Што точно славиме на Илинден? Првото заседание на АСНОМ? Го славиме ли Илинденското востание или Крушевската република? Или сите заедно?
Во некое мое време, Илинденското востание го учевме како голема епопеја на македонскиот народ во неговата борба за слобода. Но, истовремено, учевме дека било прерано подигнато.
Многу добро се сеќавам дека моите наставници, оние што уште во осмолетка, а потоа и во гимназија, ги прашував „Како може прерано да било подигнато по пет века ропство?“, лаконски ми одговараа: „Не биле подготвени“.
Дури подоцна до моите раце дојде фамозната книга на Крсте П. Мисирков „За македонцките работи“, во која тој доста критички настапува наспроти целата организација на Востанието. Во кратки црти, не постои свест или барем не постои општа свест за македонскиот национален идентитет. Причини има многу. Од немањето заеднички препознатлив јазик, скудното образование, пропагандите на соседните држави, па сѐ до неединството во поглед на целите и методите на борбата.
Македонското национално движење нема свој претставник при донесувањето на Букурешкиот договор. А богами нема ниту на останатите клучни настани на кои ѝ се крои нејзината судбина
На едно место Мисирков ќе каже: „И така името бугарин присвојено от комитетите и организацијата за македонцките словени, и сојединуајњето на нашите интереси со интересите на Бугарија во агитацијата на комитетите у бугарите, беа причина, сета македонцка работа да се припишит од Европа на Бугарија и бугарите, и како бугарцко надворешно јавуајње да се не поддржуат.“ (цитирано според Крсте П. Мисирков „Одбрани страници“, Мисла 1991, приредувач Блаже Ристовски, стр. 148).
На друго место, пак, Мисирков констатира дека Востанието не било работа на сите Македонци, туку на „егзархистите“ и затоа било осудено на неуспех.
Тој не ги порекнува идеалите на Востанието. Напротив. Само тврди дека пристапот бил сосема погрешен.
Во случај да е Мисирков во право, а не гледам зошто не би бил, останува дискутабилно прашањето за Илинден 1903 како камен-темелник на македонската држава.
Крушевската република, пак, како прво републиканско уредување на Балканот, навистина е пример за демократски уреден систем. Краткотраен, ама со длабоки белези. Сепак, можеме ли да тврдиме дека производот на погрешно поставеното востание може да биде исправен. Тоа му доаѓа некако како на искривени темели да изградиш исправена куќа.
На крајот на краиштата, и Републиката се вика крушевска, а не на пример македонска.
Прашањата и констатациите што ги поставува Мисирков се многу важни, не само за неговото време, туку до денешните дни. Факт е дека по Илинденското востание, Организацијата (како и да се викала тогаш), сосема ослабена од поразот, а уште повеќе од сопствената разединетост и неспособност да формулира политички релевантни цели, речиси целосно ја губи својата политичка сила и не успева да се наметне како фактор што ќе игра улога во клучните моменти на историјата на овие простори.
Неа, како политички фактор, ја нема никаде ниту во Балканските војни, а богами ниту во Големата, односно Првата светска војна. Како резултат на тоа, македонското национално движење нема свој претставник при донесувањето на Букурешкиот договор (наводно Бугарија ги претставува нашите интереси). А богами нема ниту на останатите клучни настани на кои ѝ се крои нејзината судбина.
Мене ми е особено интересно дека по книгата на Мисирков „За македонцките работи“, името Македонија во јавниот политички дискурс за првпат се појавува во 1924 година во книгата, поточно политичкиот памфлет, „Македонија на Македонците! Земјата на земјоделците!“ (Македонија македонцима! Земља земорадницима!) на српскиот комунист Коста Новаковиќ.
Новаковиќ, инаку своевремено пратеник во тогашното сојузно собрание, избран во тогашниот скопски округ, еден е од првите југословенски комунистички раководители што го прифатил ленинистичкиот принцип на самоопределување до отцепување. И како македонски претставник во сојузното собрание сфатил дека Македонците се посебен ентитет што живее на посебна територија.
Коста Новаковиќ има своја улица во Скопје (која одолеа на сите промени на имињата на улиците), но затоа колку што знам, книгата „Македонија на Македонците! Земјата на земјоделците!“ од некои причини никогаш официјално не е преведена на македонски.
Во секој случај, југословенските комунисти покажуваат поголем сенс за македонското национално прашање, па ако сакате и за македонската државност од сите други тогашни политички фактори, вклучувајќи ги тука и македонските. Пример за македонското „скитање“ е и интерниот комунистички судир со Методија Шаторов Шарло, кој македонските комунисти ги приклучува кон Бугарската комунистичка партија, односно тогаш уште Бугарска работничка социјалдемократска партија (тесни социјалисти).
Еден од еклатантните примери на политиката на КПЈ кон македонската државност е Второто заседание на АВНОЈ од 29 ноември 1943. Тука на Македонија ѝ е признаена државноста, без оглед што од сите делегати на идните републики и покраини само Македонија нема свои претставници (уште еден важен историски момент каде што немаме свој претставник).
Но, наспроти овој факт, Димитар Влахов, во отсуство, се разбира, е избран како единствен потпретседател на АВНОЈ (претседател е д-р Иван Рибар), и тоа како претставник на Македонија.
Вистинската државност се втемелува на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“), каде што се носат сите темелни документи за идната држава. Она што е интересно, во речиси сите документи каде што стои „Македонија“ задолжително е додадено „во составот на Југославија“, а речиси секаде каде што е напишано „македонски народ“ има додавка „заедно со другите братски југословенски народи и народности“.
Она што колоквијално го нарекуваме Трет Илинден е вистинската сувереност на државата Македонија. Тоа, се разбира, е 8 Септември 1991 година, односно референдумот за сувереноста на државата. Меѓутоа, ние не би биле ние, ако и овој, во принцип свечен чин не го засениме. Сенката е референдумското прашање, кое гласеше: „Дали сте за суверена и независна македонска држава Македонија со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“.
Она што е интересно, во речиси сите документи каде што стои „Македонија“ задолжително е додадено „во составот на Југославија“, а речиси секаде каде што е напишано „македонски народ“ има додавка „заедно со другите братски југословенски народи и народности“
На прашањата на авторот на овие редови зошто е потребно да се додаде „правото за влегување во сојуз“ му беше одговорено дека постојат основани сомневања дека Референдумот нема да успее без таа додавка. На прашањата од типот зошто би требало да му се октроира држава на народ што суштински не ја сака (ако е точна претпоставката дека Референдумот немало да успее) и зошто мора да стои „суверени држави на Југославија“, а не само „суверени држави“, никогаш не беше добиен одговор. Или, ако смеам да го парафразирам Мисирков, изгледа Организацијата (партијата) слабо го описменила народот и уште послабо му го развила идентитетот.
Во ред е да се земат историските контексти предвид. Какво било времето, каков бил односот на силите, какво било општото расположение итн.
Но, Илинден отвора и денес многу актуелни прашања. Круцијалното е: колкава ни е денес државотворноста и ја имаме ли? Повторно сме исправени пред историски одлуки, но овојпат не само како фраза, туку како реален момент. Светот веќе се подели. Ќе знаеме ли сега јасно и недвосмислено да си го пронајдеме патот? Ќе имаме ли сериозна стратегија, знаење и мудрост да го направиме тоа?
Набргу ќе се види. Уставот е првиот предизвик.
Затоа, да живее Илинден. И да учиме од него.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија