Регион

БиХ да го скрати времетраењето на судењата за воени злосторства

Иако поминаа повеќе од две децении од крајот на војната 1992-1995, долгите судења предизвикаат нови одложувања на правдата

Во неодамнешниот критички извештај на британската судијка, Џоана Корнер, за гонењето на воените злосторства во БиХ, се нагласува дека иако поминаа повеќе од две децении од крајот на војната 1992-1995, долгите судења предизвикаат нови одложувања на правдата.

Во извештајот на Корнер, поранешен висок обвинител на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), нарачан од мисијата на ОБСЕ во БиХ, се наведени примери за неколку случаи кои траеле, односно траат околу пет години.

Се работи за судењето за злосторствата извршени во 1993 година во Столац, каде што неодамна, по четири години и три месеци, Судот на Босна и Херцеговина, донесе првостепена пресуда; судењето за злосторствата извршени во регионот на Завидовиќи, во кој наскоро, по четири години и седум месеци, ќе следат завршни зборови; судењето за геноцидот во Сребреница, кое, по петгодишна постапка, заврши со ослободителна пресуда.

Корнер спомнува и уште два претстојни случаи, истакнувајќи дека обвинителството најавило оти во првиот ќе повика 447, а во вториот 214 сведоци, сугерирајќи дека поради тоа судењата во овие случаи најверојатно ќе траат со години.

Говорејќи од перспектива на одбраната на обвинетите, адвокатите наведуваат низа причини за долгите постапки. Адвокатот, Владо Адамовиќ, издвојува „преголем број докази во предметите, кои можат да се намалат заради ефикасност на постапката“. На ова тој ја додава и комплексноста на предметите и капацитетот на судовите.

„Кога сето ова ќе се најде во една постапка, што често се случува, тогаш ќе добиете резултат дека едно судење трае пет или повеќе години“, вели Адамовиќ.

Адвокатот, Асим Црналиќ, смета дека обвинителите сносат најголема одговорност за долгите судења.

„Не е прифатливо да се изведат десет сведоци за иста околност или да се предложат стотици материјални докази, кои честопати се нејасни и за обвинителите, и за одбраната, и за судот“, нагласува Црналиќ.

Судијката, Минка Крехо, претседател на Постојаниот совет за проценка на сложеноста на предметите на воени злосторства на Судот на Босна и Херцеговина, забележува дека времетраењето на постапката за воени злосторства „ја диктираат комплексноста на обвинението, бројот на точки по кое некое лице е обвинето, бројот на сведоци и материјални докази, како и достапноста на сведоците“.

Таа нагласува дека многу сведоци и меѓународни експерти, денес живеат во странство, па затоа е потребно повеќе време да се договори нивното пристигнување во Сараево, за да сведочат пред судот.

Тука е и прашањето за здравствената состојба на обвинетите (25 години по завршувањето на војната, многумина денес се веќе стари луѓе), како и пандемијата на корона вирусот, која доведе до одложување на судењата, во кои се вклучени поголем број обвинети, на неодредено време

Адвокатката, Нина Кисиќ, која има искуство во работата со МКТЈ, смета дека недостатокот на планирање на презентација на доказите, односно бројот на предложени сведоци, значително влијаат на должината на постапката. Освен нив, таа спомнува и повремени одложувања поради здравствени проблеми, годишни одмори и недостаток на простор во судниците.

„МКТЈ имаше ефикасен начин за минимизирање на овие проблеми со тоа што Судскиот совет на самиот почеток на судењето усвојуваше т.н. правила за работа, со кои се регулираа роковите за изјаснување и обелоденување, најавата на сведоците и времето доделено на странките за презентација на доказите“, вели Кисиќ.

Со цел да се олесни ситуацијата, судијката Корнер, меѓу другото, препорачува исказите на сведоците да им се доставуваат на судиите пред главната расправа, да се одржуваат претпретресни рочишта, да се ограничи бројот на сведоци и времетраењето на сослушувањето, да се обезбеди пристап до материјалните докази и да се прифатат пресудените факти.

