Недоверба, местенки, заткулисни комбинаторики. Тое се зборовите што како описни беџови стојат прикачени на шинелот од процесот за состав на влада. Низ политичкиот „византиски јазик“, тие прилично јасно ја отсликуваат преговарачката (не)принципиелност.
Дури и без мината што вчера ја фрли Мендух Тачи, надградена со две можности – за експресно и за одложено дејство, видливо е дека процесот се тегави под параванот зад некакви црвени линии, главни и дополнителни заклучоци, стари позиции спакувани во нови игри и ред други процедурални загатки од типот – што е прво, кокошката или јајцето, односно мандат па преговори, или обратно.
Изјавите што стигнаа по средбите на партиските водства со комесарот Хан, покажуваат дека тешко ќе се формира влада без елементарна доверба и без програмска ориентација која ќе покаже дали се стреми кон реформи, но и од што се раководи – од државни интереси или од натамошно ламентирање по принципот „победник со победник“.
Прво, дури и да се сведе исклучиво на последново, факт е дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ го испочитуваа тој принцип. Први седнаа и преговараа. Но, не се договорија. Тоа ги соочува со фактот дека тој принцип нема никаква употребна вредност, ако формата (победник со победник) сама по себе не гарантира и суштина – согласност околу програмата што заедно треба да ја спроведуваат.
Кај нас само фарсите доживуваат подолг мандат од владите. „Тоалетниот третман“ на договорените обврски влезе во трета година
Од тој аспект, ВМРО-ДПМНЕ нема основа да тврди дека тој принцип не бил испочитуван. Напротив – бил, но во преговорите не добил употребна вредност. Според ДУИ, тоа се случило поради несогласувањето на ВМРО-ДПМНЕ за мандатот на СЈО, а според ВМРО-ДПМНЕ, поради етничките барања. Со тоа, јавноста не доби можност да верува дека пред себе има зрели политички актери кои може да гарантираат излез од кризата, туку се прашува – кој е Минхаузен во оваа епизода?
Второ, ако преговарачите и покрај програмските разлики решат да ја испочитуваат само формата, тоа значи дека партиските програми се целосно небитни. Како ќе ги спроведуваат во иста влада, ако тие немаат ниту еден заеднички именител или содржател? Токму тој паралелизам – секој со својата програма е вовед во федерализација: две партиски влади во една, со две дивергентни политики поврзани со договор исклучиво за поделба на пленот и фотелјите, кој ќе продуцира континуиран паралелизам, а со тоа криза и нестабилност.
Трето, ако ВМРО-ДПМНЕ не формира влада, не може да тврди дека со тоа нема да биде испочитувана волјата на мнозинството. Партијата многу пати покажа дека ваквите жалопојки важат само кога се во прашање нејзините тесни интереси. Последниот пример е кога ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека им се придружил советник на ВМРО-НП, со што имаат мнозинството во Советот на Струмица, по што ќе мора се да се смени и да има нови избори.
Слични симптоми покажува и ДУИ. Ако принципот „победник со победник“ го смета за услов без кој не се може, тогаш зошто е битно како Груевски ќе се изјасни за декларацијата на албанските партии? И зошто му треба на Ахмети да врти толку кокошкини кругови околу ДПМНЕ и СДСМ, ако „аргументите се изедначени“ и ако дилемата со кого да коалицира на крајот повторно заврши пред портите на Мајскиот договор, кој е прогласен за меѓупартиска „библија“?
Второ, кога Ахмети „саможртвено“ вели дека можеби е подобро да биде опозиција само да за овозможи СЈО непречено да ги истражува лагите фрлени кон него и неговата партија, тоа најдиректно води кон следната опција – „нови избори“, што значи дека во следните месеци нема да функционира парламент кој може да изгласа продолжување на мандатот на обвинителството. Со таква евентуална одлука, Ахмети би признал дека и тој е на иста линија со Груевски по прашањето за СЈО, а не така како што се колне пред јавноста.
Трето, ношалантниот однос на Ахмети кон досегашните критики од ЕК за „заробена држава“, гледан низ неговите шарени критериуми за избор на партнер за состав на влада, го претставуваат повеќе како интегративец на хартија, отколку како вистински приврзаник на евроатлантските интеграции.
