Регион

Српски офицери, консултанти на филм за војната во Косово

Филип Рудиќ, Белград

РТС и Вулин на прес-конференција во Белград, на која го најавија снимањето на филмот. Фото: БИРН

Драган Живановиќ, генерал во пензија и Душко Шљиванчанин, полковник на Војската на Србија, за кои имаше наводи оти се одговорни за воени злосторства извршени за време на конфликтот во Косово, што тие го негираа, ќе бидат консултанти на снимање на документарен филм од три дела, беше објавено во четвртокот.

Документарецот за борбите на Кошаре и на Паштрик, кои беа водени во 1999 година, ќе биде снимен во заедничка продукција на Министерството за одбрана на Србија и РТС.

„За потребите на филмот беа спроведени разговори со офицерите, но на некој начин тие се и стручни консултанти”, рече на прес-конференција во Белград, Слаѓана Зариќ, новинарка на РТС и авторка на филмот.

Борбите на Кошаре помеѓу Војската на Југославија (ВЈ) и Ослободителната војска на Косово (ОВК) траеа од 9 април до 10 Јуни 1999, додека борбите на планината Паштрик, која се наоѓа на границата меѓу Косово и Албанија, се одржаа истата година, од 26 мај до 14 јуни.

Пензионираниот генерал, Живановиќ, и полковникот, Шљиванчанин, присуствуваа на прес-конференцијата и ги пофалија припадниците на ВЈ за начинот на кој се бореле.

Во август 2014 година, против Живановиќ, кој за време на војната во Косово беше командант на 125 моторизирана бригада на ВЈ, беше покрената истрага, која обвинителството ја стопира минатата година.

Фондот за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград, во 2013 година, поднесе кривична пријава против Шљиванчанин, поранешен командант на 53-граничен баталјон на ВЈ, во која се вели оти тој е одговорен за убиство на 21 албански цивил, во селата Годен и Зулфај, извршено на 25 март 1999 година.

Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, истакна дека филмот ќе ја каже „научната вистина” за битките на Кошаре и на Паштрик.

„Ова е прв пат да не се срамиме самите од себеси, од нашата вистина, и од командантите и војниците кои нè бранеа”, рече Вулин на прес-конференцијата.

Додаде дека Србија ќе спроведе и други проекти за документирање на војните од 90-тите, велејќи: „Немаме право да ги оставиме идните генерации да учат историја од другите”.

На прашањето на БИРН за трошоците на документарниот филм, Зариќ одговори дека реконструкцијата ќе биде извршена со помош на српските вооружени сили, додека разговорите биле бесплатни.

Шљиванчанин додаде дека прашањето на БИРН за трошоците го „налутило” и не одговори на дополнителното прашање за кривичната пријава на ФХП.

Документарниот филм, кој ќе има три дела, ќе биде прикажан на 20-годишнината од битката на Кошаре, на 9 април 2019 година.