Не дека бев во тек со таканаречениот централен митинг на СДСМ со коалицијата и не дека не бев. Едноставно, колку и да сакаш да избегаш, сепак си тука. И не дека не се обидов да избегам и не дека навистина избегав. И не дека нешто навистина ме изненади на синоќешниот митинг и не дека останав неизненаден.
Значи, и покрај моето неделно напуштање на Скопје, првото изненадување ме дофати на вечерното, да не кажам ноќното враќање дома. Булеварот на којшто живеам одеднаш беше претворен во непрегледен паркинг на автобуси и комбиња од земјата, дојдени, претпоставувам, да го проследат митингот или, едноставно, со своето присуство да ја потенцираат грандиозноста на владејачката партија.
Не дека на митингот немаше ништо ново. Еве, научив(ме) дека вчера, односно на 8 октомври, му било роденден на премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. На митингот за следните избори ќе научиме кога му е годишнина од бракот, па ќе можеме редовно да му праќаме честитки
Не дека последната деценија не се изнагледавме автобуси и секакви превозни средства што носеа републички „кворум“ по скопските митинзи, ама, ете, некако наивно помислив дека за локални избори не мора баш цела Република да се довлечка во главниот град. Некои умни луѓе ме убедуваа дека практиката на големи партиски митинзи во предизборни кампањи постои во целиот нормален свет. Такви се конвенциите во САД, такви се изборните митинзи во Велика Британија, Франција, Шпанија, Италија… Склон сум да им поверувам, иако баш не сум убеден дека на локални избори во Италија, на пример, сите истомисленици во одреден момент мигрираат во Рим само за да видат што градоначалничкиот кандидат на Неапол сака да им каже. Или барем нашите медиуми никогаш не обрнале внимание на овој феномен.
Не би сакал на ова место да се навраќам на илјада пати изнесената теза дека е бесмислено да ги убедувате луѓето да гласаат за вас, кога и онака знаете дека ќе гласаат за вас. Односно, да ги организирате, да ги носите со автобуси, да ги накитите со партиски обележја и да им го соопштувате она што веќе претходно им е соопштено, меѓутоа ако веќе се организира ваков митинг, можеше да се покаже барем минимум иновантност или, чувај ме Боже, трошка креативност.
Имено, за потребите на овој текст, се обидов да погледам некоја снимка од синоќешниот митинг. И, богами, ми требаа значајни половина час да сфатам дека не гледам реприза од пред неполна година, кога СДСМ одржа голем митинг пред парламентарните избори. Исто така, денот беше недела и исто беше една недела пред избори. На почетокот настапија истите пејачи, по истиот редослед. Потоа истиот водител со истиот катарзичен глас го најави животот на Македонија. Химната беше интонирана во исто време. Истите луѓе стоеја на истото место, а Шеќеринска во ист временски интервал, неколку секунди пред да заврши химната, почна да аплаудира.
Со оглед на овдешната традиција да организираме секаков тип избори во секое време и, нели, како што е редот, да влечеме луѓе со автобуси за сите наши грандиозни и историски митинзи, предлагам токму снимката што ја гледав и за која не знаев од кога точно датира, да се конвертира во холограм и така да се прикажува во секоја прилика. И онака никој нема да забележи разлика. Оние што носат партиски знамиња и транспаренти, повторно ќе носат, а оние што аплаудираат, исто така повторно ќе аплаудираат. Сѐ додека некој и нив не ги замени за холограми. Или барем додека самите не се сетат да го направат тоа.
Не дека последната деценија не се изнагледавме автобуси и секакви превозни средства што носеа републички „кворум“ по скопските митинзи, ама, ете, некако наивно помислив дека за локални избори не мора баш цела Република да се довлечка во главниот град
Но, не дека на митингот немаше ништо ново. Еве, научив(ме) дека вчера, односно на 8 октомври, му било роденден на премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Па имате, онака, честитки од говорница, па овации од многуилјадниот народ, па Заев нешто со тупаница се лупа по гради, па така една фина популистичка претстава, достојна на најголемите дострели на социо-психолошката наука од 1857 година. Или барем на митинзите на партијата што претходно беше на власт. (Да, научивме и тогаш дека на 31 август му е роденден на Никола Груевски.)
Предлагам следните избори да бидат организирани една недела по годишнината на бракот на Зоран Заев и неговата сопруга и тогаш да се организира грандиозен митинг, сосе автобуси и пригодна сценографија, па така да си го комплетираме календарот кога треба да праќаме честитки до лидерот.
Кога сме веќе кај митинзите, некои луѓе имаат обичај да го кажат она фамозното „исти се“. Не се исти. Јас сум ист. Затоа во духот на истоста на митинзите ќе ја споменам опозицијата, онаа што на локалните избори ќе оди под бројот 13, односно ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција. Тие решиле нивниот централен митинг да биде во петок, на 13-ти.
Просто сум воодушевен од автодеструктивната смисла за хумор и сарказам што ја покажува ВМРО-ДПМНЕ. Со други зборови, успешно и ефектно ја побиваат тезата дека се неинвентивни во оваа предизборна кампања и здодевни со истите кандидати за градоначалници. Напротив.
Уште не слушнав ни еден повик од типот дека „народот ќе одлучи“, дури не го слушнав ниту зборот „народ“. Се слуша само „работа“. Па, повторно „работа“. Па, пак „работа“… Како да е секој ден петок 13-ти… Па, кој, по ѓаволите, ќе гласа за некој кој нуди само работа. Дајте малку одмор (нема да кажам живот за да не бидам ставен во погрешен контекст).
Тоа што автоиронично си го прифатиле баксузниот број „13“ како сопствена карма, па уште решиле митинг да прават во петок, 13-ти, може само да го надополни впечатокот за нивната ненадејна оригиналност. На пример, раководството да се појави на митингот во костими и маски на вештерки, духови, вампири, врколаци, франкенштајни, па и како оној Џејсон од филмската хорор франшиза „Петок 13-ти“. Колку што знам, има снимено дури 12 продолженија на овој филм, па белки е време да се сними и 13-тото. Таман е среќниот број на франшизата. И на партијата која уште мисли дека е на власт.
А можеби и нема да се појават така маскирани. Мене и онака ми е сеедно. Односно, исто е.