Газа на нашата совест

Некаде во средината на овој месец, Обединетите нации, за првпат во историјата прогласија состојба на глад на Блискиот Исток. Во Газа. Светската организација често (и со право) предупредува на постоечки и можни хуманитарни катастрофи ширум светот, но многу ретко прогласува состојба на глад, како што е тоа во случајот со Газа.

Состојба на глад, всушност, е петтата, последна и најтешка фаза на скалата што ја мери глобалната иницијатива Интегрирана класификација на степенот на сигурноста на снабдување со храна (IPC). Според строгите критериуми на IPC, состојба на глад се прогласува кога најмалку 20 проценти од населението немаат никаков пристап до храна, потоа најмалку 30 проценти страдаат од акутна неухранетост, а од глад на дневна основа умираат најмалку двајца на десет илјади жители.

Црна статистика

IPC, од своето формирање во 2004 година досега, има прогласено состојба на глад во пет случаи, вклучувајќи го и овој во Газа. Во 2011 година, ваква состојба е прогласена во Јужна Сомалија, кога е проценето дека 490.000 жители во овој регион се директно погодени од недостиг од храна. Следните три случаи се прогласени во 2017, 2020/21 и во 2024 година, сите во различни региони на Јужен Судан.

Според извештајот на IPC, во Газа, заклучно со 15 август, во петтата фаза се наоѓаат 514 илјади луѓе, а се проценува дека до крајот на септември, оваа бројка ќе нарасне на 641 илјада жители на Газа. Меѓу нив се дури 132 илјади деца на возраст до пет години. Црната статистика од мај годинава бележи дека 17.000 млади мајки, бремени жени и доилки страдаат од неухранетост, а проекциите на IPC се дека до средината на следната година, овој број ќе нарасне на 55.000.

Во мај годинава е забележено дека 71.000 деца страдаат од акутна неухранетост и неопходна им е итна медицинска помош.

На тоа треба да се додаде дека секое петто новороденче во Газа се раѓа прерано и со премала телесна тежина. И, секако, дека најголемиот дел од здравствената инфраструктура е целосно уништен. Пристапот до чиста вода за пиење и до санитарни и хигиенски услуги е значително намален. Нивото на морбидитетот, вклучувајќи тука дијареја, акутни респираторни и кожни инфекции, треска…, алармантно е зголемено, особено меѓу децата.

Се проценува дека дури 98 проценти од земјоделските површини се уништени или недостапни, што сосема ги руинира земјоделскиот сектор и домашното производство на храна. Девет од десет луѓе се повеќекратно раселувани. Пари речиси не постојат, а цената на храната е енормно висока.

Според Министерството за здравство на Газа, од глад починале 289 лица, од кои 112 деца.

Се разбира дека сите случаи на страдања и умирања од глад се страшни сами по себе, ама случајот со Газа некако е најмонструозен. Како главни причини за масовниот глад се наведуваат воените конфликти, девастирањето на земјоделското земјиште и отежнатиот пристап на хуманитарна помош.

Сите овие фактори влијаат и врз гладувањето на луѓето од Газа, освен што во овој случај станува збор за намерно изгладнување на цивилите од страна на израелската војска. И тоа – изгладнување до смрт! Блокадата на хуманитарната помош што ја спроведува Израел е речиси непробојна. Дури и кога ќе се пропушти некој камион, тогаш израелската војска пука по цивилите што очајнички се борат да обезбедат малку леб за своето семејство.

Лицемерие и двојни аршини

Состојбата во Газа не е само воено злосторство или трагедија на еден народ. Тоа е трагедија за целото општество, за целото човештво. Газа е илустрација на лицемерието на светот, за двојните аршини и постоењето народи од повисок и од понизок ред.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, при крајот на јули јавно призна дека во Газа „навистина владее глад“. Тогаш најави дека САД ќе воспостават неоградени центри за достава на храна во енклавата за да биде олеснет пристапот до хуманитарната помош. И уште додаде дека САД веќе потрошиле (дури!) 60 милиони долари за помош на Газа.

Оваа изјава, на ниво на некаква симболика, може да има некаква смисла, затоа што таа директно го демантира израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој тврди дека во Газа нема глад. Натаму отвора простор за засилување на притисокот врз Израел, а Трамп го позиционира како некаков „хуманитерец“.

Но, тоа е само симболика. Во реалноста, САД остануваат најголем поддржувач на погубните политики на Израел. Ниту една резолуција со обврзувачки карактер во Обединетите нации, односно во Советот за безбедност, што го осудува однесувањето на Израел, не може да биде донесена поради ветото на САД.

Во таа смисла, Обединетите нации, покрај сите предупредувања што доаѓаат од нивните челни луѓе, не можат да донесат никакви санкции против Израел. И покрај засилената „хуманитарна“ реторика и зголемениот политички притисок, слично се однесува и Европската Унија. Санкциите (со право) се наменети за Русија, ама тие аршини не важат за Израел.

Едноставно, меѓународното хуманитарно право, во случајот на Израел, е архивирано ад акта. Бадијала сите меѓународни судови, бадијала сите совети за безбедност, сите црвени крстови и полумесечени… Меѓународните правила, ете, не важат за ова милениче на меѓународната заедница.

Првата дама на Белата куќа, Меланија Трамп ќе му напише писмо на рускиот претседател Владимир Путин со апел да ги ослободи киднапираните украински деца, ама нема да му напише никакво писмо на Нетанјаху да им дозволи на хуманитарните организации да ги нахранат палестинските деца. Ете, пред околу еден месец, светот ја обележа 40-годишнината на двојниот концерт „Live Aid“, на кој тогаш се собра целиот британски и американски „музички крем“ за да им помогне на гладните во Африка.

Денес, не само што се чини дека една ваква иницијатива за помош на Палестинците е неверојатна, туку секое јавно истакнување на палестинското знаме или посериозна јавна поддршка за палестинскиот народ наидува на отворена осуда меѓу естаблишментот на повеќе западни земји.

За волја на вистината, некои работи се менуваат, како најавите на повеќе држави за признавање на палестинската држава, но некои и не се менуваат. Во таа смисла, вооружувањето на Израел е посебна приказна. САД се најголемите извозници на оружје во Израел (69 проценти од вкупниот увоз). Веднаш зад неа е Германија со 30 проценти.

Додуша, Германија овој месец најави ембарго на извоз на оружје во Израел што би можело да се користи во Газа, некои извори велат дека сега за истата намена се користат некои полуофицијални канали и дека Германија ќе ги испочитува претходно потпишаните договори.

Велика Британија, иако не е голем извозник и наспроти констатацијата на нивниот премиер Кир Стармер дека ситуацијата е „апсолутно неподнослива“, се чини дека сѐ уште не се откажува од извозот на оружје на Израел.

А што прави Македонија? Македонија е, изгледа, сита. Да не кажам: се сити. И на гладниот не му верува. Ама затоа му верува на Нетанјаху. И на Трамп. Нам не само што не ни паѓа на памет да ја признаеме палестинската држава (ја признаа 147 од 193 земји-членки на ОН, а, според најавите, во септември ќе бидат 150, откога ќе ја признаат Франција, Канада и Австралија), туку со големо собраниско мнозинство одбивме да донесеме барем симболична резолуција со која ќе апелираме Израел да овозможи пристап на хуманитарната помош во Газа.

Овој срам долго ќе биде товар врз нашите плеќи, а Газа ќе остане траен белег врз нашата и светската совест.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија