Што ни покажа таканаречената координативна средба на политичкиот врв околу прашањето за државното име? И многу и ништо. Ништо, во смисла дека пошироката јавност околу решението на спорот со името знае исто толку колку што знаеше и пред оваа средба, односно не знае ништо!
А многу – затоа што покажа некои нови, за нашата политичка практика прилично непознати тенденции во водењето на политиката. Прво, заколнатите политички непријатели се сретнаа на лидерско ниво и разговараа повеќе часови, а без при тоа да имаат потреба од меѓународни олеснувачи, што е преседан во поновата македонска политичка историја. Во таа смисла, за мене, оваа средба претставува поголем напредок, да не кажам чудо, отколку средбата меѓу Заев и Ципрас, на пример.
Второ, унисоните изјави што ги дадоа лидерите по завршувањето на средбата, иако, како што рековме, не рекоа – ништо! Меѓутоа, токму фактот дека никој од нив не рече ништо говори најмногу. Всушност, нуди нешто што би се нарекло умерен оптимизам, базиран врз фактот дека заедничкото незборување ништо за првпат покажува висок степен усогласеност околу ова круцијално прашање – нешто што досега не ни се случило.
Се разбира, сето ова не е доволно за да се реши проблемот, бидејќи како и во секој друг проблем и тука има – друга страна. Или дури и повеќе страни, без оглед што прашањето со името го именуваме како „билатерално“. Она што дава надеж е фактот дека по повеќедецениското одолговлекување со времето и тактизирање на меѓународен план се чувствува сериозен замор на материјалот, кој има тенденција да расте со аритметичка прогресија.
Сведоци сме на една од најкрупните реформи што се случуваат во државата, а тоа е реформата на состојбата на свеста. На овој или на оној начин, овие „високи“ и „високопарни“ политички прашања ќе се решат или барем ќе се решаваат, што остава надеж дека конечно ќе се зафатиме и со вистинските проблеми на државата
Со други зборови, без оглед како, дали и кога ќе се реши прашањето на името, координативната средба на лидерите на овдешните политички партии покажува еден сосема поинаков крајолик од оној што сме навикнале да го живееме последните години. Дури ни оние десетици илјади амандмани на Законот за употреба на јазиците што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ не можат да го поматат овој впечаток. Напротив.
Колку и да се чини дека со ваквиот потег, најголемата опозициска партија наместо мултикултура на живеењето промовира, што би рекол Борис Дежуловиќ, мортикултура, сепак станува збор за легитимна алатка во парламентарната битка. Слично своевремено постапи и ДУИ при неуспешното усвојување на Законот за бранителите, и тоа преку вистинско парламентарно шоу на сегашниот спикер на парламентот Талат Џафери. Така постапи и СДСМ додека беше во опозиција при усвојувањето на оној несреќен буџет.
Тогаш опозициските пратеници и новинарите брутално беа исфрлени од Собранието. Останува да се види со кој капацитет и со кој инструмент сегашното мнозинство ќе успее да ја реши блокадата на Законот за употребата на јазиците.
Но, суштински гледано, амандманите на ВМРО-ДПМНЕ не се важни, барем не во однос на Законот (впрочем, токму нивниот број и кажува дека амандманите не се ни поднесени за да бидат усвоени), затоа што неговото фактичко недонесување не значи дека работите ќе се променат во практика. А практиката е таа. Значителното малцинство, во случајот Албанците, имаат право да го користат својот јазик во државна употреба и овој факт со ништо нема и не може да биде побиен.
Додека ние расправаме за опсегот на употребата на јазиците или за губењето на националниот идентитет, животите на цели семејства буквално се губат во пожари, затоа што противпожарната кола не можела да дојде до опожарената куќа
Она што во „случајот амандмани“ е поважно е враќањето на опозицијата во Собранието. Дури и по цена цела година да се расправа за амандманите, тоа е подобро отколку опозицијата да биде надвор од институциите.
Со други зборови, сведоци сме на една од најкрупните реформи што се случуваат во државата, а тоа е реформата на состојбата на свеста. На овој или на оној начин, овие „високи“ и „високопарни“ политички прашања ќе се решат или барем ќе се решаваат, што остава надеж дека конечно ќе се зафатиме и со вистинските проблеми на државата.
Додека ние расправаме за опсегот на употребата на јазиците или за губењето на националниот идентитет, животите на цели семејства буквално се губат во пожари, затоа што противпожарната кола не можела да дојде до опожарената куќа; животи се губат од анестезија; умираат родилки; здравството ни е исто како што беше; образованието исто така; извршителите се побескомпромисни од порано; луѓе живеат меѓу стаорци и без струја…
Значи, ајде овие точки конечно да ги тргнеме од дневен ред!