„Власта ја политизира работата на Комисијата за заразни болести“, а „опозицијата ја минира и ја саботира битката против ковид 19“. Меѓу овие два екстрема го живуркаме и осмиот месец од корона-кризата, но не направивме ниеден чекор за да излеземе од тој неразумен двобој во арената на едeн строго здравствен проблем, домашен и светски.
Разбирливо е дека опозициите чувствуваат одредени фрустрации, со оглед дека во услови на пандемија државата добива посилна улога, а луѓето соочени со страв за здравјето ѝ поклонуваат многу поголема доверба, отколку во редовни состојби. Во таква ситуација, околу оние што се на власт се гради перцепција за „спасители“, па опозициите чувствуваат нервоза и порив што побргу да ја турнат таа круна од главата на властите.
Ние и во многу побенигни ситуации сме имале богат историјат на разни контрирања со контрапротести, контрамаршеви, контрапленуми и контраорганизации, но тие никогаш не се однесувале на здравјето и животот во буквална, туку во општествена смисла. Ова е првпат битката да се бие поради здравствено прашање, но помалку со здравствени, а многу повеќе со партиско-политички аргументи.
Меѓу „ништо не чини“ и „сѐ е во ред“ се протега реалната слика во која зад бројките се кријат илјадници човечки судбини на заразени, на посветени во лекувањето и на семејства што изгубиле свои блиски
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во старт направи гард кон владините мерки, со став дека „нивните експерти“ знаат подобро како треба да се справиме со вирусот, но чмаат неконсултирани и игнорирани во јавното здравство. Очигледно, не беше избран најдобриот начин, па битката продолжи на ниво на суети.
Сега опозицијата бара нова комисија, која подобро ќе се справи со состојбата од претходната. Кој го гарантира тоа? Ако еден од претендентите за членство во таа Комисија смета дека „короната не е опасна болест“, поверојатно е таа да се претвори во дебатен клуб низ кој допрва ќе се дестилираат различни теории за ковид 19, отколку ефикасна работа соодветно на надлежноста.
Она што опозицијата може да го побара, е увид во работата на актуелната Комисија преку учество на експерт/и на нејзин предлог. Секако, ова би имало смисла и суштина ако намерата е навистина да се има увид во работата и можност за стручни предлози.
Но, ако целта е оваа, или некоја нова комисија да заличи на техничката влада, да се внесат во неа манири за естрадизирање на работата, за опструкции и дезинформации, Ковид-19 ќе остане во сенка на нов вирус за демагошка манипулација на јавноста. Не ни треба ни суфицит од формализам ни дефицит од искрена соработка кога се во прашање човечки животи.
Во земја што е преморена од долгогодишни поделби, кои резултираат со неефикасности, ваквите предлози се доживуваат нешто како помеѓу иницијативи на ритуално ниво, кои треба да ја сертифицираат опозициската проактивност, а од друга страна – како слаткоречивост на трговски патник, кој на засегнатите им продава шеќерна водичка.
Меѓу „ништо не чини“ и „сѐ е во ред“ се протега реалната слика во која зад бројките се кријат илјадници човечки судбини на заразени, на посветени во лекувањето и на семејства што изгубиле свои блиски. Затоа односот кон темата мора да биде и на сериозно, и на човечко ниво.
И за спознание, и за високо професионален и морален став, не ни е потребен ужас, кој набргу и емпириски во форма на уништено здравје, доверба, социјален капитал и економија ќе ги покаже сите последици на несоодветно однесување.
Што е потребно? Целосно да се департизира и деполитизира односот кон пандемијата и таа да се третира исклучиво како здравствена криза за да се овозможи ефикасно управување со мерките за превенирање и лекување. Целосно мора да се исклучи каков било мотив за играње со клучните здравствени информации поради неосновано јакнење оптимизам и пи-ар од една страна, или поради внесување гнев, страв и песимизам, од друга страна.
Тоа се однесува на вкупниот сет информации поврзани со корона-кризата: од набавки на потребната медицинска опрема и материјали, преку реалните расположливи капацитети за хоспитализација, увид во можноста за еднаков пристап за лекување, вакцини, до бројката на тестови и дневни биланси на новозаразени.
Не е пожелно менување на времето во кое се соопштува дневниот пресек на состојбите со новодијагностицирани, бидејќи тоа може да остави сомнеж во играње со бројките – оставање дел од нив да се прелеат во следниот извештај заради намалување на паниката, и обратно.
Не сугерирам дека тоа се случува овде, но има примери на земји и во регионот што не се прославија со веродостојност на бројките, а таа грешка им ја припишаа „на информатичарите“.
Целосно да се департизира и деполитизира односот кон пандемијата и таа да се третира исклучиво како здравствена криза за да се овозможи ефикасно управување со мерките за превенирање и лекување
Ние отидовме во друга крајност – и пациенти што починале од други болести да бидат заведени во билансот на жртви од ковид 19, ако тестот посмртно покажал дека имале присуство на вирусот, без оглед што тој не бил примарна причина за смртниот исход. Целта е да се обезбеди веродостојна слика за состојбите, бидејќи од нивната анализа потоа се креираат дополнителни мерки и одлуки. Ако бројките не се точни, и анализата ќе биде неточна, а мерките несоодветни и неефикасни.
Притоа, нужно е и исклучување на каков било вид верско или заговорничко опозиционерство на владините мерки. Уште понужни се ефикасни контроли и санкции за непочитување на мерките, како и за профитерство на трговци во случај на прекумерно зголемување на цените на маски и дезинфициенси. Со тоа владата мора јасно да стави на знаење дека состојбите не може да се користат за комерцијални интереси.
Тоа, пред сѐ, подразбира и навремено информирање и максимална владина транспарентност, отчетност и одговорност за сите мерки и постапки поврзани со ковид 19. Ништо помалку, ништо повеќе.
П.С. Македонската борба низ годините се одвивала со различни средства – некогаш со оружје, во ровови, денес со знаење, на стручни позиции. Но, заеднички именител на сите добиени битки биле и остануваат искрените и пожртвувани борци. Честит празник!