Груевски како фуснота

Иако од искуство оставката на Никола Груевски на челното место во ВМРО-ДПМНЕ побргу би ја нарекол провизорна отколку неотповиклива (со оглед на неговото водење на Владата, во времето кога премиер беше Емил Димитриев), сепак првиот заклучок е дека овој чин е премалку и предоцна. Барем во однос на партијата што сѐ уште ја води.

Што значи оставка, воопшто? И што значат „морални причини“? Оставката е еден од начините човек да се извлече од „бродот што тоне“ или од конфликтната ситуација што самиот ја предизвикал или да предупреди некои дејствија што можат да се очекуваат, а кои ѝ нанесуваат штета на политичката групација или институција која тој човек ја персонифицира. А релаксацијата на ситуацијата е меѓучекор кон нејзино успешно разрешување. Се разбира, обележјата на чесност и релаксираност ги има само оној чин што претставува личен однос кон некого или кон нешто.

Каков однос и кон кого покажа Никола Груевски со најавата за оставка на лидерското место? Големиот мајстор на кризата за кусо време успеа една од најмоќните македонски политички партии во целокупната историја на македонскиот плурализам да ја спушти на ниво на манипулативна и манипулирана група граѓани без никаков импакт во општествените процеси.

Еден ден, во некоја можеби не толку далечна иднина, кога некое дете ќе ја учи македонската политичка историја, ќе налета на името на Никола Груевски, а во македонскиот политички лексикон ќе пишува: Груевски, Никола: политичар кој живееше во времето на Тоше Проески. Толку. Тажно, што би рекла лидерката на партијата во најава, Солза Грчева

Работејќи сосема обратно од принципите на демократијата, тој идеологијата ја воведе во државното и административното работење, а партијата ја претвори во исклучиво профитабилно, да не кажеме акционерско друштво со ограничена одговорност. И сега, кога профитот веќе го нема, партијата, логично, почна да се распаѓа по целото нејзино врзувачко ткиво.

Вокабуларот што сам го инаугурираше во јавниот говор, поделбата на „предавници“ и „патриоти“ сега го доживува на своја глава. Но, парадоксално, не од неговите политички опоненти, туку од луѓето од неговата партија. Сега, кога реалната моќ повеќе ја нема, кога надуениот балон наречен „народот е ВМРО-ДПМНЕ“ или ако сакате „десет изборни победи во низа“ почна со светлосна брзина да се издишува, во конгломератот на светските заговори, покрај Сорос, Бејли, Рокфелер, домашните квислинзи и ХААРП-от, одеднаш влезе и Никола Груевски, оквалификуван од радикалниот дел на ВМРО-ДПМНЕ како „мек“, „продаден“, „под чадор на Американците“ итн.

Тоа е онаа група, во која до скоро спаѓаше и денес екскомуницираниот Груевски, која смета дека неограничената власт, а следствено и неограничената моќ природно ѝ припаѓа на партијата, односно ним како обликувачи на партиската реалност. Зад тој „природен поредок“ се разбира стојат безбројни сметки во земјата и странство, „дил ориентед“ логика, провизии и тендери, фирми во Белизе итн.

Во случај да се измести „природниот ред на нештата“, тогаш тој треба да се врати во „нормала“ по секоја цена. Или да бидеме попрецизни: по цена на 27 април. Денес, освен оние што се во притвор, таа цена ја плаќа целата партија, намалувајќи ја својата политичка моќ до степен на маргина и намалувајќи го бројот на своите пратеници во парламентот. И сето тоа поради менаџирањето на кризата на Никола Груевски.

Партијата, која преку клиентелистичкиот пристап, партиската послушност и стравот, можеби преку заводливата пропаганда („трета економија“ во Универзумот, рај за странски инвестиции итн.) успеа да создаде масовно членство, сега не може да извади на улични протести ниту колку што е просечниот број навивачи на натпреварите на фудбалскиот клуб „Напредок“ од село Долно Коњари. Зошто?

Токму затоа што Владата на Зоран Заев не е фокусирана на кадровски реваншизам, па долните структури на ВМРО-ДПМНЕ се сѐ уште распоредени по своите синекури, а природна (овојпат навистина природна) реакција на секој корисник на синекура е што подолго да остане таков. Тоа значи дека сега е во тек операцијата „прилагодување на новите околности“, а во неа нема место за улични протести. Особено не ако се организирани од партија, која одамна го изгуби и она „и“ од идеологија во својата реална програма.

Големиот мајстор на кризата за кусо време успеа една од најмоќните македонски политички партии во целокупната историја на македонскиот плурализам да ја спушти на ниво на манипулативна и манипулирана група граѓани без никаков импакт во општествените процеси

Се разбира, Никола Груевски станува пречка и за оној рационален дел на ВМРО-ДПМНЕ, кој смета дека декларативното колнење во ЕУ и НАТО треба да се замени и со европско однесување, односно кој мисли дека водењето на партијата на овој начин – едното око секогаш завртено кон авторитарниот Путин – само ќе придонесе кон нејзино конечно исчезнување од политичката сцена.

Се разбира, тука е искомпромитираноста на првите ешалони на партијата, над кои над врат им стои мечот на правдата од истите оние судии, кои токму тие ги инсталираа во судските органи. Како, конечно, да ги води човек, значи Никола Груевски, кои само оваа недела треба три пати да се јави во Кривичниот суд во Скопје, било како обвинет, било за да докаже дека сѐ уште не избегал од земјата.

На крајот, најнејасни се оние што се собираат на протестите и кои скандираат „Нема оставка, Никола“. Прво, не е јасен слоганот што го извикуваат: дали констатираат дека сѐ уште нема оставка или бараат Никола Груевски да си го повлече зборот? Второ, не е јасно дали се провокатори на СДСМ, бидејќи останувањето на Груевски на чело на партијата гарантира нејзино сведување не на „пајтон партија“, туку на една фуснота во македонската политичка историја.

Еден ден, во некоја можеби не толку далечна иднина, кога некое дете ќе ја учи македонската политичка историја, ќе налета на името на Никола Груевски, а во македонскиот политички лексикон ќе пишува: Груевски, Никола: политичар кој живееше во времето на Тоше Проески. Толку. Тажно, што би рекла лидерката на партијата во најава, Солза Грчева.

Значи, на македонскиот политички амбиент и тоа како му е потребна ВМРО-ДПМНЕ, ама не како криминогена и мафијашка организација, туку како сериозен натпреварувач на сите нивоа на избори во земјата, но и како важен меѓународен (а не изолиран) фактор. Затоа оваа задоцнета најава за оставка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е добар политички пример.

Оставка, да, ама не предоцна и не како резултат на каков било притисок, туку како личен и морален однос на индивидуата кон политичката групација што ја персонифицира.

Но, за тоа треба да се поседува и личност и морал.