Глобален гулаг

Македонскиот медиумски мрак и севкупната истренираност светот да го мериме од „Шара до Гевгелија“ направија Маклауновото светско село да се претвори во глобален затвор за слепите при очи.

Навидум еден неутрален пример: веста за наводното апсење на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Бакир Изетбеговиќ, што ја пренесе еден босански портал, како пожар се рашири меѓу македонските корисници на социјалните мрежи. Со оглед на фактот дека Бакир Изетбеговиќ, инаку син на „таткото“ на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, и лидер на владејачката СДА (Партија за демократска акција) е практички најмоќната политичка фигура во федералниот дел на БиХ, споделувањето на веста вообичаено одеше со некакви компаративни коментари со актуелната македонска состојба.

Ете, дури и една клиентелистичка и недоволно развиена демократија, како што е онаа во БиХ, успева да се справи со политичката корупција и државниот арамилак. Сето тоа зачинето со пикантериите за „лисиците на рацете“ и „бројните полициски сили“ што го привеле Изетбеговиќ од неговиот кабинет.

Се разбира, веста би била сензационална и би го заслужила целото внимание на овдешната јавност, само ако – беше точна. Веста практично не е „кромид“ туку повеќе „зелка“, затоа што неа преку фејсбук и твитер ја пренесоа врвни македонски новинари, некои политичари, како и голем дел од таканаречената мислечка јавност. Се разбира, не ја пренесе ниту еден, ајде и ние да го употребиме тој збор, кредибилен, односно веродостоен босански медиум, а камоли светски, освен опскурната босанска интернет-страница, позната по своето „жолтило“, која, ете, успешно се пенетрираше во македонската јавност.

Иако оваа „зелка“ не е со „кошули триста“, како во онаа детска песничка, сепак изненадува комплетното отсуство на минимален интелектуален напор да се симнат барем површинските листови од неа, особено ако станува збор за „сензационална“ вест. Како и секоја вест од таканареченото „политичко жолтило“ и оваа е базирана на спин и полувистина.

Вистината е дека во Сараево е уапсен Фахрудин Радончиќ, еден од најбогатите луѓе на БиХ, новински магнат, а од неодамна и политичар, чија СББ (Партија за подобра иднина) во моментов е во владејачката коалиција со СДА на Изетбеговиќ. Обвинет е за помагање при убиство, извршено пред повеќе од една деценија, но постои голема веројатност истрагата навистина да се прошири и на неговите коруптивни бизниси, бидејќи за тоа постои особен интерес во САД и во повеќе водечки земји на Европската унија.

За жал, македонскиот медиумски мрак и севкупната истренираност светот да го мериме од „Шара до Гевгелија“ направија малкумина тука воопшто да слушнат за „таму некој“ Радончиќ. Па затоа само ќе кажеме дека условен пандан на апсењето на Радончиќ би било тука да се уапси, на пример, некој како Орце Камчев. И вистина е дека Бакир Изетбеговиќ се појавил во Обвинителството на БиХ како сведок во овој случај. Сепак, недоволно за да се прифати овој хоакс, што би рекле Американците.

За овдешната интелектуална мрза и „фаќањето здраво за готово“ на сѐ што ќе се појави на глобалната мрежа веќе беше пишувано на ова место, но вреди повторно да се потенцира парадоксот на глобалната информација – колку повеќе информации ни стојат на располагање, толку помалку сме информирани! Би било логично да се заклучи дека изобилството информации и нивниот брз протек на интернет гарантираат подобра информираност, но наместо светот да биде вистинско светско село од Маклаунов тип, кај нас тој се претвора повеќе во некаков глобален гулаг – информативен затвор за слепите при очи. Во ред, понудата на информации на дигиталната шведска маса не значи дека корисниците ќе се хранат квалитетно. Напротив, тие најчесто се прејадуваат со нездрави, токсични слатки.

Работата, всушност, е едноставна. Сегашните генерации не го помнат „подоброто минато“, кризата е нивна сегашност, а иднината не се гледа. Затоа овој искривен информативен систем им се гледа како единствено можен. Во партиска држава со приватизирана медиумска индустрија, каква што е Македонија, од новинарот не се очекува да размислува туку молчејќи да го спроведува бизнис-планот, кој, јасно, е поврзан со финансиските центри на моќ. Кај нас, за жал, најголемиот центар на финансиска и каква било друга моќ е државата, односно партијата на власт.

А тој бизнис-план се спроведува со раскажување или прераскажување нарачани стории. Тоа е поевтино, а повеќе се исплаќа, отколку малку подлабоко да се влезе во приказната. Во тој клуч треба да се гледа и појавата на таблоидното новинарство, на „копи-пејст“ новинарството и на поплавата од „експерти“ – поевтино е! Жолтиот печат и по својата дефиниција е евтин и зошто тогаш од традиционалната естрада и таканаречените „селебрити“ не се префрли на политички терен – поисплатливо е. И носи повеќе „кликови“, што би рекле колегите од новите медиуми.

Значи, тука не станува збор само за разно-разните „курири“, „инфомакси“ и слични наводни медиумски сочиненија, ниту пак, за телевизиите и весниците што се под директно влијание на власта туку речиси буквално за целиот информативен простор. И оние новинари и медиуми што се обидуваат да задржат некаков дигнитет или барем во назнаки да потсетат на професионалните стандарди не се во можност тоа да го прават. Тие се во наковалната меѓу потребата за квалитетно информирање и начините да се заработи за живот. Едноставно, квалитетното новинарство чини пари. А пари имаат само оние што се послушни на власта. А нив не ги интересира професионалното новинарство. И така натаму во маѓепсаниот круг.

Да, точно е дека „направи сам“ новинарството ги проширува хоризонтите на демократијата и овозможува дебата и расправа, но факт е дека тука преовладуваат личниот пристап, предрасудите, политичките, верските и националните стереотипи. Со други зборови, созревани на жолтиот печат, турските сапуници и црната хроника, воопшто не е чудно што веруваме на сѐ што ќе прочитаме на глобалната мрежа. Во глобалниот затвор.