Анализи

Никој не ја контролира Петтата управа

Познавачи во делот на безбедноста и разузнавањето тврдат дека голема е веројатноста да се злоупотребува опремата со која располага Петтата управа на МВР, бидејќи никој со години не врши надзор врз работата на ова тело. Нашиот закон за следење на комуникациите е направен така за да не постои контрола.

Ако постои волја кај институциите, лесно може да се открие дали аудио снимките што ги презентираше лидерот на СДСМ Зоран Заев се автентични и дали се снимени од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Познавачи во делот на безбедноста и разузнавањето за БИРН тврдат дека голема е веројатноста да се злоупотребува опремата со која располага Петтата управа на МВР, бидејќи никој со години не врши надзор врз работата на УБК.

Токму затоа, велат тие, за случајот што го отвори опозицијата и обвинувањата дека над 20.000 лица биле незаконски прислушувани, мора итно да биде отворена сериозна истрага, иако е мала вербата во институциите на системот.

Прислушувањето лесно може да излезе од контрола

Вработените во Петтата управа буквално живеат туѓи животи, бидејќи нивната секојдневна обврска е следењето на комуникациите | Фото: Foter.com

„Лесно може да се отиде надвор од границите (на дозволеното) кога станува збор за прислушувањето“, вели за БИРН извор кој е запознаен со оваа сфера, а инстираше на анонимност.„Станува збор за лаптопи и софвтер кој регистрира одредени броеви што се таргет. На вработените во Петтата управа тоа им е работа – прислушувањето. Кога ќе заѕвони бројот што е таргет, автоматски почнува и снимањето. Вработените прават транскрипт на тој разговор и го праќаат во одделението за аналитика“, вели нашиот извор и додава дека „луѓето што работат во Петтата управа буквално живеат туѓи животи, бидејќи нивната секојдневна обврска е следењето на комуникациите“.

Управата за оперативна техника или во јавноста позната како „Петта управа“ е обвитканa во мистерија. Сите податоци што влегуваат во неа се доверливи, а затворени се и седниците на собраниската комисија која треба да врши надзор над ова тело. Непознат е дури и бројот на вработените во УБК, а на веб страницата на МВР може да се видат податоци само за директорот на Управата, Сашо Мијалков, а не и за структурата на органот со кој тој раководи. И сето тоа е легитимно, со оглед на фактот што станува збор за крајно сензитивни информации поврзани со шпионажа, тероризам или други активности насочени кон загрозување или уривање на демократските институции со насилни средства, како и заштита од потешки форми на организиран криминал.

Единствен надлежен орган да врши контрола врз работењето на УБК е собраниската комисија, но таму постои проблем кој егзистира со години. Мијаков, во изминатите осум години колку што е директор на УБК, никогаш не се појавил лично во Собранието за да даде извештај за работата пред оваа комисија. Најчесто се појавувале неговите заменици, но, според она што го пишуваа медиумите, во извештаите немало никакви информации ниту за посебните истражни мерки, односно за прислушувањето, ниту пак, јасен отчет за тоа како биле трошени парите.

Колку за пример, во извештајот за работата на УБК за 2010 година воопшто немаше дел за примената на посебните истражни мерки.

„Баравме Управата квартално да ни доставува извештаи за прислушувањето, но ниту еден таков извештај не добивме. Ова ни дава индиции дека примената на посебните истражни мерки се злоупотребува“, изјави во ноември 2011 година Горан Минчев, поранешен претседател на комисијата за надзор врз работата на УБК и Агенцијата за разузнавање.

Обвинувањата на СДСМ лесно можат да се докажат

Лесно се докажува автентичноста на снимките со кои располага СДСМ, велат познавачите | Фото: Синиша Ј. Марушиќ

Се разбира, следење на комуникациите на лицата осомничени за криминал е во рамките на Законот, сѐ додека постои налог од судија или обвинител за одредено лице да се следи, а ако МВР има сознанија дека тоа вршело или ќе изврши кривично дело.Лицето може да биде следено најмногу четири, односно шест месеци, ако тоа го одобри судија за претходна постапка. Најдолго, 14 месеци, со одобрение на судија од Врховен суд можат да се прислушуваат лицата за кои постои сомнеж дека направиле тешки кривични дела во делот на загрозувањето на уставниот поредок.

„Обвинувањата на опозицијата лесно можат да се докажат – со едноставна проверка колку налози за посебни истражни мерки издале надлежните органи и таа бројка да се спореди со бројот на телефонски линии кои биле следени од УБК. Ако бројките не се совпаѓаат, значи постои злоупотреба, односно некој прислушувал без да има налог“, вели Владимир Пивоваров, поранешниот прв човек на военото разузнавање и универзитетски професор.

Можноста за злоупотреба и за кршење на законот во делот на следење на комуникациите е голема, вели за БИРН поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

„Но, за сѐ постои трага. За секој што бил прислушуван има трага, електронскиот запис лесно може да се следи од каде почнал и каде завршил, освен ако опремата физички не биде уништена“ ни кажа Трајанов.

Улогата на мобилните оператори

Познавачите што ги консултиравме се децидни дека прислушувањето не е можно без знаење на мобилните оператори во земјава | Фото: М. Јордановска

Познавачите што ги консултиравме се децидни дека прислушувањето не е можно без знаење на мобилните оператори во земјава, кои не се огласија откако Заев обвини дека незаконското прислушување било спроведувано со знаење на операторите.Единствено еден извор со долгогодишно искуство во УБК, што го консултираше БИРН, тврди дека мобилните оператори и самите можат да бидат жртви, така што без да знаат им се пробива кодот и се добива неовластен пристап за следење на комуникациите на нивните претплатници. Од истиот извор не добивме одговор дали „станува збор за теоретска можност или за веќе применета практика “.

БИРН постави прашања по електронски пат до мобилните оператори да дадат свој коментар на тврдењата на лидерот на социјалдемократите дека така широка и масовна операција на прислушување на над 20 илјади луѓе не е можна без учество и на операторите. Одговор засега добивме само од мобилниот оператор ВИП.

„Вип оператор работи согласно законите во РМ и не поседува опрема за слушање, следење, чување, снимање, задржување или секој друг облик на пресретнување или надзор над комуникациите. Согласно член 175 од Законот за електронски комуникации, операторите се должни да обезбедат соодветен интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до овластениот орган за следење на комуникации, со цел да се овозможи следењето на комуникациите во нивната мрежа“, велат од ВИП.

Сомневањата за вмешаност на операторите меѓу другото произлегуваат и од текстот на Законот за следење на комуникациите според кој телефонските оператори мораат да имаат опрема којашто е компатибилна со системите на МВР. Таквата одредба, всушност, илустрира намера или можност за користење на операторите од страна на Петтата управа.

Пивоваров инсистира дека е непходна измена на Законот за следење на комуникациите со кој практично ќе се оневозможи користење на мобилните оператори за прислушување

Оттаму, професорот Пивоваров инсистира дека е непходна измена на Законот за следење на комуникациите со кој практично ќе се оневозможи користење на мобилните оператори за прислушување. Тој како пример ја дава Германија каде што бил прекинат директниот линк меѓу власта и операторите.„Државата оформи свој мобилен оператор и таа институција ги добива судските налози кога одредено лице треба да се следи. Понатаму, тој државен оператор ги прибира податоците и така нема директен линк меѓу власта и телефонските оператори.“

Дека прислушувањето не е возможно без знаење на телефонските оператори, тврди и поранешниот претседател на комисијата за надзор над работата на ДБК, Есад Рахиќ.

„Софтверот за следење на комуникациите е екстремно моќен систем. Станува збор за следење преку сателити, но за тоа мора да бидат вклучени и лица од мобилните оператори.“

Пред да бидат обелоденети аудио снимките за кои опозицијата тврди дека потекнуваат од македонските тајни служби, лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски, на трибина во Велес во ноември минатата година рече дека „во следењето на ИП-адресите била вклучена една реномирана компанија“.

„Македонија е меѓу земјите од регионот кои имаат купено технологии и уреди за следење и врши дигитално прислушување. Ова овозможува да се следат и прислушкуваат дигиталните информации, интернет-сообраќајот и мобилните телефони“, рече тој.

Има закон, нема транспарентност

Директорот на УБК Сашо Мијалков никогаш не се појавил пред собраниската комисија за да даде отчет за својата работа | Фото: МВР

Дека во Македонија се прислушувало секогаш е јавна тајна, но овојпат за првпат беа објавени аудио снимки за кои опозицијата тврди дека се разговори меѓу министри од Владата, претставници од албанскиот политички блок, претставници од опозицијата, новинари…Прашањето за прислушувањето беше отворено и во 2006 година кога се носеше првиот Закон за следење на комуникациите. Партиите тогаш меѓусебно се препукуваа за тоа кој кого следел, прислушувал и кој поседува опрема за прислушување, а само ДУИ призна дека во 2001 година ОНА користела софистицирана опрема за меѓусебна комуникација, но не и за прислушување на другата страна.

Законот беше донесен, но со тоа не се зголеми транспарентноста во однос на тоа како и за што се трошат парите од Управата за безбедност. Она што се знае е дека од година во година, буџетот на УБК вртоглаво се зголемува, а Европската комисија за отсуството на контрола пишува во секој извештај.

Колку за пример, со ребалансот на буџетот во 2008 година, тајната полиција доби дополнителни 25 милиони евра кои требаше да бидат потрошени за 5 месеци. Познавачите тогаш тврдеа дека „статистички, ваков скок на доделени средства немало ни во САД по терористичкиот напад на 11 септември 2001 година“. Една година претходно, во 2007, се отвори прашањето за што биле наменети десетте милиони евра за потребите на УБК, кои со ребалансот на буџетот стоеја под ставката „разно“, а требаше да бидат потрошени за 10 дена. Премиерот Груевски тогаш на пратеничко прашање рече дека од парите се купила опрема за УБК, но дека видот и количеството се тајни податоци.

Според сето ова, како што тврдат познавачите, повеќе од сигурно е дека Македонија поседува мошне скапа и квалитетна опрема за следење на комуникациите, па оттаму излишно е прашањето дали прислушувањето за кое обвинува претседателот на СДСМ, Зоран Заев, било правено од странски служби.

Станува збор за домашна тема и работа на домашни служби, дециден е Рахиќ отфрлајќи ги обидите на власта за политичката „бомба“ на Заев да обвини странски служби за разузнавање, имплицирајќи велепредавство.

„Сомнежи постоеја одамна, така што сега е залудно да се тврди дека прислушувале странски служби“, вели Рахиќ.

Познавачите велат дека внесувањето на странските агентури во аферата сериозно го отвора прашањето на интегритетот на македонскиот безбедносен систем, кој, доколку е тоа случај, е комплетно урнат, бидејќи работа на Петтата управа е токму да ја штити државата од упад на странски разузнавачки служби.