Регион

Дали обвинителите имаа право да го објават обвинението против Тачи?

Судијата Дин Б. Пинелис ја преиспитува одлуката да се ибјави обвинението против Тачи

Во соопштението се дадени и причините за овој вонреден и невиден обвинителен маневар.

„Специјализираниот обвинител сметаше оти е неопходно да објави соопштение за јавноста, поради континуираните обиди на Тачи и на Весели да ја попречат и да ја поткопаат работата на ССК“, се вели во соопштението.

„Г. Тачи и г. Весели, според наводите, спровеле тајна кампања со цел да се укине законот со кој се формираа Специјализираните совети како суд, како и со намера на друг начин да ја опструираат работата на судот, сѐ со цел самите да не бидат изведени пред лицето на правдата. Со ваквите постапки, г. Тачи и г. Весели покажаа дека нивните лични интереси се поважни од жртвите на нивните злосторства, од принципите на владеење на правото и од целиот народ на Косово“, се додава во него.

Тачи е актуелен претседател на Косово, а Весели е истакната политичка фигура и поранешен претседател на косовското собрание. И двајцата се поранешни високи команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои, најмалку една деценија, се во радарот на воените злосторства. Тие повеќе пати негираа дека имаат каква било кривична одговорност, а тоа Тачи го повтори и пред разговорите со обвинителите вчера во Хаг.

За жал, соопштението на СОК иницира повеќе прашања, отколку што нуди одговори, што предизвика многу шпекулации.

Првото прашање е: под кои правни овластувања е издадено ова титанско соопштение? Во него тоа не се кажува.

Во врска со ова, корисно е да се разгледаат релевантните одредби од Правилникот за постапка и докази со кои се уредува постапката пред ССК, како и Кодексот на професионална етика со кој се уредува професионалното однесување на обвинителите.

Правилото 86 од Правилникот вели: „Специјализираниот обвинител поднесува обвинение со ознака доверливо … до судијата за претходна постапка, заради донесување на одлука“, за потврдување или одбивање на обвинението.

Правило 88 предвидува доверливото обвинение да биде обелоденето во јавноста „откако истото ќе го потврди судија на претходна постапка“, но исто така и дека „специјализираниот обвинител може да го открие обвинението или кој било дел од него, на надлежните органи на трета земја или друго тело, ако смета дека е тоа потребно за истрагата или кривичното гонење“.

Оваа одредба се чини дека се однесува на ситуација кога лицето именувано во обвинението, престојува или се крие во друга држава, која за тоа официјално е известена преку судовите или по дипломатски пат. Исто така, таа ја покрива и ситуацијата кога обвинителот контактирал со субјект како што е Интерпол, заради распишување на меѓународна потерница.

Тука не се споменува можноста дека објавувањето на соопштение, пред обвинението да биде потврдено и јавно објавено, е исклучок.

Откриени доверливи информации

Специјализираниот обвинител, Џек Смит, потпишува декларација пред секретарот на ССК, Фиделма Донлон, по преземањето на функцијата во септември 2018 година. Фото: ССК

Кога станува збор за Кодексот на професионална етика, според член 12, обвинителите „почитуваат и преземаат сѐ, за да ја заштитат доверливоста на информациите“ и „ ги чуваат во тајност сите информации класифицирани како доверливи“. Ова, се разбира, ги вклучува и обвиненијата.

Покрај тоа, во членот 13 се вели дека „адвокатите и обвинителите нема свесно: под а. да даваат изјави по социјалните медиуми, во средствата за јавно информирање или во јавност … со кои се откриваат доверливи информации, вклучително и информации за лица вклучени во постапката; или под б. да објават … каков било материјал… со кој обелоденуваат доверливи информации, вклучително и информации за лица вклучени во постапката”.

А според член 33, обвинителите „вршат прекршување на должноста ако свесно ја нарушат или се обидат да ја нарушат основната етичка или професионална должност предвидена со … овој Кодекс“.

Имајќи ги предвид овие одредби, се чини дека во соопштението се откриени доверливи информации, како што е природата на кривичната пријава, а уште поважно, и идентитетот на двете лица вклучени во постапката, Тачи и Весели, како и нивните напори да го поткопаат судот, пред потврдување и објавување на обвинението.

Дури и ако постои легитимен аргумент дека соопштението е уредно одобрено, обвинителите, согласно член 30 од Кодексот, сепак мора „целосно да ја почитуваат претпоставката на невиност, кога коментираат пред јавноста или разговараат со медиумите за основаноста на конкретни случаи“.

Тачи и Весели сега се официјално идентификувани како обвинети за воени злосторства, (вклучително и страшни убиства), кои, наводно, се обидуваат да го поткопаат судот, за да се заштитат себеси.

Едно е да си именуван како осомничен во истрагите, како што претходно и двајцата беа, но сосема е друго кога обвинителот и официјално те именува како лице кои е формално обвинето за кривични дела, пред да се потврди обвинението и да се објават сите докази. Покрај тоа, обвинителот тврди дека може да ги докаже обвиненијата надвор од разумно сомнение – високо ниво на докази потребни за кривична пресуда.

Дури и познатите и моќни луѓе обвинети за стравични злосторства имаат право на претпоставка на невиност; тоа е фундаментален принцип на западната кривична јуреспруденција. И тоа е сигурно една од причините поради кои обвиненијата се доверливи, пред да бидат потврдени од неутрален и независен судија.