Адвокатот, Ифет Ферагет, се согласува дека со повторувањето на пресудените факти „се губи време, а се добива истиот резултат“.

Тој, исто така, смета дека судијката Корнер е во право кога зборува за бројот на сведоци, бидејќи, како што вели, „се поставува прашањето што докажувате со 450 сведоци, бидејќи од тој број, 350 го кажуваат истото“.

Кога станува збор за претпретресните рочишта, тој потврдува дека тие се водат и денес, но прашањето е колку е тоа ефикасно“.Ферагет укажува дека ситуацијата била тешка во случаите каде што имало наводи дека осомничените учествувале во заеднички злосторнички потфат“, бидејќи „тоа предвидува истраги во целосна тајност“.

Зголемен број на жалби пред Европскиот суд

вропскиот суд за човекови права во Стразбур. Фото: Викимедија комонс/ЧериХ.

Сведочејќи пред собраниската комисија што се занимава со утврдување на проблемите во судството, судијата на Европскиот суд за човекови права, Фарис Вехабовиќ, предупреди на зголемување на бројот на случаи кои пристигнуваат во Стразбур од БиХ.

Според податоците што тој ги презентираше, моментално најмалку 1.800 случаи се водат против БиХ, што е зголемување за 1.000 случаи во споредба со претходната година.

„Повеќето од овие случаи се однесуваат на неизвршување на судски пресуди, но во последните шест месеци почнаа да пристигнуваат и случаи во врска со должината на постапката“, потврди Вехабовиќ.

Кисиќ нагласува дека таа самата поднела неколку жаби до Европскиот суд за човекови права. Сепак, додава дека „Уставниот суд на БиХ е навистина одличен филтер“, така што ретки се ситуациите кога одредени повреди не се препознаваат од Уставниот суд, за да има потреба од обраќање до Судот во Стразбур.

Црналиќ, пак, предупредува дека „брзите судења во кривичните предмети носат ризик од нефер судска одлука“. Тој посочува дека „одбраната е заинтересирана за утврдување на фактите и примена на законот во кривичните предмети, во согласност со највисоките стандарди“, за што е потребно време.

Неговиот колега, Адамовиќ, е свесен за фактот дека судството во БиХ е „преоптоварено со голем број случаи“.

„Јас секогаш велам, дека нашите судови сега да ја заклучат вратата и да не добијат ниту еден нов документ, ќе имаат што да прават следните три години, без еден слободен ден“, забележува Адамовиќ.

Право на судење во разумен рок

Судница на Судот на БиХ. Фото: Суд на БиХ.

И двата ентитета во БиХ (Федерацијата БиХ и Република Српска) подготвуваат закони за заштита на правото на судење во разумен рок.

Адамовиќ смета дека ваквите законски решенија „можат да придонесат за подобрување на состојбата, односно забрзување или поефикасно спроведување на постапката“, но и предупредува дека ова „може да биде и меч со две острици“.

„Судиите на ниво на ентитет ќе брзаат постапката да се забрза, што може да доведе до грешка“, вели Адамовиќ.

Мислењата на експертите за тоа дали неодамна донесената ревидирана стратегија за работа на предметите на воените злосторства, (според која сите случаи на воени злосторства треба да бидат завршени до 2023 година), ќе придонесе за пократки судења, се поделени.

Крехо забележува дека Стратегијата „не се однесува на времетраењето на постапката, туку на проследувањето на помалку сложените предмети на воени злосторства, до судовите на ентитетите“, а адвокатот Црналиќ вели дека таа „не се занимава со прашањата на кривичната процедура и затоа не може да влијае на времетраењето на кривичните постапки во некој конкретен предмет“.

Арбен Муртезиќ, директор на Центарот за едукација на судии и обвинители во ФБиХ, вели дека главната цел на усвојувањето на ревидираната стратегија е скратување на постапките, па затоа треба да се очекува дека оваа цел ќе биде исполнета.

И Адамовиќ е на мислење дека „ревидираната стратегија може да ги забрза предолгите судски постапки, доколку стриктно се применува она што е напишано во неа“.

Mladen Obrenovic