Регион

Хашим Тачи „задоволен“ по четиридневното сослушување во Хаг

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Хашим Тачи дава изјава по сосолушувањето. Фото: Принтскрин

Тачи, вчера навечер, откако 4 дена по ред оваа недела разговараше со обвинителите на Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) со седиште во Хаг, изјави дека оваа институција треба да дојде до заклучок дека тој не е виновен.

„Многу сум задоволен што четири дена имав можност да сведочам за сите прашања поврзани со моите активности во војната и со моите напори за мир, стабилност, развој и напредок“, изјави Тачи за медиумите.

Тој додаде дека на специјализираните обвинители, кои вршат истраги за воените и повоените злосторства на Косово, им дал „информации за неговата улога и неговите одговорности за време на војната“.

Тачи посочи: „Сега е на обвинителот и на судијата непристрасно да го проценат моето сведочење“.

„Ако го сторат тоа професионално, можат лесно да заклучат дека јас не сум извршил никакви воени злосторства“, нагласи тој.

СОК соопшти дека поднело обвинение од десет точки, со кое Тачи, политичарот, Кадри Весели, и други личности, се товарат за низа злосторства против човештвото и за воени злосторства. Обвинението е проследено до судија на потврда.

Инаку, во понеделникот, мала група Албанци протестираа пред зградата на Специјализираните совети на Косово (ССК). Тие држеа транспаренти на кои пишуваше „Ова е расизам“, пееја песни и извикуваа „УЧК“.

Доколку се потврди обвинението, на Тачи ќе му се суди пред ССК во Хаг. Тачи негираше дека сторил нешто незаконско и истакна дека ќе си даде оставка, доколку судијата го потврди обвинението против него.

Над 100 поранешни припадници на ОВК беа сослушани од специјализираните обвинители, кои ги истражуваат наводите за убиства, тортура, нелегален притвор и други дела.

СОК соопшти дека минатиот месец го обзнанило обвинението против Тачи и Весели, затоа што тие „спровеле тајна кампања со цел да се укине законот со кој се формираа Специјализираните совети како суд, како и со намера на друг начин да ја опструираат работата на судот, сѐ со цел самите да не бидат изведени пред лицето на правдата“.

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од косовскиот судски систем со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал.

Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои се плашеа дека судскиот систем на Косово не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи.

Косовските Албанци се против овој таканаречен Специјален суд и го сметаат за навреда на војната на ОВК за ослободување.