Како во вицот, „имат сѐ за салата, само ренде немат“, така е и со нашите три славни ер-трактори за гаснење пожари. Од 2009 година, кога се набавени, сѐ што е поврзано со нив до денес се одвива во стилот имат – немат. Доволни за илустрација се последните 5 години.
Во 2020 година, тие воопшто не беа извадени од хангарите, затоа што не биле сервисирани. Потоа и годината на големите пожари – 2021, ја дочекавме комплетно без нив.
Прво, проблем беше цената понудена од сервисерот од Шпанија – била за 40 отсто повисока од предвидениот буџет и не можела да се прифати. Другиот тендер пропадна откако се дозна дека во изготвувањето на тендерските услови учествувала сестринска фирма на сервисерот од Србија.
По двапати обжалена постапка, се чекаше дозвола од Бирото за јавни набавки да се премине на директно преговарање со понудувачите. Неподготвени и во административни лавиринти ги дочекавме страотните пожари во Малешевијата и на стотици други места. Помошта дојде од други земји.
Ни пратен, ни вратен
Според поговорката – сиромавиот двапати плаќа, на крајот цената за навремено сервисирање на еден воздухоплов за гаснење пожари ни изгледаше како капка во море, во споредба со штетите што ги претрпевме од неподготвеноста да се справиме со огнените стихии.
На пример, според податоците на Државниот завод за статистика, вкупно 142 шумски пожари, само во периодот јуни – септември 2021 година зафатиле 11.420 хектари површина под шума (мешаните насади 52,2 отсто, шуми од листопадни видови 30,2 отсто, шуми од иглолисни видови 10,1 отсто и приземна вегетација со 7,4 отсто).
Опожарената дрвна маса во шумите изнесувала 482.106 кубни метри, а износот на проценетата материјална штета 2.318.091.000 денари. Да не заборавиме дека и во 2012 година, опожарени беа големи површини под шума – 19.312 хектари, за период од цела година, па пресметајте колку дрвна маса отишла во ветер, колку штети претрпеле локалните екосистеми. А само за обнова на шумите се потребни 50 години.
Лекцијата – како да се избегне опасноста во сезона на пожари да останеме без функционални авиони за гаснење – и потоа си остана ненаучена.
Ако прочепкате по медиумските архиви, ќе наидете на „раскош“ од изјави од раководството на Дирекцијата за заштита и спасување. Не е важно од која година се изјавите – сите се идентични и обично гласат: едниот ер-трактор е на сервисирање и до крајот на неделава ќе се врати, а другиот наскоро ќе биде пратен.
По неколку месеци, ни првиот е вратен, ни вториот е пратен, ама завршиле горештините и надлежните си ја накривиле капата. Во есен полесно се дише, во зима ништо не се презема, а напролет, кога во 5 до 12 ќе се разбудат од зимски сон, пак ги продаваат истите прикаски – еве го, ене го, кај и да е, ќе дојде сервисиран – де од Шпанија, де од Хрватска.
Вози Мишко
Летово, демек ги имаме функционални сите три воздухолови, ама пилоти „имат снемано“. Се пензионирале двајца од тројца, па ер-тракторите не ќе можеле да бидат во употреба. А каде се воздухопловите, да ги видиме? Пак иста прикаска – едниот требало да се врати до крајот на неделава, а набргу и другиот.
Па, кого зафркаваат? Дури и денес да потпишат договор за повторно ангажирање на двајцата пилоти, за соодветна, а не потценета плата, два ер-трактори сѐ уште не се вратени од сервисирање.
Во целата оваа збрка, кога државата располага со четири функционални хеликоптери за гаснење пожари – три на МВР и еден на АРМ, кога има недостиг од противпожарни возила и пожарникари, недостигаше уште „Македонски шуми“ да има блокирана сметка.
Сега ни литар бензин не можат да купат за нивните возила, со цел нивни екипи иницијално да интервенираат при пожари во атарите што ги стопанисува претпријатието. До толку е дојдено. До толку се размислувало. Така се планирало… во земја-членка на НАТО.
Досегашната владејачка гарнитура не беше толку загрижена за цените кога требаше да се набави нов прибор за јадење, службени автомобили или канцелариски мебел, небаре гостите ќе ни го ценат домаќинлукот по сребрените виљушки.
Никој не се фасцинира од тој есцајг или мебел во органите на државната управа, како што се „фасцинираа“ од најстариот противпожарен „ФАП 13“ од 1976 година, во возна состојба, чија фотографија го обиколи светот.
Се смени нешто оттогаш? Не. Си „вози Мишко“ со врзани очи и се моли да падне дожд.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија