Круме, Блаже и Александар

По прашањето за името, ВМРО-ДПМНЕ ем сака да влезе во студена вода, ем ако може да не си ги натопи нозете ни до глуждови. Не оди тоа така. Партијата мора да биде искрена во настапот. Во првата реченица од партиското соопштение се вели дека ВМРО-ДПМНЕ „ја поздравува средбата меѓу Заев и Ципрас и смета дека тие директни контакти може да придонесат за продлабочување на односите и за градење на позитивна клима меѓу двете земји“, веднаш потоа за да изрази загриженост од најавите за преименувањата на автопатот и аеродромот, бидејќи не гледа иредентизам во нивните имиња.

Да, ниедно име само по себе не изразува иредентизам. Но, контекстот и времето во кое ќе ги крстиш нешата некако, кај другиот можат да предизвикаат незадоволство и чувство на недоверба. ВМРО-ДПМНЕ не смее да се однесува како да ја преспало последнава деценија и како да не знае што сѐ никна во „Скопје 2014“ и колку од тие украси на градот ја спуштија рампата во односите на релација Атина-Скопје. Па, покрај основите на спорот, сега сме соочени и со дополнителни фактури за ДДВ и камати од „античките инвестиции“ на владите на ВМРО-ДПМНЕ во овој проблем. Тоа што Груевски повеќе не е лидер, не ја амнестира партијата од одговорност. И, наместо да се однесува како да не е од овде, партијата треба максимално да помогне Македонија да плати што помала политичка цена на крајот од процесот.

За жал, кај нас многумина стравуваат дека проблемот со Грција ќе се реши, несвесни дека повеќе треба да стравуваат ако не се реши. Ако не постигнеме договор годинава, следната таква можност нема брзо да дојде

А проблемот нема да се реши ако плачеме по името на воинот, фалангата, Букефал и куп антички лепешки што ги истресоа низ градот. Која е логиката заради личности од пред толку векови да ја коцкаме иднината, ако нивното оспоменичување го лути соседот, ако тоа ни ја блокира интеграцијата, и ако ЕУ и НАТО јасно ни порачуваат дека нема членство со увезени спорови. Кратко и јасно: решете го спорот, па повелете.

Не знам зошто е толку тешко да го разбереме тоа. Да, точно е дека проблемот е ирационален. Точно е и дека ние не сме иредентисти. Суштината на спорот е во грчкото тврдење дека Република Македонија спроведува иредентистичка политика кон Грција, со цел македонскиот народ да си ги поврати деловите од татковината кои ги изгубил со поделбата од Букурешт во 1913 година. Според Грција, изборот на името „Македонија“ е само една од формите на отелотворување на таквата политика. И бараат гаранции дека нема да се случи тоа.

Од друга страна, немаат ништо против големата бројка „иредентисти“ Македонци кои секое лето го „освојуваат“ морскиот брег и го полнат грчкиот буџет. Ниту против бројката на „иредентисти“ Македонци кои поседуваат станови и викенд – куќи во Грција, плаќаат данок и повторно го полнат грчкиот буџет. Ниту против бројката на грчки граѓани кои во „иредентистичка“ Македонија имаат мали, средни и големи бизниси.

За жал, овие факти не помагаат, а ВМРО-ДПМНЕ и покрај свеста за тоа, подметна куп кукавичини јајца со кои дополнително одмогна. Односно, една деценија антички ја хранеше грчката аргументација против Македонија. 

Сега, што? Уште сто години ќе докажуваме дека ни е направена неправда, ќе компонираме патриотски песни и ќе си го тетовираме сонцето од Кутлеш? Тоа нема да нѐ однесе до решение, туку на маргините на современиот глобализиран свет. Од тој аспект, Грција е заштитена, бидејќи е интегрирана. Но, не и вакцинирана од ирационалности.

Се сеќавам, каква врева се крена од Скопје преку Атина до Њујорк, кога пред десетина години, Нимиц во интервју за „Дневник“ изрази искрено чудење како можат Грците и Македонците да се караат околу тоа чиј е Алекдсандар Македонски, да го слават и да му креваат споменици на човек што за време на неговите освојувачки походи убил толку многу луѓе. Штета што архивата на весникот не функционира, за да се потсетиме на изјавата во целина.

