Регион

Во Косово уапсена поранешна соработничка на Оливер Ивановиќ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Дие Морина, Приштина; Маја Живановиќ, Белград

Полицијата на Косово на местото на убиството на Оливер Ивановиќ | Фото: АП/Висар Крјезиу

Поради сомневање дека манипулирала со безбедносните камери, во Косово е уапсена Силвана Арсовиќ, поранешна секретарка на убиениот политичар, Оливер Ивановиќ.

Обвинителот што ја води истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ, за БИРН изјави дека секретарката на Ивановиќ, Силвана Арсовиќ, е уапсена под сомнение дека манипулирала со безбедносните камери кои се наоѓаат во седиштето на партијата на Ивановиќ во Митровица.

„Таа била службеник во канцеларијата на Оливер Ивановиќ и била плаќана како секретарка. Се сомневаме дека таа манипулирала со безбедносните камери“, ни кажа обвинителот, Сила Хоџа.

Арсовиќ е четвртото лице уапсено во врска со убиството на Ивановиќ. Три лица беа уапсени во петокот наутро; медиумите објавија дека двајца од нив се полицајци од српска националност.

Косовското обвинителство во петокот соопшти дека полицијата извршила претрес во куќата на Милан Радоичиќ, потпретседател на политичката партија на Србите од Косово, Српска листа, кој го избегнал апсењето.

Ивановиќ, непосредно пред да биде убиен на 16 јануари оваа година пред седиштето на неговата партија, го окарактеризира Радоичиќ како вистински владетел на северно Косово.

Инаку, Радоичиќ се наоѓа во бегство и тој негираше дека е вклучен во убиството на Ивановиќ.

Тој од Косово избегал во Србија, каде што српската полиција денеска го сослушала на неименувана локација.

„Министерството за внатрешни работи на Србија дејствуваше во согласност со барањето на српското обвинителство за организиран криминал и го повика М.Р. да даде исказ за она што го знае за убиството на Оливер Ивановиќ “, изјавија за БИРН од МВР.

Во времето на убиството, на Ивановиќ му се судеше во обновен судски процес по обвинението дека дал наредбата за убиство на Албанци во Митровица во 1999 година. Тој, тогаш изјави, дека не е виновен.

Денеска предпладне, портпаролката на партијата на Ивановиќ, Ксенија Божовиќ, за информативниот портала Косев, потврди дека Силвана Арсовиќ е уапсена и дека 48 часа ќе биде задржана во притвор.

„Силвана ја повикаа утринава да се јави во северната полициска станица, за да даде исказ во врска со истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ, нешто што Силвана и претходно неколку пати го има направена”, рече Ксенија Божовиќ.

„Во станицата ѝ кажале дека специјалниот обвинител побарал да се оди во Приштина, а потоа, како што разбрав, некаде за време на патувањето, ми рече да ѝ најдам адвокат”, додаде таа.