ќе важат истите стандарди. Зашто нема како да влеземе во ЕУ, ако не можеме да влеземе ни во наше Слупчане без полициска придружба. Или да наплатиме данок во Арачиново.
Кој ќе ни гарантира еднаков третман во ЕУ, ако не сме се избориле ни сите клубови да имаат еднаков третман и можност за тренинг на стадионот во Тетово. А тие што денес дискриминираат, направија кариери врз наративот за дискриминација. Како ќе играме во европска лига ако дома се однесуваме како дива лига?
Како ќе градиме европски стандарди ако државата се раководи од партиските штабови, а не од институциите, или ако не се знае дали Ахмети е лидер на партија, министер за транспорт или и двете заедно? И зошто на премиерот не му пречи непостоењето граница меѓу партиите и државата, или заради нешто мора да ги премолчува таквите екскурзии?
Ако (не)успешноста на уставните измени се дисеменираат кон два правца – интеграција или изолација, тогаш институционалното поигрување и понижување на државата може да оди кон многу пострашни „дестинации“.
Однесувањето – не гледам, не слушам – не значи дека не постои проблем. Кога ќе биде забележан, може да биде многу доцна. Не за уставните измени, за државата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија