Можеше, на пример, и вака: „Јавното сообраќајно претпријатие обезбеди бесплатен јавен превоз за децата-учесници во ‘бадникарските поворки’, затоа што процени дека тоа е многу попрактично и поевтино отколку на учесниците да им се исплаќаат патни трошоци според актуелните законски акти“.
Или вака: „Јавното сообраќајно претпријатие обезбеди бесплатен превоз за децата-учесници во ‘бадникарските поворки’, затоа што процени дека на тој начин ќе се дестимулираат учесниците да користат сопствени патнички автомобили на дизел гориво, со што значително ќе се превенира огромното загадување на воздухот“.
А може и поинаку. Всушност, може секако, кога веќе може да стои и објаснувањето на Шилегов дека „бадникарската поворка“ не е иницијатива на некоја од верските заедници, туку класична граѓанска иницијатива „која слави еден верски празник, што е нешто што доста често ни се случува во државата, а ние, токму како избрани претставници на граѓаните, во зависност од нивните потреби и во зависност од можностите, им излегуваме во пресрет“.
Која граѓанска иницијатива слави верски празник? Можеби ПОА на Вранишковски, која (сѐ уште) не е регистрирана како верска заедница, иако и Европскиот суд пресуди во нејзина корист? И колку е тоа „доста често“ прославување на верски празници по граѓански иницијативи што наводно ни се случува во државата? И од кога тоа масовни детски процесии за Бадник и Божик се дел од нашата традиција? И од кога пеењето коледарски песни пред општинските згради се наша традиција? И од кога коледарчење и црковни процесии се „потреба на граѓаните“? И од кога злоупотреба на повеќе од 7.000 деца не е злоупотреба?
Па, за ваква „класична граѓанска иницијатива“, Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради, заедно сосе нивните споменици, делува како ултра-граѓанска иницијатива, а оние несреќните што му ставаа гаќи на Прометеј како ептен урбани.
Но, како што се вели, на оној што знае нема потреба да му објаснуваш, а на оној што не знае (или не сака да знае) бадијала е да му кажуваш. Сепак, сѐ си мислам дека треба пред градоначалникот на Скопје и пред останатите градоначалници, па и пред целата власт, да се поведе „класична граѓанска иницијатива“ која на функционерите кои на овој начин „излегуваат во пресрет на граѓанските барања“ ќе им ја објасни разликата помеѓу секуларното и духовното, помеѓу верата и религијата, помеѓу јавниот интерес и религиозните празнувања…
Сѐ си мислам дека треба пред градоначалникот на Скопје и пред останатите градоначалници, па и пред целата власт, да се поведе „класична граѓанска иницијатива“ која на функционерите кои на овој начин „излегуваат во пресрет на граѓанските барања“ ќе им ја објасни разликата помеѓу секуларното и духовното, помеѓу верата и религијата, помеѓу јавниот интерес и религиозните празнувања…
Натаму, нашите Божик и Бадник не ги слават верниците од христијанска вероисповест, туку православните верници. И тоа не сите, туку само оние цркви што го немаат прифатено григоријанскиот календар како начин на сметање на времето. Со други зборови, не се сите Македонци верници, не се сите македонски верници христијани, не се сите македонски христијани православни… За другите етнички групи ич муабет да не правиме. Па, кои се тогаш тие традиции на сплотување.
Ако сакаме да пронајдеме веќе некој празник што би можел да се подведе под „потреба на граѓаните“, тогаш тоа е Нова година. Но, поради штедење или што ли, повеќето градоначалници ги откажаа општинските новогодишните прослави и на тој начин оневозможија добар дел од таа иста нација што ја сплотуваат да го почувствува празничниот дух. Па, ако сакате, и за тие исти деца што сега пееја некакви новокомпонирани божикни песни, Дедо Мраз е секако поголема радост, отколку трчање по поповите и градоначалниците за да добијат некое бонбонче, костенче или мандарина.
Инаку, патем речено, таканаречената „бадникарска поворка“, зад која стои некоја полуфантомска невладина организација наречена токму така „Бадникарски поворки“, всушност е организирана од општините и училиштата што се во нивна надлежност. И тоа на неработен ден. Ќе им го надомести ли на децата некој овој неработен ден? Ќе им плати ли некој празнична дневница за работа на празник? Или сѐ ќе се заврши со ситна корупција во вид на „дарување“ од градоначалниците или поповите?
И на крајот главното прашање: што бара Бог меѓу учениците? Се сеќавам на еден мал американски филм (Oh, God. Book II, 1980), каде што Бог (олицетворен во ликот и пурата на извонредниот Џорџ Брнс) се симнува на Земјата и замолува едно 11-годишно девојче да смисли некаков слоган со кој повторно ќе ја врати вербата во Бога. Девојчето и нејзините другарчиња смислуваат графит, нешто како „Мисли на Бога“ или „Бог е жив“ (не се сеќавам најдобро) и го покриваат целиот град со овој графит. Вклучувајќи го и училиштето. Кога директорот на училиштето разбира кој стои зад оваа работа, ги вика родителите на девојчето и се заканува дека ако се појави уште еден ваков графит, девојчето ќе биде истерано. Таткото вели како е можно овој графит да биде проблем, а не безброј безобразни графити исцртани по школските ѕидови, особено затоа што станува збор за САД, кои и на својата банкнота имаат запишано „Во Бога веруваме“. Директорот вели дека сето тоа е така, ама додека е тој директор на Бог ќе му биде забрането влегување во училиштето.
Кога веќе во општинските администрации не знаат, знаат ли барем во Министерството за образование за принципот на забрана за влегување на Бог во школите? И ќе преземат ли нешто по ова прашање?
Или ќе чекаме сега за Водици „една класична граѓанска иницијатива“ да ги организира децата да скокаат по разни крстови во македонските води. И така сите да се сплотиме.