Истражувањa

Шумите горат, пироманите тешко се гонат

Девет кривични пријави за предизвикување шумски пожар за шест години

Дождот што заврна, барем за кратко ги стивна огнените стихии кои се беа распламтиле на неколку места низ државата. Проценките за штетите веќе се прават, и постојано растат.

Додека тоа се случува, полицијата и обвинителството собираат докази и распрашуваат луѓе за да утврдат дали некој може да сноси кривична одговорност, ако се утврди дека штетите ги предизвикала човечка рака.

Противпожарни екипи од странство гаснат пожар во Македонија | Фото: Влада на РСМ

Полицијата веќе се пофали дека за 12 дена уапсила 24 лица, а уште 18 повикала на информативен разговор. Се сомневаат дека подметнале или предизвикале некои од пожарите.

И без кривична пријава за пожарот што проголта огромна шумска површина во Берово, тамошниот јавен обвинител решил самиот да отвори предистражна постапка по допрен глас.

Во координација со МВР собираат материјали.

Причината зошто обвинителот одлучил самиот да отпочне предистражна постапка била големата опожарена површина, како и предизвиканата штета.

Но, судејќи по досегашната пракса, не секогаш завршуваат со кривична постапка тие што биле осомничени или обвинети дека предизвикале шумски пожари, особено ако се земе предвид кривичното дело „предизвикување шумски пожари“.

Доволно е да се согледаат само бројките. На пример, од 2015 до 2020 година, МВР до обвинителствата поднело само 9 кривични пријави за 10 кривични дела „предизвикување шумски пожар“. Повеќе од половината, шест, само во една година – 2017 година.

Тоа e една од годините кога државата, беше зафатена од огромни пожари, во кои беа опустошени неколку илјади хектари шума.

Податоците, пак, од Јавното обвинителство кои ги добивме за годинава, велат дека до 31 јули, воопшто немало постапки.

Број на кривични пријави за „предизвикување шумски пожари“ од МВР по години | Илустрација: БИРН

„Увидот во обвинителните предлози/акти поднесени од почетокот на годинава, заклучно до 31.07, не даде податоци за поднесени обвиненија согласно член 227 од Кривичниот законик во ниту едно од обвинителствата“, рекоа за БИРН оттаму.

И судските архиви се празни.

Проверките на податоците во судскиот АКМИС-систем што по барање на БИРН ги направија 12 судови низ државата, меѓу кои, Скопје, Битола, Штип, Кавадарци, Прилеп, Охрид, Струга, Куманово и Кичево, покажаа дека за шест години не донеле ниту една пресуда за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“.

За ова кривично дело е предвидена висока затворска казна од најмалку осум години, а доколку се утврди дека сторителот предизвикал два или повеќе шумски пожари, казната е уште построга – најмалку десет години.

Тешкотиите во обезбедувањето непосредни докази за потпалувачите се главната причина, поради која, предизвикувањето шумски пожари ретко се гони како такво кривично дело.

Како што одминува времето, како и кај сите кривични дела, потешко е да се докаже дали станува збор за намерно потпалување, потпалување од небрежност, спој на жици или сосема друга причина.

Но, затоа истражувањето на БИРН, на базите на сите судови заедно дојде до 500 пресуди за кривичното дело „предизвикување општа опасност“, што, меѓу другото, се однесува и на предизвикување пожар. Таму затворската казна е максимум пет години.

Увидот во дел од достапните пресуди покажува дека најчесто станува збор за предизвикување пожар на возило, во објекти, непреземање мерки за гаснење пожар…

Ретки се пресудите што се однесуваат на потпалување шуми.

На пример, во пресудата 957/17 за предизвикување општа опасност, пишува дека „обвинетиот запалил весници, ги оставил пред влезната врата, по што, без никој да го забележи, избегал“.

Во друга пресуда, пак, двајца обвинети признале дека се обиделе да намонтираат греалка на плинска боца, додека од неа почнал да истекува плин. Истечениот плин го зафатил шпоретот на дрва и предизвикал експлозија и потоа пожар.

Гасење на пожарите од хеликоптер со вода | Фото: Влада на РСМ

БИРН побара одговори од Обвинителството зошто обвинителите повеќе поднесуваат обвиненија за „предизвикување општа опасност“, каде што затворските казни се пониски, наместо за „предизвикување шумски пожари“.

Во одговорите, само се подвлекува она што е веќе познато, а тоа е дека за какво кривично дело ќе бидат гонети сторителите, зависи од предмет до предмет, а „се одредува во секој предмет поединечно врз основа на прибраните докази и утврдените факти“.

Обвинителството одговори дека јавните обвинители во секој предмет посебно оценуваат дали има елементи за да гонат сторители на конкретно кривично дело.

Но, објаснија дека соработката со полицијата и со другите институции за пронаоѓање на можните сторители е одлична.

„Увидните екипи на МВР и другите служби на терен при настанување на пожарот ги прибираат доказите и ги утврдуваат првичните факти“, велат од Обвинителството.

Во меѓувреме во Македонија, само во последната деценија, според податоците на Државниот завод за статистика, изгореле два проценти од нејзината територија.

Центарот за управување со кризи веќе пресмета дека за само една недела од пожарите во Пехчево, Делчево и во Берово, изгорела повеќе шума отколку во цела 2020 година, а таа бројка со новите пожари и натаму расте.

ЦУК процени дека за десетина дена пожари, огнот пеплосал илјадници хектари шума, шумско земјиште, земјоделски површини и пасишта.