Поради ова, но можеби и поради ред други индиции и негови растегливи принципи, не ме зачудува што францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние, како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, на средбата со Груевски прашал: „Дали во ВМРО-ДПМНЕ се смета дека Ахмети е искрен во тоа што го кажува во политиката?“
Многу истото го прашуваат. Впрочем, доказ за тоа е што кај нас само фарсите доживуваат подолг мандат од владите. „Тоалетниот третман“ на договорените обврски влезе во трета година. Има некаква симболика и во тоа што Хан случајно пристигна на двегодишнината од објавувањето на првата „бомба“ од проектот „Вистината за Македонија“, кој даде индиции за високопрофилни криминали што се уште се далеку од правна разрешница.
Уште поголема симболика е што Хан стигна на денот кога Судот во Стразбур пресуди дека со физичкото отстранување на новинарите од собраниската седница за буџетот на 24 декември 2012 година, е направена повреда на членот 10 и членот 6 од Европската конвенција за човековите права. Вчера, новинарските екипи не беа физички избркани од народниот дом, но каква е разликата ако не им е дозволено да ја снимаат средбата Груевски-Хан, ниту пак да бидат удостоени со изјава од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова уште еднаш покажува колку бавно се менуваат состојбите, колку е ситно и фрагментирано јадрото од кое Хан очекува да се изроди влада со реформска и европска агенда, и колку директно се газат демократските вредности и во присуство на комесарот.
Одамна не е изненадување начинот на кој Груевски ги третира медиумите, а преку нив и правото на „саканиот народ“ навреме да биде информиран за важните политички случувања во земјата. Но, изненадување е што и понатаму вождовски пледира преку вакви практики да ја ефектуира волјата на гласачите.
Дека полниот мандат на фарсата продолжува, докажува и соопштението од кабинетот на претседателот Иванов, кој на средбата со Хан, „уште еднаш укажал дека нестабилноста во политичкиот живот и тензичноста во меѓуетничките односи се последица на предолгата статус-кво состојба на Република Македонија и побарал поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан“.
Ако принципот „победник со победник“ го смета за услов без кој не се може, тогаш зошто е битно како Груевски ќе се изјасни за декларацијата на албанските партии?
Не разбирам – бараме или не бараме да ни се мешаат странците? Претпоставувам дека Иванов е барем малку свесен дека решавањето на надворешно-политичките спорови е остварливо преку добра волја и коригирање на внатрешните политики. Па кога Иванов бара Хан да ни помогне, веројатно не очекува дека тој ќе ги тегне Грците за уши, без да се сопне од копитото на воинот додека од „Мериот“ се упатува кон Собранието или кон Атина.
Да, македонските интеграции се блокирани со спорот за името, но не помалку со убиството на правната држава, за кое голем арсенал даде и Иванов со аболициите, со слободното толкување на Уставот и со разбирањето на претседателската функција како ескорт-дама или домашна прислужничка на неговиот мачо-патриотски спонзор.
Ако не почнеме самите реформски „да се мешаме“ во нашите внатрешни работи, ако чекаме Хан, Курц, мурц и други моментални емисари да ни кажат што треба да правиме или кој трепкач да го вклучиме, тогаш самите објавуваме дека е отворена сезоната на слободен лов во Македонија. Па не треба да не чуди ако завршиме како рогови во туѓа вреќа, затоа што сме ја пропуштиле можноста сами да стреламе кон целта.
И на крајот, по синоќешното екскомуницирање на јавноста, ВМРО-ДПМНЕ за средбата со Хан премиерно се огласи со изјава за „Република“. На средбата која траела два часа, главни теми биле резултатите од изборите, обидите за создавање коалиција, зрелоста за нови парламентарни избори заедно со локалните, дебатите за Законот за употреба на јазиците, СЈО, платформата на албанските партии, ризиците од нејзиното користење како начин за репреговарање на Охридскиот договор, плановите и целите доколку ВМРО-ДПМНЕ формира влада, практиката за коалицирање на победник со победник и предностите и слабостите на широките коалиции…
На партиската аргументација за сите овие теми, одговорот од Хан бил дека „ЕУ не сака да се меша во тоа кој со кого ќе коалицира и какви одлуки ќе донесат македонските партии во однос на креирањето влада“. Во изјавата нема никакво индискретно и недипломатско обелоденување на детали од типот „тој праша, ние одговоривме“, какви што во последниве два месеца следеа по средбите со речиси сите амбасадори од земјите на ЕУ, за разлика од односот кон рускиот.
Од тој аспект, потенцирањето на ВМРО-ДПМНЕ дека „тоа е партија чијашто платформа и стратегија се зачленување на Република Македонија во ЕУ“, мора да се препрочита со посебно внимание и да се меморира во посебен фајл. За секој случај.