Што му може смртта на еден голем автор? Нему ништо, уметноста ги чува своите великани во утробата на бесмртноста. Но, нам останатите, дали биле негово семејство по крв, по соништа, или по занает, дали биле негови комшии или ученици, или просто уживатели на неговите дела и на неговиот уметнички бит, нам ваквата загуба ни може сè – да нѐ фрли во бескрајна тага, да ни остави огромна празнина во душата, да ни израсне грутка диво месо во грлото…
Смртта е подла. Таа е демон што оперира од Дебар Маало, па сè до крајот на светот… Таа е црна дупка… Бесконечен лет во место… Огнен јазик што ќе те дофати и ќе те изгори каде и да си, ако само реши…
А Горан Стефановски, најзначајниот македонски „чирак на Шекспир“, кој вчера замина од овој свет во вечноста, веројатно би го додал и ова: Оставете тоа, Смртта е, пред сè, драматург!
Вие гневни и тажни ќе плукате по нејзините драми и по ужасот што ви го предизвикуваат, а тој мирно ќе ве поправи: Не, нејзините драми се занаетски совршени! Зашто нема од неа повешт поставувач на стапици за нејзините главни ликови! Смртта е заплет, моќен заплет, со изненадувачки крај!
Болната вистина е таа: да го „читавме“ Горан колку што денеска го цитираме, немаше да паднеме на ова дереџе, ни како култура, ни како општество, ни како држава
Горан беше најславната личност од нашето маало. Кога бевме деца и ќе поминеше додека игравме фудбал на плочникот кај него пред зграда, викавме: Еве го писателот на драми… Кога станав и самиот некој што живее од пишување, веќе знаевме и да застанеме на истиот тој плочник и да скршиме по некој збор, дали за македонцките работи, дали за медиумските работи, дали за маалските работи…
Дури кога запишав драматургија на катедрата на ФДУ, основана токму од Стефановски, разбрав дека нашата перцепција за Горан била погрешна (а таква погрешна ќе ја прочитате и во едно чудо ин-мемориам текстови денеска), тој воопшто и не бил писател.
Професорот Сашко Насев, кој и самиот го печел занаетот кај овој голем мајстор, не пропушташе предавање, а да не ни го пренесе најважното драматуршко кредо на Горан Стефановски: драми не се пишуваат, драми се создаваат!
Да се пишува е работа на писменост. Да се создава е божествена работа!
Горан Стефановски не пишуваше, не оставаше просто букви на хартија за да се читаат, тој беше голем мајстор на драматуршкиот занает, создаваше драми, го пресоздаваше општеството за да го критикува, го пресоздаваше животот за да го слави. Тогаш, кога ги создаваше своите драми, тогаш Горан ја порази смртта.
А оваа мачна, трагична претстава што Смртта ја одигра вчера попладне за да ни го одземе неговото битисување меѓу живите, може да нè фрли во тага, но е немоќна да поништи ниту една слово од делото на Горан, ниту еден глас изговорен на сцена, ниту еден глагол од драмите што живеат. Ars longa, vita brevis!
Се покажа дека е така како што велеше Горан. Животот, за жал, има некоја своја азбука. Собитијата од кои е сочинет не се одвиваат според азбучен ред. Да, баш како насловот на онаа антологиска телевизиска серија што ја описмени мојата генерација (барем толку колку што успеавме да се описмениме) – и животот е бушава азбука, никогаш не знаеш кое слово ќе ти биде последно.
Искрено, не знам колку би му значело на Горан тоа што социјалните мрежи, интернетот, порталите денеска се преплавени со цитати на реплики од неговите драми или извадоци од неговите интервјуа. Па, и ние дузината што нагрнавме да пишуваме колумни и омажи, коментирајќи ја сегашноста преку неговите мисли, или сеќавајќи се кога последен пат сме размениле некој збор со него (јас последен пат го сретнав пред некој месец кај нас во маало, на пешачкиот спроти „Капитол“), или можеби уште понепристојно и попретенциозно, како јас во овој текст, се расправаме со Смртта во негово име…
Тогаш, кога ги создаваше своите драми, тогаш Горан ја порази смртта
И од оние малку редови муабет што сме ги размениле, можам да претпоставам дека додека седат со Бекет таму негде горе и си прават муабет за музика, не за драми, Горан се шегува на своја сметка дека конечно, барем на македонскиот дел од Фејсбук, застанал рамо до рамо со Дејвид Боуви, Меша Селимовиќ и со Пауло Коелјо.
Болната вистина е таа: да го „читавме“ Горан колку што денеска го цитираме, немаше да паднеме на ова дереџе, ни како култура, ни како општество, ни како држава.
Драматурзите се најискрени кога зборуваат преку своите ликови, па ако се најде некој Димитрија денеска, со право ќе ни одбруси: Ѝ се прди на Смртта за вашите колумни и статуси.
Можеби доволно е само да се збогуваме. Онака човечки, како двајца соседи. Збогум Горан, збогум комшија.