А потврдувањето на обвинението не е нешто што доаѓа автоматски. Судијата на претходна постапка може да отфрли една или повеќе точки од обвинението, да исклучи еден или повеќе обвинети, или да го одбие целото обвинение; или да му го врати обвинението на обвинителот на понатамошна истрага.

Така, во случајот „Медикус“, за трговија со органи во Косово, во кој учествував и јас како член на тричлениот судиски совет, судијата на претходна постапка одби да го потврди обвинението заради наводен незаконски полициски претрес со цел пронаоѓање на доказите. (Последователно, таа одлука беше преиначена и судењето, во овој случај, продолжи).

Претставникот на Доналд Трамп за преговори меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел со српскиот претседател ,Александар Вучиќ Фото: predsednik.rs

Дури и ако потегот на обвинителот е правно оправдан, остануваат основните прашања: Зошто тоа беше „неопходно“? Зошто сомнителен тајминг? И, што се надеваше дека ќе постигне со објавувањето на оваа бомбастична информација?

Можеби со соопштението се имало намера да се фрли светлина врз двајцата обвинети, со цел тие и нивните бројни соработници да се обесхрабрат во настојувањето да продолжат да учествуваат во таен заговор за укинување на законот за основање на судот или на друг начин да ја попречат неговата работа.

Многумина побрзаа да ја рашират оваа информација, чија порака беше: „Ние знаеме што правите вие ​​и вашите пријатели и ова е предупредување да престанете со тоа“.

Но, зошто на 24 јуни? Дали тој момент требаше да ги предупреди Американците за неизвесниот правен статус на Тачи, пред средбата во Вашингтон, на која на 27 јуни, само три дена подоцна, требаше да присуствуваат Тачи и неговиот српски колега, Александар Вучиќ?

Обвинителот можеби помислил дека Тачи ќе се обиде да преговара за своја амнестија, гласина која циркулира веќе некое време. Но, тоа нема смисла.

Во член 18 од Законот за Специјализираните совети и Специјализираното  обвинителство, кој, иронично, во 2015 година, беше потпишан од Кадри Весели, како тогашен претседател на Собранието, се вели дека „амнестија даадена за меѓународно кривично дело … не претставува забрана за кривично гонење или казнување“ од страна на ССК.

Можеби обвинителот бил загрижен што претседателот, Доналд Трамп, јавно ќе го пофали Тачи и со тоа ќе го укори ССК.

Средбата беше организирана од страна на Ричард Гренел, специјалниот претставник на Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија, во обид да се продолжат разговорите меѓу двете земји и со надеж дека ќе склучат заемно корисен договор, особено за економски прашања, отворајќи го патот за посеопфатен договор.

Но, Тачи се повлече од состанокот откако беше објавена веста за обвинението, иако беше на пат кон Вашингтон. Премиерот Хоти, исто така, се повлече, а Гренел ја откажа средбата за која не беше одреден друг датум.

Затоа, поради соопштението, не успеаја да се постигнат можностите за договор и идно затоплување на односите меѓу Косово и Србија.

Ваквиот тајминг на соопштението, го наведе, Вилијам Вокер, поранешен американски амбасадор и шеф на верификационата мисија на ОБСЕ во Косово, во интервју за јавниот сервис на Косово, РТК, на 9 јули да изјави дека бил „крајно разочаран кога обвинителот го објавил соопштението“.

„Сега го доведувам во прашање и времето на објавувањето, бидејќи претседателот Тачи патуваше за Вашингтон за да присуствува на самитот организиран од Белата куќа, како дел од напорите за изнаоѓање на конечно решение. Мислам дека времето на соопштението и содржината на обвинението, иницираат прашања за вистинскиот мотив кој се крие зад ова“, додаде Вокер.

Но, како ќе се одвиваше оваа ситуација ако средбата се случеше? САД, се разбира, немаат овластување да го укинат законот на Косово за основање на судот или да амнестираат странски државјанин. Но, Трамп има влијание.

Тачи отсекогаш бил миленик на Вашингтон, а Трамп можеше да биде убеден да го поддржи Тачи со силна јавна изјава и да го критикува судот, особено ако се постигне значаен договор. Ова не би било невообичаено затоа што Трамп често ги критикува американските судови и судии и прави сѐ што може за да ги поддржи своите пријатели кои се правно загрозени.

САД се почитувани на Косово, и секоја критичка изјава на Трамп за судот веројатно би резултирала со дополнително поткопување на неговата легитимност кај граѓаните на Косово, кои веќе се скептични поради неговиот едностран мандат.

Но, се прашувам дали еден многу почитуван и искусен американски специјализиран обвинител, кој беше внимателно проверен од американскиот Стејт департмент, би имал храброст да се вклучи во вакви махинации со висок влог.

Во секој случај, во интерес на правдата и на владеењето на правото, треба да се разјасни оваа ненадејна, драматична и неортодоксна изјава.

Судијата Дин Б. Пинелис дипломирал на Универзитетот Браун, на Правниот факултет на Универзитетот во Бостон и на факултетот Кенеди на Универзитетот во Харвард. Освен во Косово, тој има долгогодишно искуство со владеење на правото и во Русија, Казахстан и Грузија.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.