Бевме или мислевме дека сме народи што се гордеат со храброста, со визионерство и со солидарност. Сепак, ние изгледа веќе сме изградиле една посебна, ретка и гордо негувана доблест – апатичност и презир.
Македонската апатичност е специфична, таа не е обична, туку возвишена, доблесна апатичност, онаа што е повеќе од само рамнодушност, апатичност, која е вредносен став. Да не се мешаш. Да не пркосиш. Да не се изложиш. Да не се грижиш.
Два настани од истата недела ја манифестираа таа наша национална вештина со таква прецизност, што човек би помислил дека не сме мала држава во хаос, туку духовна школа за дисциплинирано откажување.
Минатата недела, во Македонија пристигна Грета Тунберг, глобално препознаена активистка за еколошка правда и за поддршка на палестинскиот народ што страда во Газа. Дојде да говори за ужасите во Газа и да им даде поддршка на екоактивистите од Македонија во нивната борба за нашата животна средина.
Презирот што го покажуваме кон секоја форма на ангажираност не е прашање на став, туку на одбрана. Одбрана од сопствениот пораз, од сознанието дека одамна сме се откажале од идејата дека нештата може да се променат
Судејќи според коментарите на социјалните мрежи, овој нејзин гест беше вреден за вербален отров, цинизам и за лоши злобни шеги. На социјалните мрежи се отвори канализација од коментари: „Да си оди од кај што дошла“, „да си гледа школо“, „што разбира дете од политика.“
Во меѓувреме, македонскиот парламент, тој храм на институционализираната незаинтересираност, не најде ниту капацитет, ниту волја, ни за симболичен гест, ставање на дневен ред за пленарна дискусија и гласање на резолуцијата за овозможување хуманитарна помош за Газа. Ниту „против“, ниту „за“, едноставно – ништо. Тоа е нашето вистинско политичко јадро: ништо.
Македонецот денес е пријател на секоја неправда, сè додека не го засега лично. А дури и тогаш, ќе ја преживее со трпение, цигара и со сарказам, како да се работи за временска непогода, а не за системска беда. Презирот што го покажуваме кон секоја форма на ангажираност не е прашање на став, туку на одбрана. Одбрана од сопствениот пораз, од сознанието дека одамна сме се откажале од идејата дека нештата може да се променат.
И токму затоа, оние што уште веруваат, што се бунат, што говорат гласно и без извинување, се доживуваат како закана. Особено ако се жени. Особено ако се млади. Особено ако не се плашат да бидат пркосни. Тие се навреда за националната апатија. Потсетник на нешто што не сакаме да се сетиме дека некогаш сме биле.
„Уште оваа ни фалеше“, врескаат вознемирените Македонци во коментари. „Ајде бре, глејте си ја државата, не за Палестина да ни зборувате“, се бунтуваат ревносните македонски гласачи против само 16 од 120 пратеника, кои побараа донесување ваква резолуција.
Тоа не се само обични изливи на македонскиот геополитички сенс на Фејсбук, туку содржатели на цела една идеологија што веќе нѐ проголта. Идеологија на цинична резигнација, на одбрана на апатијата како доблест, на мир што постои само ако никој не нè потсетува на сè што не е во ред. Тоа е став што ја доживува секоја форма на ангажираност како непријатен шум, нешто што ги нарушува јавниот ред и тишина.
Грижата се перцепира како напад, а активизмот како ароганција. Во длабочината на овие навидум обични искази се крие пасивна агресија кон секој што не се откажал, бидејќи нивното постоење го разголува сопственото откажување. Таа фраза е и одбрана од политичка одговорност, еден вид огледало во кое не сакаме да се погледнеме, зашто ќе нè потсети дека сме сведоци што избрале молк.
„Уште оваа ни фалеше“, не значи само „не сега“, туку „не нè вознемирувај со идејата дека можеме да бидеме подобри.“ Тоа е реченицата на човек што одамна ја напуштил надежта и сега го мрази секој оној што сѐ уште ја негува.
Грижата се перцепира како напад, а активизмот како ароганција. Во длабочината на овие навидум обични искази се крие пасивна агресија кон секој што не се откажал, бидејќи нивното постоење го разголува сопственото откажување
Заедно со оваа ужасно голема лоша вест, имам и една добра. И покрај сè, не може да се каже дека сите сме се откажале. Нѐ има и од оние поинаквите. Имаше 16 пратеници што инсистираа на резолуцијата, не поради наивност, туку затоа што веруваат дека макар и симболичен гест има тежина кога станува збор за живот и достоинство. Имаше и има протести за Газа. Имаше настани и вмрежувања со активисти што знаат дека борбата за здрава животна средина и борбата против геноцид не се две одвоени работи. Имаше луѓе што ја организираа посетата на Грета, не заради ефект, туку заради потребата да се поврзат оние што не молчат. Нѐ имаше и такви што не блуеја отров, туку најдоа инспирација.
Тоа се луѓето што покажуваат дека алтернативата постои. И дека таа не лежи во чекање на институциите да направат нешто, туку во градењето врски, иницијативи, отпор и грижа.
Нашата страст не е гест на оптимизам, туку доаѓа од чувството на одговорност. Одговорноста дека и од нас зависи каков простор ќе создадеме, не само физички, туку и симболички, политички, етички. Простор во кој не се навикнуваме на неправда. Простор во кој не се исмева грижата. Простор во кој се поттикнува солидарност, се негува несогласувањето, се штитат ранливите.
Од нас зависи да градиме такви простори и такви заедници. Заедници што размислуваат поинаку, што замислуваат и се обидуваат, па макар и по цена да изгубат привилегии во овој систем.
Додека Грета заминува од Македонија, додека политичарите се групираат во штабови, чекајќи ги есенските избори, додека езерата и реките ни пресушуваат, додека телата и душите ни ги експлоатираат за трошки, кои ги нарекуваме плата, дел од нас смислуваат начини да изградат живот со смисла за колективот. Другите, оние што го изгубиле капацитетот за бес, продолжуваат да шепотат: уште оваа ни фалеше, уште оваа ни фалеше, уште оваа ни фалеше...
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија