Уште не е исушено мастилото на гласачките ливчиња, а веќе се шири наратив за неопходност од нови парламентарни избори (ако не веднаш, „барем“ во пакет со локалните избори), на кои одново ќe се бара довербата на гласачите, со една цел: што поголем и поубедлив резултат за тoj што ќе ја добие шансата да управува со кокпитот на државата.
Ваквите ноти доаѓаат, пред сѐ, од опозициските кругови, каде што е видлива разочараноста што најавуваната „голема победа“ заврши со изборен скор помал од тој на претседателските, а за повеќе од 100.000 гласови помал и од парламентарните избори во 2016 година, кога партијата ја предводеше веќе длабоко разнишаниот Никола Груевски.
Тезата – СДСМ победи, ама и ВМРО-ДПМНЕ не изгуби, односно дека без мандатите на БЕСА, социјалдемократите имаат помал кредибилитет од ВМРО-ДПМНЕ, се обид за непримерно дестилирање на македонските и албанските гласови во една иста коалиција, а доаѓаат од истите кругови во кои се држат професорски лекции дека треба да се елиминира фаворизирањето на етничкото наспроти граѓанското.
И наместо да се менуваат состојбите, од избори до избори само се овозможува проста репродукција на истата политички малигна содржина, која одново добива можност да се трансформира во барања за етничка мобилизација (овојпат за „прв премиер Албанец“), идеја која не е цел сама за себе и резултат на граѓанска доверба, колку што е конструирана за политичко преживување на нејзините политички татковци.
Гласовите што ги добија партиите што ветија „ништење“ на договорите се практично квантитативен показател колку таа приказна е издишана
Високата цена сега може да ги одврати „стројниците“ за коалициска свадба, освен ако сватовите однапред не се решени да ја раситнат „невестата“ за што поголем број други политички функции.
Резултатот има и свој интраетнички аспект. Епилогот со изедначени „победници и непоразени“ е продукт и на неискреноста на некои партии во македонскиот блок по прашањето на договорите што на земјата ѝ овозможија да ги деблокира евроинтеграциските процеси и да се зачлени во НАТО.
Реториката „не ја игнорираме реалноста, ама ќе направиме сѐ да ги промениме договорите“, е двосмислениот став со кој ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека двојно ќе ќари – и дома и надвор. Но, се покажа дека гласачите не сакаат замаглени позиции.
Ваквиот став отвори простор и можност некои други партиски субјекти најдиректно да ветат „поништување“ на договорите, со што направија разлика меѓу колебливиот речник на ВМРО-ДПМНЕ и ја презедоа палката за плукање по двата договора.
Левица, на пример, со тоа собра добар дел од гласовите на граѓаните наредени зад слоганот „Никогаш Северна“, на кои се надеваше и најголемата опозициска партија.
Голем дел од познавачите на релациите меѓу овие два субјекта ќе речат дека тоа е дел од планот, дека Левица е резервната мрежа на ВМРО-ДПМНЕ за ловење на гласовите на неупатените во вистинските партиски ставови и тактики, па неслучајно и Бујар Османи ги става во ист кош.
Но, од ваквите тактики и неискрености, штета имаше единствено ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи она што го добија подизведувачите, го стопи токму нивниот краен резултат.
Така што, ВМРО-ДПМНЕ, ниту прокнижи гласови од приказните за заштита на идентитетот, ниту, пак, мнозинството гласачи поверува дека тој е загрозен за да ѝ ја даваат довербата на ВМРО-ДПМНЕ да го брани, на толку двосмислен начин.
Гласовите што ги добија партиите што ветија „ништење“ на договорите се практично квантитативен показател колку таа приказна е издишана, заедно со илузиите на најголемата опозициска партија дека допрва ќе прави капитал од тоа. Изборите им покажаа дека за победа не е доволна преспанска контра.
И коалицијата на СДСМ не треба воопшто да биде задоволна од овој резултат. Тој покажува дека гласачите што го заокружиле нејзиниот број, тоа го сториле поради решените надворешно-политички приоритети, но нивниот број ќе беше значително поголем ако тие резултати одеа рака под рака и со исчекори во други сфери на домашен план, особено на правен.
Овој изборен скор може да се смета за своевиден гласачки аванс, кој партијата ќе мора брзо и квалитетно да го врати. Во спротивно, веќе на следните избори, сегашниот резултат ќе наликува како „гулаб на гранка“, но без „врапче во рака“.
Она што на сите партии генерално им недостигаше е квалитативно „тежок“ политички концепт, кој би одговорил како треба да изгледа нашата земја по сите клучни параметри и сфери. И не само во следните четири години.
Има нешто што се нарекува долгорочни стратегии, визии и планови, а не набрзина скроени списоци со ветувања, кои се губат зад првиот агол кога ќе се седне во власта.
Овој изборен скор на СДСМ може да се смета за своевиден гласачки аванс, кој партијата ќе мора брзо и квалитетно да го врати
На крајот, како мала илустрација за ранливоста, за нетемелноста, за манирот „купи-ден помини“, е состојбата во одаите на ДИК. Во моментов, илјадници гласачи, без разлика за кого гласале, се прашуваат – како ќе ја оправаме државата кога трет ден не можеме да го оправиме ни сајтот на ДИК, кој стана персонификација на сомнежите за веродостојноста на изборните резултати.
Особено што ова следи откако од изборните резултати протече еден спонтан граѓански консензус, кој, за тие што знаат да читаат бројки, а не само да ги множат, собираат и делат, гласи: политичките елити ќе мора да се потрудат многу повеќе и многу подобро.
Доколку сакаат земјата да биде персонификација за демократија и развој, а не за корупција, поделби и дезинтеграции, треба темелно да се коригираат, да се фатат за работа, да се натпреваруваат со вистински реформи и проекти, а не со „бомби“, со битка за превласт врз олигарсите, со чети од неформални советници и посредници, кои ја извитоперуваат идејата за транспарентно општество и меритократија.
Нема време за чудења и прашања „како и кога“. Понекогаш прашањата се комплицирани, но одговорите се многу едноставни. Една мудра изрека сугерира решение: „Најдобриот начин да ја предвидите иднината – е да ја создадете“.
Па, повелете!