Европа мора да биде подготвена да ги казни македонските лидери

Колумна на Ерван Фуере

По скандалозното помилување од страна на Претседателот, ЕУ и САД мора да покажат дека се подготвени да ги санкционираат лидерите на земјата, затоа што не ги исполнија своите ветувања.

Слоганот на Македонската влада за привлекување странски инвестиции, што се емитува на телевизиските екрани низ светот, има привлечен наслов „Инвестирајте во Македонија – новиот бизнис рај во Европа”. [Тие што го измислиле ова веројатно сакале да кажат „засолниште” а не „рај”, но, добро.]

По одлуката на Претседателот Иванов од минатата недела, да помилува повеќе политичари и високи владини службеници, вклучувајќи ги и оние што се предмет на истрагата во врска со скандалот со прислушувањето која е во тек, со што, всушност, се заштитуваат корумпирани функционери, ќе ми простите што ќе кажам дека посоодветно име за слоганот би било „Инвестирајте во Македонија – новиот рај за криминал во Европа”.

Оваа одлука на Претседателот направи невидена штета на имиџот на Македонија, а и го поткопа и она малку владеење на правото во земјата што беше останато по години на сериозна злоупотреба на моќта и корупција. Тврдењето на владејачката партија дека не знаела за намерата на Претседателот се чини шуплива, особено ако се потсетиме на тоа дека во минатото партијата наметнуваше своја верзија на владеењето на правото.

Иако Претседателот ја бранеше својата одлука како одлука која е во најдобар интерес за помирување меѓу политичките партии, крајно јасно е дека вистинската мотивација е да се уништи Специјалното јавно обвинителство, коешто беше основано токму за таа цел, да ги истражува наводите за корупција на високо ниво. Последните изјави на лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, во кои ја осудува работата на Специјалната обвинителка, е уште еден доказ за таквата намера и претставува уште едно директно прекршување на Договорот од Пржино. Тоа што Специјалната обвинителка одби да биде заплашена и отвори нов случај за кривична истрага, овој пат на највисоки владини службеници, е само нејзина заслуга и заслуга на нејзините вработени.

Откако со својата постапка ја понижи светоста на Канцеларијата на Претседателот на државата, Иванов треба да го „предаде службениот печат” и да си поднесе оставка

Постапката на Претседателот предизвика општа осуда од меѓународната заедница и барања да ја преиспита одлуката. Министерот за надворешни работи на Германија и Претседавач со ОБСЕ, Франк Валтер Штајнмаер, нагласи дека постапката се коси со Договорот од Пржино постигнат минатото лето со посредство на ЕУ и дека „ја поткопува работата на Специјалното јавно обвинителство и неговиот мандат да ги истражува сите обвиненија за злоупотреба на моќта.”
Тоа што Претседателот одбива да ја повлече одлуката уште еднаш го демонстрира неговото арогантно однесување и арогантното однесување на владејачката партија која ги игнорира основните начела на правичен процес. Откако со својата постапка ја понижи светоста на Канцеларијата на Претседателот на државата, треба да го „предаде службениот печат” и да си поднесе оставка. Во нормален демократски процес, неговата одлука би била повод за импичмент.

Нивото на згрозеност во земјата од однесувањето на Претседателот и од владејачката партија по објавувањето на прислушуваните разговори, јасно се огледува во спонтаните демонстрации на граѓани од целата земја што се одржаа минатата недела и во петициите кои ги потпишаа повеќе од 70 граѓански организации.

Овој излив на бес на граѓаните на Македонија треба да ја убеди меѓународната заедница дека обидот за крпење на политичкиот договор којшто се држи само на дискредитирано лидерство, не е ниту одржлив, ниту пак, во долгорочен интерес на земјата.

Овие демонстрации се одраз на едно ново чувство на зајакнување коешто претходно беше потиснувано од авторитативните стеги на режимот. ЕУ треба да го охрабрува овој развој на настаните, што може да придонесе кон некаков вид политика на консензус во општество што е длабоко поделено од страв и од политики на заплашување што ги одбележаа изминатите години. Вклучувањето на овие нови сили ќе обезбеди поголема одговорност од страна на лидерите на земјата на подолг рок.

Поддршката треба да биде јасно изразена во секоја пригода и при секоја комуникација со лидерите на земјата. Гласот на граѓанското општество треба да се слушне, не отпосле, како што, за жал, тоа честопати е случај туку како интегрален дел од решението за кризата.

Што се однесува до излезот од кризата, не треба да се има сомнеж дека уште многу треба да се направи за да се создадат услови за кредибилен изборен процес. Одржувањето избори на 5 јуни би било политички самоубиствено. Ако ЕУ дозволи да се случи тоа во овие околности, тоа би било крајно сериозна грешка.

Наместо тоа, ЕУ, заедно со САД, треба во првата можна пригода да ги разгледа сите точки, една по една, од таканаречениот Извештај на Прибе и Итните реформски приоритети, кои се интегрален дел од Договорот од Пржино и да му укаже на политичкото лидерство на сите потфрлања во одредените чекори и во спроведувањето на многуте критични препораки.

Одржувањето избори на 5 јуни би било политички самоубиствено. Ако ЕУ дозволи да се случи тоа во овие околности, тоа би било крајно сериозна грешка

Треба да им се стави јасно на знаење на политичките лидери, почнувајќи од владејачката партија, дека мора целосно (наместо „значително”, термин што го искористи комесарот Јоханес Хан неодамна) почитување и спроведување на Договорот од Пржино, а особено да му се дозволи на Специјалното јавно обвинителство непречено да ја продолжи својата работа. Треба и да им се стави јасно на знаење дека во спротивно ќе има казнени санкции. Од неодамнешното искуство знаеме дека ЕУ не смее да ги зема здраво за готово ветувањата на владејачката партија, бидејќи се покажа дека таа ретко ги исполнува.
И додека земјата тоне длабоко во провалија, ЕУ мора да заземе поцврст став за да ја натера владејачката партија да понесе одговорност. Треба да биде и подготвена да овозможи напори за медијација која ќе биде повеќе од спорадични средби меѓу лидерите и на секој чекор да упатува закани со санкции, доколку не се почитува договореното. Владејачката партија разбира само ваков јазик.

Жално е тоа што ЕУ ја откажа средбата меѓу лидерите закажана за во Виена без веднаш да ја замени со планирана средба во Македонија. ЕУ треба итно да закаже средба на високо ниво на која ќе присуствуваат политичките лидери. Дијалогот со граѓанското општество треба да биде интегрален дел од овој процес. Секој вакуум во напорите за медијација само придонесува кон бетонирање на местото на Владата и владејачката партија која ќе продолжи да ја шири својата пропагандна машинерија за дискретирање на граѓанските протести.

Речникот со кој се разгоруваат страстите, којшто го користат медиумите поддржани од владејачката партија и којшто се користи на социјалните мрежи, а против граѓанското движење и протести е карактеристичен за режим кој користи очајнички методи да ја задржи власта. Веќе постојат индикации дека владејачката партија ќе ги искористи сите можни средства да ги ограничи активностите на граѓанските организации кои ги смета за „непријатели на државата”, дури ќе го искористи и Уставниот суд, којшто очигледно е под контрола на власта.

Гласот на граѓаните на Македонија не може повеќе да се игнорира. Тие се неволни жртви на оваа долга криза. Тие заслужуваат да бидат слушнати по години на заплашувања и на газење на нивните права од страна на власта.

Коментарот е објавен и на „Балкан инсајт“