Да се живее сега во конкретен социо-политички пејзаж, со дадени примања, плати, но и трошоци, дури и само за гол живот, најблаго кажано не е сјајно. Со оглед на квалитетот на воздухот, не е препорачливо ниту да се дише. Каква ни е економската состојба не е препорачливо ниту да се родиш, ниту да се вработиш, а најмалку да се пензионираш или, не дај Боже, да умреш.
И ако се прашуваш која е оваа опасност што ги демне нашите животи и ги лишува од достоинство, радост и страст, тогаш најгласниот одговор што ќе го чуеш е истовремено и најлуд, но и најпроширен – тоа е родот, трансродовите луѓе, геј-мажите и лезбејките, жените, феминистките и квир-активистите.
Устоличени авторитети од академијата, организираната религија, локалните и националните власти, политичарите, сите во хор ја свиркаат приспивната мелодија на една голема и опасна лага – маргинализираните заедници се сеништето, кое како темен облак ја притиска нашата земја и нашите луѓе.
Кога владици и академици извикуваат дека постојат само мажи и жени, а сето друго е демонска работа тогаш е време да се прашаме: Kој остана да говори со јазикот на љубовта, грижата и емпатијата?
Ритамот на оваа хипнотизирачка мелодија веќе го маѓепса народот, кој како зомби, гол и збунет, танцува и се движи низ нашиот заеднички простор, колнејќи го со запенета уста секој што не е како нив. Омразата и лутината го креваат адреналинот и го стегаат желудникот. Веќе не сме гладни и тажни, туку лути и исплашени и подготвени да уништиме човечки суштества, кои и онака се слаби, изгонети, стигматизирани и сиромашни.
На неколку дена по петтиот по ред Марш за видливост на трансродовите луѓе и излегувањето на долгоочекуваната книга на Џудит Батлер, „Кој се плаши од родот?“, не можам, а да не мислам на моите транс-пријатели, моите квир-другари, моето избрано семејство на „спектакуларни фрикови“, чии животи се во опасност како никогаш досега.
Кога владици и академици во фотелји, монтирани пред раскошниот Соборен храм, извикуваат дека постојат само мажи и жени, а сето друго е демонска работа што треба да се уништи, тогаш е време, не само да се исплашиме, туку и да се прашаме: Kој остана да говори со јазикот на љубовта, грижата и емпатијата?
Ако ја следиме статистиката на физички насилства и убиства, тогаш доаѓаме до податокот дека трансродовите луѓе се четирикратно повеќе ранливи на тешки форми на насилство и убиство отколку цисродовите луѓе, односно тие што МПЦ ги нарекува единствено луѓе. Само во САД, над 200 трансродови луѓе се убиени во период од 7 години.
Па, сепак, нашите владици, фејсбук-експерти и академици ќе те убедат дека овие „изроди, психопати и болни луѓе“, како што ги нарекуваат, претставуваат опасност за твоите деца и закана за твоите брак и семејство. Оваа злокобна лага веќе ја проголта Струмица, ита накај Куманово и не планира да запре додека не ја исцица цела Македонија.
Отец Јаков, градоначалникот Костадинов и армијата спин-манипулатори од Струмица изгледа уште не ја дочекаа веста дека Струмица годинава е еден од најзагадените градови во Европа. Независниот советник на Општина Струмица, Ѓорѓи Танушев, својата политичка кариера ја почна како борец против отворањето рудници, кои ќе значеа еколошки распад во неговиот град.
Штом стапи на функција, во моментот кога седна на фотелја, Танушев, борбата за здрава животна средина ја замени со борба против трансродовите луѓе во својата општина, вкупно не повеќе од тројца или четворица. Типично за нашите политичари.
Да се бориш против еколошките загадувачи е тешка борба, борба против моќници. Да се бориш против транс-луѓе е лесно. Тие се и онака слаби и обезмоќени. Каков машки триумф!
Да ја исправиш најсилната војска составена од ужасно моќни институции, како Црквата, Академијата, власта, бизнис-секторот, во крстоносна војна против трансродовите луѓе и хомосексуалците е како да уриваш кула од карти со динамит
Покрај тоа што се злобни, овие луѓе се и кукавици. Да ја исправиш најсилната војска составена од ужасно моќни институции, како Црквата, Академијата, власта, бизнис-секторот, во крстоносна војна против трансродовите луѓе и хомосексуалците е како да уриваш кула од карти со динамит.
Спроведувачите на овие морални кампањи немаат никаков срам да експериментираат со различни начини на негирање на самото постоење на нашите транс и небинарни другари, да го одбиваат и негираат нивниот живот, да ги понижуваат, патологизираат и карикираат нивните тела и идентитети.
Ним им пречи што ние дишеме, што се движиме, што разменуваме и градиме светови. Просто што сме тука. Омразата е поттикната и рационализирана со некаква квази-морална правичност. Ако за империјалистичките сили се вели дека „бомбардираат за мир“, тогаш за овие елити слободно можеме да кажеме дека „убиваат за живот“.
Исправени пред оваа нова опасност, накалемена на бројните што веќе постојат, наша задача не е само да ја откриеме лагата и опасноста од таа лага, туку и да ја намалиме моќта на овие фантазмагорични наративи што циркулираат во јавноста. Со други зборови, да ги разобличиме моралните грамади, кои немаат ништо против корпорациските загадувачи, коруптивните власти и забревтаните газди.
Да се потсетиме себеси дека во типичното политикантство се другарува со моќните, а со слабите се војува. Време е за солидарност со сите оние што се нападнати од овие акции, сите оние тела и животи на кои им е ускратено да го населуваат овој свет. А другите, нека. Вие само дишете отрови, лечете се во скапан здравствен систем, бркајте иселенички визи, коленичете во партии за вработување, задолжувајте се со кредити и кријте се од извршители, има кој да ја одржува вашата колективна психоза.
Има само мажи и жени, има само мажи и жени, има само мажи и жени, има само мажи и жени, има само мажи и жени, има само мажи и жени, има само мажи и жени…
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија