Истражувањa

Тендери во лет, ер-трактори на земја

БИРН истражуваше зошто летово немавме авиони за гаснење пожари

  • 48
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Еден месец по драматичните снимки од пеплосани шуми, изгорени животни и очајни градоначалници што по телевизии молат за помош, штетите уште се проценуваат.

Mинистрите регрутираа помош од соседни, но и од други европски земји, додека јавноста и жителите на погодените региони се восхитуваа на беспрекорната опрема и на организацијата на австриските доброволци пожарникари.

Многуте прозивки зошто властите си дозволија во ек на ужасно високи температури да го минеме летото со приземјени ер-трактори, завршија со типичен одговор без многу детали:

Двата тендера, оној ланскиот и овој од април, биле неуспешни.

БИРН истражуваше зошто летово, во сезоната на шумски пожари, Македонија си дозволи да остане без ер-трактори и кој е одговорен зошто леталата со капацитет од 3.000 литри вода не можевме да ги користиме за побргу да се смират пожарите.

Се покажа дека поради експериментирање со тендерски услови, од нејасни, но сомнителни причини, ер-тракторите останаа приземјени тогаш кога најмногу беа потребни.

Потемелен преглед на таа конфузија околу тендерите укажува на неуспешен обид на Дирекцијата за спасување (ДЗС) да го истисне долгогодишниот сервисер од Шпанија.

Првиот тендер пропаднал бидејќи дирекцијата барала Шпанците за истата сума како во 2019 да извршат дополнителни и многу поскапи услуги, додека на вториот дирекцијата вовела нови услови што му одговараат на нов „играч“ од Србија.

Но, тоа не е сè – во составувањето на самиот тендер учествувала сестринската фирма на српскиот конкурент.

Откако овие детали излегле на површина, пропаднал и вториот тендер.

Сега повторно се преговара за сервисирање на авионите. Во третиот обид, единствена понуда дале Шпанците и многу е веројатно дека тие повторно ќе ги сервисираат авионите.

Тоа го наметнува прашањето зошто се изгуби цела година, сосе еден месец во пожари и речиси половина милион кубни метри загубена дрвна маса. Вредноста само на изгорената шума, според некои процени, може да достигне десетици милиони евра.

Притоа никој не презема одговорност.

Како пропадна првиот тендер

Без функционални авиони, странската помош беше добредојдена | Flickr на Влада на РСМ

Македонија ги купи трите жолти пожарникарски авиони во 2009 година како евтина алтернатива за посупериорните „канадери“. Произведени се од американската компанија „Ер-трактор“, а сервисот на авионите секоја година го изведувала шпанската компанија „Авијалса Т“, денес позната под друг назив – „Титан фајрфајтинг компани“.

Праксата била при крајот на годината, авионите да се носат на сервис во Валенсија, Шпанија, и оттаму се враќале подготвени за новата летна сезона.

Меѓутоа, лани оваа пракса била прекината, бидејќи пропаднал првиот тендер да се избере фирма за годишен сервис.

Веќе во декември било јасно дека тоа одолжување може да ја стави земјава во ситуација, во која таа де факто се најде – во сезона на пожари да нема функционални авиони за гаснење.

На тоа предупредиле и од шпанската компанија, која беше единствениот кандидат на првиот тендер.

„Се надеваме“, се вели во писмото на претставник на компанијата „Хуго Арсео“, до директорот на ДЗС, Беким Максути, испратено во декември 2020 година „дека поништувањето на тендерот нема да резултира со компликации за навремено доведување на авионите во возна состојба пред летната сезона“.

Но, Максути во разговор за БИРН не ја доведува во сомнеж таа одлука.

Понудената цена (405.000 евра) била за 40 отсто повисока од предвидениот буџет и таа според законот не можела да се прифати.

„Јас дојдов во ситуација да не можам да го поништам договорот, ги замолив да се видиме, да најдеме начин да ја спуштат цената, но тие беа категорични дека не можат“, вели тој.

Од шпанската „Титан“ на ова велат дека барањата во тендерот од 2020 година биле многу поголеми од оној претходната година.

„Овие дополнителни и многу скапи поправки не беше можно да ги направиме за предвидениот буџет од околу 290.000 евра, бидејќи таа сума беше доволна само за редовниот сервис како оној во 2019 година“, велат од компанијата за БИРН.

На сцена влегува нов „играч“

Пропаднатите тендери ги „заковаа“ авионите за пистата | Фото: Ѕвонко Плавевски

Однесувањето на претставниците на „Титан“ за Максути е класична уцена, зашто, како што тврди тој, само тие имале пристап до резервните делови.

„Има и неколку други оператори што можат дури поквалитетно да ја завршат операцијата“, тврди тој за БИРН.

Веројатно со таа цел во април годинава се распишал и нов тендер, на кој за првпат на огласот се јавува нова фирма – „ГАС авиатион“ од Смедеревска Паланка, Србија, и се поставуваат нови, прилично специфични барања.

Имено, дирекцијата за првпат на тендерот побарала фирмата-сервисер да поседува најмалку еден двомоторен авион, со кој нејзините механичари би пристигнале кај приземјен ер-трактор за да го поправат.

Српската фирма имала три такви авиони, а шпанската немала.

И претходните години, дирекцијата ја барала оваа услуга, сервисерот да помогне во случај на неочекуван дефект, меѓутоа не условувала сервисерот да поседува летало, ниту, пак,  условувала како механичарите би пристигнале кај приземјениот ер-трактор.

Контроверзиите околу „Гас авиатион “

БИРН Србија истражуваше дека „Гас авиатион“ во 2018 година сервисирала авион наменет за запрашување, кој бил доопремуван за војување. Подоцна, во март годинава, Обединетите нации објавија дека авионот бил наменет за Либија, и покрај ембаргото за извоз на оружје во оваа држава.

Дополнително, Агенцијата за цивилно воздухопловство на Црна Гора годинава во март ја отстранила „ГАС авиатион“ од листата на компании што можат да сервисираат во оваа држава.

Црногорските воздухопловни власти го направиле тој чекор зашто „ГАС авиатион“ поставила фалсификувани делови на еден од авионите што ги одржувала.

Дополнително, дирекцијата на овој тендер барала тимот механичари да може да стигне за период од два до шест часа, а во претходните тендери, тој услов бил најмногу 24 часа.

Српските механичари, за разлика од шпанските, би можеле да пристигнат кај дефектниот ер-трактор за период од два до шест часа.

Поедноставно кажано, вториот тендер во себе содржи таканаречени „дискриминирачки технички спецификации“, кои спаѓаат во корпусот на коруптивни механизми во процесот на јавни набавки.

Директорот на ДЗС, Максути, во разговор за БИРН, пак, вели дека овие услови биле поставени за да се добие квалитетна услуга.

„Квалитет во извршување на услугата се добива само со побрза реакција за да се поправи авионот во случај на дефект. Видовте какви беа пожарите годинава и замислете да имаше некој авион во дефект“, вели директорот.

Максути, и покрај нашето инсистирање, не сакаше да објасни зошто во тендерот било условено механичарите да патуваат со конкретно летало.

Понудата на Шпанците го пробила предвидениот буџет, а тие тврдат дека за тоа најмногу е виновен условот да поседуваат двомоторен авион. Тие предвиделе изнајмување на такво летало и тоа ја зголемило нивната понуда (497.000 евра).

Понудата на српската „ГАС авиатион“, пак, била во рамките на предвидениот буџет и далеку пониска – 335.000 евра, но и таа на крајот не била прифатена, по што дирекцијата го поништила тендерот на 14 јуни.

И затоа ер-тракторите останаа несервисирани.

Судир на интереси за кој се молчи

Ер-тракторите ќе беа од голема помош за време на августовските пожари | Фото: Ѕвонко Плавевски

Тука се наметнуваат две дилеми. Зошто понудата на Србите не била прифатена и дали тендерот е поништен откако информациите за конфликт на интерес кај Србите излегле на површина.

Имено, „ГАС авиатион“ од Смедеревска Паланка, во сопственост на Жељко Ивошевиќ, конкурирала да биде сервисер на ер-тракторите, додека фирмата со многу сличен назив „Гас ЦАМО авиатион“, од истиот град и на истиот сопственик, ја составувала тендерската документација и плус била задолжена во име на дирекцијата да одговара на техничките прашања поврзани со тендерот.

„Во тој момент немавме инженер да работи кај нас, па моравме да побараме надворешно лице што ќе ни помогне да ја подготвиме документацијата“, вака директорот Максути ја објасни одлуката да ја ангажира сестринската фирма на српскиот сервисер.

Поради новиот критериум со двомоторен авион и поради сомнежот за конфликт на интерес, шпанската компанија „Титан“ двапати се жалела до Комисијата за жалби по јавни набавки, за време на тендерската постапка и по одлуката за поништување, меѓутоа и во двата наврати комисијата ја одбила нивната жалба.

Сепак, по првата жалба, Комисијата за жалби по јавни набавки ја упатила дирекцијата кај Комисијата за заштита на конкуренцијата и во Антикорупциска, овие институции да пресечат околу дилемата дали во случајов имало конфликт на интерес.

Комисијата за заштита на конкуренцијата и Антикорупциска се прогласиле за ненадлежни.

„Нема фаворизирање зашто не е прифатена и понудата на српската фирма, тендерот го поништивме“, аргументира Максути.

Тој вели дека конфликтот на интерес е една од причините зошто била отфрлена понудата на Србите.

Сепак, во одлуката за поништување на тендерот не стои оти конфликтот на интерес е причина да не се прифати понудата, туку пишува дека „Гас авиатион“ немала пристап до онлајн-базата на податоци на производителот.

Шпанците повторно единствени понудувачи

Ер-трактор | Фото: Ѕвонко Плавевски

Дирекцијата за заштита и спасување, на 27 јули годинава тргнала по третпат да бара сервисер на авионите. Овојпат не објавила јавен повик, туку таа избрала компании што ги поканила да конкурираат, тоа законот го дозволува кога има итна ситуација.

Меѓу поканетите повторно се нашле шпанската и српската фирма.

Од сите поканети, понуда доставила само шпанската фирма „Титан“, и тоа во вредност од 406.000 евра, па во моментов Шпанците и дирекцијата преговараат околу договорот.

Она што е интересно е дека овојпат „исчезнал“ условот сервисерот да поседува двомоторен авион.

Максути, за БИРН, потврди дека условот за двомоторен авион е отстранет, меѓутоа тој тврди дека сè уште инсистира на квалитетна услуга во случај на дефектен авион, со тоа што барал Шпанците по потреба да пристигнат во државава најдоцна за осум часа.

„И временскиот период може да биде проблем за на крај повторно да не се договориме“, вели тој.