Македонија ќе изгуби многу. Ако тоа се случи, не велам дека сонцето нема повторно да изгрее. Ќе изгрее. И во Сирија изгрева. Ама колку ги „огрева“. Прашањето е дали сега ќе се охрабриме да повлечеме историски потег, или ќе ги заглавиме и следните генерации

Но, се сеќавам дека Нимиц не штедеше зборови ни за бројката на жртвите, ни за бескрупулозноста на егзекуторот. Минатата година, Нимиц во интервју за Би-би-си потсети токму на оваа епизода: „ На една новинарка од Скопје ѝ реков: ‘Не можам да го разберам сето ова, затоа што Александар Македонски бил голем воен лидер, но уништил толку многу и убил толку многу луѓе’. По тоа ми следуваше пекол – од сите страни. За малку ќе се повлечев“.

Точно. Нимиц беше „масакриран“ и од Грци и од Македонци, што само покажа колку на сите им е краток „фитилот“, колку луѓето се заглавени во историјата наместо свртени кон иднината, и колку е тешко да посредуваш меѓу зовриени глави. А тој, повеќе од две децении се обидува да се стави во „кожата“ и на Македонците и на Грците, да процени кому што најмногу му пречи, за да може да ги намали тие разлики на подносливо ниво. Честопати го критикуваваме за неефикасност, иако динамиката најмалку зависеше од него, а најмногу беше лимитирана од изборните процеси,од  финансиските и политичките кризи.

И се чини дека овојпат е најблиску до можност за решение, благодарение на созреаното сознание дека овој спор со години анестезиран во билатераниот инкубатор, може да предизвика последици кои нема да ги тангираат само двете земји, туку и геополитиката во поширока смисла.

За жал, кај нас многумина страхуваат дека проблемот со Грција ќе се реши, несвесни дека повеќе треба да страхуваат ако не се реши. Ако не постигнеме договор годинава, следната таква можност нема брзо да дојде, а Македонија веќе книжи тежок минус во изгубено време за решавање на овој проблем.

Тоа што Груевски повеќе не е лидер, не ја амнестира партијата од одговорност. И, наместо да се однесува како да не е од овде, партијата треба максимално да помогне Македонија да плати што помала политичка цена

Што ако не се постигне решение? Реално Грција нема што да изгуби. Можеби нешто во имиџот, бидејќи и покрај заложбите не успеала да докаже дека е фактор на стабилноста во овој дел од регионот. Но, нема да плати политичка цена заради тоа што и натаму држи отворени четири нерешени спорови. Нема да плати, бидејќи е во клубот. И во ЕУ, и во НАТО. Таму каде што ние не сме. На внатрешен план, сите во Грција ќе прокнижат по некој поен. Ципрас дека сторил сѐ што може, опозицијата дека навреме предупредила, националистите дека го одбраниле името „Македонија“ (кое, патем, не го спречиле во референцата Поранешна Југословенска Република Македонија), а и поповите задоволно ќе ги чешкаат брадите, очекувајќи половина од ловориките за таа одбрана и пред вратите на ГПЦ.

Македонија ќе изгуби многу.  Ако тоа се случи, не велам дека сонцето нема повторно да изгрее. Ќе изгрее. И во Сирија изгрева. Ама колку ги „огрева“. Прашањето е дали сега ќе се охрабриме да повлечеме историски потег, или ќе ги заглавиме и следните генерации да живеат изолирани и фрагментирани, во агрегатна состојба на постојани кризи. Тоа не го заслужуваат нашите деца. Треба да им оставиме иднина, која нема да им ја проголта младоста со проблеми што нивните родители не успеале да ги решат. Во спротивно, сонцето ќе ги огрева во некој друга земја, но многу далеку од родната.

ПС: На денешен ден, 26 јануари 1946 година во Скопје излегла од печат првата „Македонска граматика“ од професорот Круме Кепески, од огромно просветно и културно значење за македонскиот јазик, народ и неговиот идентитет. Па, ги прашувам сите што жалат по името на аеродромот и автопатот, а сечат вени за македонскиот јазик и идентитет, каде е во Скопје споменикот на овој наш голем лингвист (кој заедно со Конески заслужува централно место, и не само во Прилеп!, денес да се поклониме пред него? Лево или десно од опашката на Букефал?