Регион

Апостолова: Косово ги држи своите граѓани во заложништво

Наталија Апостолова во емисијата „Јета не Косове“. Фото: БИРН

Дие Морина БИРН Приштина

Шефот на канцеларијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, вели дека со обидот да се спречи функционирањето на новиот специјален суд за воени злосторства и со нератификацијата на договорот за демаркација на границата со Црна Гора, косовските пратеници ги држат своите граѓани во заложништво.

Апостолова, во телевизиската емисија на БИРН, „Јета не Косове”, во четвртокот изјави дека обидот на пратениците да ја блокираат работата на новите Специјализирани совети, како што е официјалното име на новиот специјален суд на Косово, пред кои треба да им се суди на поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), може да има последици за оваа земја и за нејзиниот кредибилитет како партнер на Европската унија.

Нагласи дека иницијативата на пратениците за укинување на Законот за Специјализираните совети, кои имаат седиште во Хаг, „е пример … колку е несигурен кредибилитетот и чувството на доверба помеѓу партнерите”.

Додаде дека “дошло, во голема мера, до погрешно толкување на мандатот (на Специјализираните совети)”, алудирајќи на наводите оти судот е етнички пристрасен и дека за злосторствата извршени за време и по војната на Косово, ќе им суди само на Албанците.

„Пред сѐ, никој не го ограничил кругот на лица кои би можеле да бидат обвинети, само на Албанците. Судот не е етнички пристрасен“, рече таа.

Пред судот ќе се разгледуваат случаите кои се однесуваат на злосторствата извршени за време и по конфликтот во Косово, 1998-1999 година. Иако со седиште во Хаг, Специјализираните совети се дел од правниот систем на Косово, но се независни од косовското судство и во нив се ангажирани меѓународни судии и обвинители. Првите обвиненија се очекуваат оваа година.

Апостолова се осврна и на проблемот со демаркацијата на границата помеѓу Косово и Црна Гора. Косовското Собрание сé уште не го ратификувало договорот за границата, и покрај притисокот на ЕУ, Косово да го затвори ова прашање.

Осврнувајќи се на статусот на ова прашање, како предуслов за либерализација на визниот режим со ЕУ, Апостолова истакна дека решавањето на проблемот со границата е поставено како услов, поради слични случувања меѓу земји членки на ЕУ, мислејќи на тековниот пограничен спор помеѓу Словенија и Хрватска.

„Значи, ова е многу јасно … ова (прашањето за демаркацијата) е во рацете на Собранието”, рече таа.

Претходната влада на премиерот Иса Мустафа го повлече нацрт-законот за демаркација од парламентот во септември 2016 година, откако опозициските партии, со свирење во свирчиња и со фрлање на солзавец, го прекинуваа гласањето.

Сегашниот премиер, Рамуш Харадинај, кој во тоа време како опозиција се спротивстави на договорот, рече оти и натаму е против ратификацијата, но сепак предлогот го испрати до Собранието на гласање.

Апостолова јасно стави до знаење дека не е импресионирана од одложувањата и фабрикациите.

„Повторно ги повикувам политичарите во Косово, двапати вистински да размислат дали сакаат младите, нормалните граѓани, кои навистина сакаат да патуваат, за да ги видат нивните семејства, за да го посетат културното наследство на Европа, да ги држат како заложници, само заради ситни политички и лични интереси”, рече таа.

Косово е единствената земја во Западен Балкан која нема олеснување на визниот режим со земјите од Европската унија.

„Политичкиот интерес го претвори ова чисто техничко прашање во многу голем проблем”, додаде Апостолова.

„Не би рекол дека ЕУ е одговорна за фактот дека граѓаните на Косово се дотерани до ѕид и што им се забранува пристапот (до Европа)”, додаде таа, истакнувајќи дека Косово се согласило со условите на ЕУ и оти „тие сѐ уште не се исполнети“.

Сепак, Апостолова истакна дека ратификацијата на договорот за демаркација, не е единствениот услов за укинување на визниот режим.

Постои уште еден клучен предуслов, а тоа е успешната борба против корупцијата, објасни таа.

Истакна дека експертите на ЕУ ги следат високо профилираните случаи на корупција во судовите.

„Нема да откријам кои се. Не можам да зборувам за случаите. Тоа се случаи кои му се добро познати на Министерството за правда, а повеќето од нив се случаи на високо ниво“, рече таа.

Според Апостолова, фактот што многу високо профилирани случаи на корупција завршиле без изречени казни и без конфискации, сугерира дека сегашните резултати на Косово, не се доволно добри за да се либерализира визниот режим.