Југославија во Постјугославија

Медиумите од регионот објавуваат: во саботата, во Кумровец се собрале десетина илјади посетители од Хрватска и од регионот за да го одбележат некогашниот Ден на младоста, кој секоја година се прославува во родното место на Јосип Броз Тито под името „Ден на младоста – ден на радоста.“

Медиумите од регионот, исто така, објавуваат дека вчера, значи на 25 мај, официјалниот роденден на некогашниот „најголем син на сите народи и народности“, стотици луѓе од регионот му оддале почит во неговото вечно почивалиште во Куќата на цвеќето во Белград.

Политичка определба

Во овие вести што се повторуваат секоја година, буквално со децении наназад, секогаш фасцинираат две работи. Првата е упорното опстојување на феноменот на Јосип Броз, еве и 45 години по неговата смрт, а втората е исто толку упорното избегнување на термините „Југославија“, „југословенско“, „постјугословенско.“ Југославија и државите што настанаа врз нејзините урнатини одеднаш стана „регион“, „Западен Балкан“, „Југоисточна Европа“, „АБА лига“ или што и да е. Само да не е Југославија. Или, поточно, да не се постјугословенски држави.

Со други зборови, ние (од регионот, ете) и по толку време не успеавме да ги рационализираме овие поими и појави и да ги ставиме во еден историски контекст, да ги сместиме во просторот и времето кога и каде што егзистирале. Секое споменување на Југославија и Тито се третира како политичка определба, а не како фактографија.

Не толку одамна, на пример, белградскиот градоначалник Александар Шапиќ најави дека ќе ги дислоцира посмртните останки на Јосип Броз од Куќата на цвеќето и ќе ги понуди во Хрватска. Хрватска, се разбира, мазно ја одби оваа понуда. Од друга страна, пак, црногорска Подгорица се понуди да ги прими посмртните останки.

Од друга страна, хрватскиот политиколог Мирјана Касаповиќ од загрепскиот факултет за политички науки, исто така не толку одамна, објави еден текст во списанието „Анали на Хрватското политиколошко друштво“ под наслов „Збогум постјугословенство“.

Таму, таа тврди дека Југославија е „најнеуспешната европска држава во 20 век“. Имено, траела само 70 години, двапати се распаѓала, била и кралство, и република, и унитарна, и федерална, и капиталистичка, и социјалистичка и ништо не помогнало. Пак пропаднала. И затоа авторката препорачува да се избегнува терминот „постјугословенство“ или што било што е врзано за Југославија.

Југословенски или регионални ѕвезди

Но, дали е тоа баш така? Југословенската држава не подразбираше само политичко уредување, туку еден заеднички културен простор, кој, на овој или на оној начин, е жив и денес. Како инаку да се објасни онаа ожалостеност по смртта на Тоше Проески, на пример. Зашто, да се разбереме, Тоше не беше регионална, туку југословенска ѕвезда.

Него не го жалеа во Грција или во Албанија (Бугарија секогаш била сентиментална кон „југословенската музика“, па на некој начин е исклучок), туку во Словенија и во Хрватска. Исто како што и ние тука ги жалевме Ѓорѓе Балашевиќ и Оливер Драгоевиќ. Или, зошто, на пример, овдешните медиуми пренесуваат вести од постјугословенската естрада, а не од Унгарија или од Романија? Затоа што нѐ поврзуваат слични јазици, заедничка традиција, но и заедничка култура.

Историјата можеме да ја толкуваме вака или така, но мерлив факт е дека овие простори и народите што се населени тука во времето на таа Титова Југославија го имаа својот просветителски процут. Таа Југославија го описмени и го вакцинираше ова население. Го електрифицираше. Го вработуваше. Таа воведе задолжително основно образование. Изгради градинки, училишта и факултети. Искорени повеќе заразни болести. Ја намали смртноста кај децата. Воведе викенди и платени годишни одмори. Воведе платено боледување и трудничко отсуство.

Бившо Самоилово царство

Ако сакаме да бидеме реални, во Југославија, Македонија го создаде својот политички ентитет. Ако не беше нејзин интегрален дел, односно нејзин основач, денес тешко дека ќе можевме да имаме легитимитет за создавање сопствена држава. На крајот на краиштата, Македонија и опстојува во југословенските граници, односно во границите што Југославија ги постави.

Наспроти тоа, во некогашната референца БЈРМ, нам најмногу ни пречеше она „Бивша Југословенска“. Како да се срамевме дека бевме дел од таа држава. И уште нешто. Дали сте забележале дека кога ја споменуваме Југославија, секогаш говориме некогашна, бивша или постјугословенска територија. Зошто?

Зарем Австро-Унгарија не е бивша, а сепак е само Австро-унгарија. Зар Османлиската империја не е бивша, а сепак е само Османлиска империја. Дури и Самоиловото царство е Самоилово царство, а не бившо Самоилово царство или Постсамоилово царство.

Таа Југославија изгради најголем дел од постоечката инфраструктура, па уште се возиме по тие патишта. Уште учиме во нејзините училишта, гимназии и факултети. Се лекуваме во нејзините амбуланти и болници. Зошто е тогаш таа бивша или Постјугославија? Можеби е навистина само и единствено – Југославија. Или, што би рекол Виктор Иванчиќ, Југославија живее само преку сеќавањата на оние што ја – мразат!

Се сеќавам на периодот кога менувавме сѐ што потсетува на „озлогласениот“ комунизам, па ги тргнувавме имињата на Јосип Броз Тито од сите улици, установи, фабрики, училишта… Дури и кошаркарскиот клуб „МЗТ“ нерадо ќе признае дека оригиналното име му е „Металски завод Тито.“ Во тоа време се разви полемика околу оправданоста скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ сѐ уште да го носи тоа име. Демек, станува збор за комунистички сатрап, диктатор, злосторник…

Интересно е, на пример, што никому не му пречеше името на гимназијата „Георги Димитров“, значи име на уште еден комунистички самодржец, диктатор… само што е Бугарин. И само што во македонската колективна меморија е влезен како позитивен лик што го признал македонското малцинство во Бугарија, односно во Пиринска Македонија. А Тито што направил? Не го признал македонскиот народ? Не му дозволил јазик, образование, култура? Не, Тито е злосторникот што ги убивал чесните Македонци!?

Токму благодарение на „Георги Димитров“, гимназијата „Јосип Броз Тито“ успеа да го сочува своето име. За разлика од многу други училишта и институции. И пред неа се наоѓа биста на Маршалот, поставена таму токму во времето на ВМРО-ДПМНЕ, партија со изразити антикомунистички ставови и партија, која ги негира придобивките од комунистичкиот, односно социјалистичкиот период. Бистата е поставена како резултат на политички, поточно коалициски договор со опскурната политичка партија Титови леви сили.

Не знам дали овој 25 мај некоја делегација или кој било положи цвеќе, ама знам што пишуваат медиумите од регионот за прославата во Кумровец. Велат дека најбројни гости биле од Словенија. Случајно? Не би рекол.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија