Длабоко им се извинувам на почитуваните читатели на Призма, што во оваа колумна ќе му се обратам само на едно лице – драг школски другар, соученик од гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес, а денес еден од осомничените од страна на СДСМ за масовно следење на нашите животи.
Драг Г.,
Поминаа многу години од убавите школски денови во старата, добра, најдобра гимназија… Се сеќавам кога професорите, повикувајќи се на некои интерни статистики за успех, ни кажаа дека сме биле најдобрата генерација дотогаш. Како пауни се шетаваме низ гимназискиот двор горди на „титулата“, прашувајќи се, како таа наша луда генерација успеала да постигне такви резултати?
Знаеш точно на што мислам. На стотиците глупости. На шверцуваното вино во деновите кога на училишното мени беа вкусните пастрмајлии. На масовниот егзодус од часовите. На лажните гипсови и лонгети, за чија бројка верувам и Костозглобна од Охрид би можела да ни позавиди. На „родителските“ оправдувања што едни на други си ги пишувавме. Некои случки и не се за раскажување… Се разбира, имавме и многу блескави моменти. Награди на куп натпревари, спортски успеси, пејачки и поетски ѕвезди. Не се тепавме за петки, се „тепавме“ за другарство. Дружењето ни беше „закон“! Можеби не ги научивме сите важни теории и формули, ама научивме да почитуваме вистински вредности, да си помагаме и да не бидеме „петоколонаши“. Би било неприродно тоа да е поинаку во градот на гемиџиите. Научивме да ја сакаме книжевноста, поезијата… Би било неприродно тоа да е поинаку во градот на еден Рацин. И неговиот внук е наша генерација.
Поминавме разни гроздобери, фабрички практики, „Денови на самоуправувањето“… Тоа беа оние денови кога учениците беа професори. Ги сакавме тие денови. Не од идеолошки туку од прагматични причини – да си ги поправиме оценките. Кој најдобро ќе разбере колку многу си учел, ако не школски другар. Правилото беше поправените оценки да се пишуваат со молив. Но, тогаш моливот имаше вредност. Професорите не смееја да ги избришат оценките. Остануваа. А, денес, драг Г., како што гледаш, закони со собраниски печат секој ден одат на пиши-бриши. И никому не му е грижа.
Како и да е, кога го враќам филмот, едно ми е јасно: бевме толку сложни, што слободно можам да ја парафразирам Десанка: Небаре во ист ден сите бевме родени, исто ни течеа школските денови, во ист ден сите бевме вакцинирани и со слични соништа окупирани…
Се сеќававаш ли, драг Г., на професорот по биологија, Горан Арсов? По тематското предавање, редовно ни држеше лекции за граѓански вредности. Нѐ потикнуваше да читаме што повеќе и нѐ учеше да не бидеме без’рбетници во животот. Денес со задоволство ги читам неговите колумни во „Слободен печат“. Дали се сеќаваш на професорот по математика, стариот Пренџов, нека почива во мир… Покрај грижата за нашето знање од математиката, се грижеше и за ученичкиот морал. Се сеќаваш ли како чекаше пред кино за „живи“ да ги фати и дома да ги врати оние што дошле да го гледаат „срамниот филм Емануела“!? Рикверцираните му беа многу лути, но од денешен аспект сметам дека бил голем визионер, зашто за такво нешто човек денес би можел да добие пријава за поседување (или за контакт со) порнографски материјал. Патем, тој легендарен Пренџов имаше неверојатна меморија. Ги помнеше по име и презиме сите ученици од претходните генерации и точно знаеше каде работат, вклучувајќи ги и промените на работното место. Да беше жив, за две секунди ќе го изрецитираше твоето име и точно ќе ти кажеше во која Управа работиш. Математиката не ја сакавме многу, ама од него научивме една важна нематематичка операција – дека луѓето не треба се множат со нула. Можно ли е, драг Г., ти да не си бил присутен баш на тој час? Па дури и да не си бил, за човек од твој формат, секогаш позитивен, праведен, чесен, другариште, људина (што би рекле соседите Срби), ни во сон не би очекувала дека на каков било начин би можел да учествува во множење со нула на кутра мравка, а камоли на еден, двајца, или, како што велат, на повеќе од 20.000 луѓе?
Можеби не си ти тој. Можеби се работи само за идентично име и презиме. Сакам да верувам во тоа. Сакам да гледам друга слика. Професорот по ликовно, Ангел Петров, постојано ни ја посочуваше важноста на колоритот. Велеше, сакам да видам нијанси. Ништо не е црно-бело. Белата не е боја, црната-да! Ние секогаш ја одбиравме белата. Таа што не е боја. Бидејќи не сакавме да бидеме обоени. Дури и такви зелени во умот, какви што бевме, точно знаевме што сакаме. Имавме идеали, соништа, желба да бидеме слободни, свои и независни во секаква смисла. Ако тогаш го можевме тоа, зошто сѐ помалку го можеме денес?
Омилената реченица на професорката по физика, Горица, беше: „Секоја акција предизвикува реакција“. Да, се потврдува тоа во практика. Професорот по хемија, пак, редовно нѐ потсетуваше дека од вино може да се направи оцет, но од оцет не бидува вино! На моменти, се прашувам дали сега се обидувам од оцет да направам вино или верувам дека виното сѐ уште не се расипало… Мислам, дека второво е во прашање.
Па, драг Г., ако си ти ТОЈ, и навистина на ТОА место, но и ако си оној што го знам – кој не би згазил ни мравка, секогаш насмеан, позитивен, чесен, ПРАВЕДЕН, другариште, људина, и ако доброто вино од Велес преку Сараево до Скопје во овие години не се претворило во оцет, може ли да се очекува од тебе, драг мој пријателе, дека првата работа што ќе ја направиш, е да му кажеш на твојот шеф: „Тhе game is over“! Имаш ли храброст и доблест да сервираш еден отказ, да ја треснеш врататата од надворешната страна и да се повикаш на членот 151 став 5?
Деновиве многумина од нашата генерација го поставуваат истото прашање. Не сакам да речам дека ти точно знаеш што ние муабетиме по телефон. Знам дека не го правиш тоа лично. Но, во секој миг можеш да го провериш ова што го пишувам! Слушаш ли што зборува твојата генерација, што очекува и на што се надева! Тоа истото го мислат и други генерации!
Неодамна, некој ме поздрави од тебе и ми спомна некаква грешка. Не разбрав што сакаше да каже. Не е важно.
Патем, пролетва ќе славиме јубилејна матурска. Би имал ли предизвик да дојдеш, ако знаеш сѐ за нас, ако секој ден ти даваат резиме за нашите зафркнати животи. Има ли во нив и други детали? Има ли, на пример, дека речиси цели два класа се иселија во Канада, а други по Америки, Швајцарии, Германии, Австралии… Не се ни во кругот, ни во видокругот на Управата.
Тие што останавме овде, се броиме на прсти. Порано, мал ни беше и брегот на Велешко Езеро за да нѐ собере сите, сега голем ни е и бродот. Мислам на оној закотвениот, што никаде не плови. Стои во место исто како Македонија.
Драг наш Г., генерацијата те чека да ја треснеш таа врата, да ставиш крај на таа агонија и да ни се придружиш. Потоа сите заедно ќе го туркаме бродот, за конечно да заплови!