Хелоу, иц ми

Колумна на Сашо Кокаланов

Јави се, јави се,
а што не би, а што не би?
Мени се допало,
а теби, а теби?
Здравко Чолиќ, јужнословенски филозоф

Министерството за надворешни работи на Македонија ги предупреди граѓаните на Република Македонија да бидат претпазливи во врска со протестите што ќе се одржат попладне во 23 градови низ Грција. Се препорачува да се избегнуваат местата на одржувањето, како и секакви реакции кои би имале негативни последици за  безбедноста.

Протестите се закажани насекаде низ Грција денеска во 19:30 часот по локално време од организацијата „Комитет за борба за грчкиот карактер на Македонија“. Особено може да е проблематично тоа што ќе се протестира во 14 градови во северниот дел од Грција, омилени дестинации на туристите од Македонија, па може да дојде до директен контакт на антимакедонските демонстранти со македонски шопингаши.

Во исчекување на историскиот телефонски разговор на премиерите Ципрас и Заев, тензијата и во двете општества е прилично висока. Националистичкиот набој нема да спласне ни по телефонскиот повик, особено ако, како што се очекува, разумот преовлада, и премиерите успеат да дојдат до посакуваниот договор.

Затоа, треба да се биде внимателен и во целиот нареден период и кога нема протести. Критични точки се споените викенди и летната сезона, а „Бесплатна среда” реши да не чека на МНР и да ви понуди суперкорисни совети како да се однесувате во Грција целиот следен период, сѐ со цел да избегнете инциденти, а притоа вашето национално достоинство и идентитет да не бидат загрозени:

  1. Се разбира дека нема да им оставите пари на Грчиштата за чадор и лежалки и да се понижувате. И, се разбира, ќе ја искористите вашата македонската снаодливост и итроштина и ќе најдете слободно парче плажа за да го збрцате чадорот што си го носите од дома. Единствено што е потребно при изведувањето на оваа сложена операција, а со цел избегнување директен судир со домицилното население, е остриот дел од копјето на чадорот да го забодете во песок, не во стомакот или во грбот на некој Грк што се сонча.

 

  1. Тетоважите со сонцето од Кутлеш се разбира дека одлично прилегаат на вашиот трицепс. Сепак, имајте предвид дека кога сте на краците не сте на вотерленд во Пробиштип, каде што овие тетоважи се знак на класно и партиско препознавање, и можете да бидете предмет на таканаречени попреку-погледи. За да избегнете вакви ситуации, побарајте од грчките погранични служби две налепници, освен налепница за покривање на регистарската табличка и дополнителна за покривање на тетоважа. Важна напомена: Тетоважите со Груевски и Мијалков не мора да ги покривате, ако веќе не сте ги отстраниле со пресадување на кожа од задникот.

 

  1. Откажете се од многу облека и од средства за хигиена кои зафаќаат премногу место во вашиот багажник. Така ќе добиете дополнителен простор за гајби со домати, краставици, кромид, канта со сирење, замрзнати кокошки и словенечки батаци, пола свиња, кафе, шеќер, сол, вегета и други намирници. На тој начин нема да мора да го поминете одморот во очајна потрага по Лидл маркети, што пак, ве доведува во ситуација да им се обратите на претставници на домицилното население кои, како и вие, слабо зборуваат англиски, па мора да размените реплики на грчко-српски есперанто. Ваквите комуникации често пати знаат да произведат дополнителни прашања од типот на честото „Вер ар ју фром”, а вие сѐ уште не знаете како се вика „северна” на грчки.

 

  1. Во флиперница користете и понатаму десетденарка во замена за монета од едно евро, заштедувајќи цели педесет денари од партија, но притоа менувајте ја флиперницата на секои два до три дена, зашто одвреме-навреме грчкиот газда ги празни флиперите и кога ќе налета на иредентистички пари станува непријателски настроен и поприлично нељубезен кон гостите кои доаѓаат од земјата-северен сосед.

 

  1. Не играјте ватерполо против туристи од Србија. Српските туристи се познати по тоа што кога не играат фудбал на плажа, одбојка на песок, одбојка во вода, одбојка со вистинска мрежа, одбојка со замислена мрежа, мини-голф на сув песок, мини-голф на влажен песок, бадминтон, групен фамилијарен бадминтон, тогаш играат ватерполо. Често пати им фали играч, па освен што ќе вклучат по некој домашен Грк, во екипите редовно се обидуваат да го регрутираат и недолжното, голорако македонско население кое дошло само да се испружи по плажите. Важно е секогаш кога ќе ве викнат да им се приклучите, да не заборавите дека дури и во најѕвездените мигови на македонската ватерполо репрезентација, таа беше составена од Срби и Црногорци кои не успеале да влезат во својот национален тим. Со други зборови, вашите рекреативни сфаќања за ватрполото и за спортот воопшто се косат со нивната жестина и страст. И што се случува потоа, вашиот тим губи, Гркот не можат да го обвинат за поразот, зашто тој е оној што им го рента апартманот и како што тоа обично бива во сите балкански пресметки – целата вина паѓа на Македончето. Зошто да влегувате во потенцијално опасни конфликтни ситуации, лежете си на плажата и правете се наудрени кога ќе ви се обратат на српски. Вие сте холандски туристи, а тоа што на крпата ви пишува „Винка Виница“ никој нема да забележи.

 

  1. Ако не возите кола на бугарски таблички, задолжително носете спреј во бојата на вашиот автомобил. Доколку некоја грчка будала, а во сите ваши омилени туристички места има понекоја таква, се реши да ја почести вашата кола со неговиот ценет автограм, вие спремно ќе возвратите со нејзино префарбување. Ако по неколку чкртања на автомобилот, види дека утрото трагите од неговиот краснопис се покриени, ќе сфати дека залудно си го троши времето и ќе премине на друг автомобил.

 

  1. Редовно информирајте се за локациите на антимакедонски протести. Денеска се во Неа Мудања, Ставрос и во Катерини, утре може да се пред Икеа или на паркингот кај Космос. Ако има протести и на овие локации не значи дека треба да се откажете од вашето уставно право на шопинг, само треба да се камуфлирате во Грци. Како што знаете добро, грчката економија, за разлика од нашата, веќе долги години е во криза, со што е опадната и куповната моќ на грчкото население. Затоа сите поголеми шопинг-центри треба да ги напуштите со не повеќе од три ќеси. Така никој нема да знае дека сте Македонец од Северна Македонија.

Придржувајте се кон овие седум свети правила и на одморот во Јужна Македонија чувствувајте се како да сте дома, во Северна Македонија. Ако на моменти македонското самочувство ви падне под границата на нормалата, сетете се на зборовите на грчкиот заменик-министер од редовите на Независни Грци, Никос Мавраганис: Македонија можеби денес е мала земја, но утре не се знае.

A во меѓувреме, се разбира, будно следете ја ситуацијата и внимавајте на сите надворешни и внатрешни закани во очекување на историското телефонско „Хелоу, иц ми” на Зоран и Алексис и уште поисториското предреферендумско „како да кажам не, а да гласам за” на Мицко и компанија. Свиркајте си ги стиховите на Чолиќ од почетокот на колумнава, ама не опуштајте се, држете ги отворени сите четири очи.