Светот прави крупни чекори во науката. Врие од вести и за напредни технологии, кои ги надминуваат фантазиите на човековиот ум, ама кога ќе се прочитаат, тешко е враќањето во овдешната средновековна реалност.
Како да се вратиш од виртуелна прошетка низ паметен град што се проектира во соседна земја, кога овде те чека главна вест дека две партии три дена се караат која да има завршен митинг на плоштадот во Тетово. И што? Ќе процвета ли Тетово со претпоследниот или со последниот митинг? Ќе исчезнат ли депониите и сообраќајниот метеж?
На универзитет во Канада откриле механизам за поправка на ДНК, кој го унапредува разбирањето како човечките клетки да останат здрави, што би можело да доведе до нови третмани за рак. Не знам дали има можност за поправка за „нашата ДНК“, или во неа е запечатено да сме повеќе склони кон расипување отколку кон градење и создавање.
Во време на пробив на вештачката интелигенција во сите сфери, ние ни со природната не умееме да се соочиме на правилен начин. Затоа и не ни е гајле каде оди светот и векот, што се гради, со какви енергетски, станбени, аграрни и инфраструктурни алтернативи некои земји одговараат на климатските промени.
Не нѐ инспирира ни тоа што соседна Србија планира да воведе летачко такси до 2027 година, додека кај нас уште шетаат запрежни возила.
Власта – единствен компас
Ние летаме само со умот. Најмногу во минатото. Во целодневни кампањи за двојни избори, при толку реклами, настапи, дебати, не се слушна ниту една нова идеја соодветна за предизвиците на времето, што е проклетство на елитите и голем таксират за граѓаните.
Изборниот наратив, ама и редовниот, се врти исклучиво околу анахронизми, национализми, востаници, УЧК, 2001, униформи. А така е секогаш кога на европската ДУИ ќе ѝ се заниша фотелјата. Партијата, која себеси се презентира како фактор на стабилност и меѓуетнички мир, сега си инсталира причини поради кои сето тоа може да биде под ризик, доколку таа повторно не биде во власта.
И се повикува на волјата на граѓаните. Тие што по партиски клуч вработуваат лица во државната и јавна администрација, не може да се фалат со слободна изборна волја на гласачите. Тоа е „волја“ партиски условена со работни места и егзистенцијална сигурност.
Ова не е уникатна пракса на ДУИ, таа вирее во сите партии, ама кај интегративците го проби „плафонот“, со оглед дека нема друга партија, која 22 години била во власта и создала толкав контингент клиентелисти.
А кога и тоа веќе не е гаранција дека ќе биде посакуван партнер, на повидок е нова инсталација „од играчка – плачка“, наречена двојно мнозинство за состав на владата, според кое европскиот фронт би требало да биде неодминлив фактор.
Направи проблем за да го решаваш
Поради кои и какви резултати ДУИ би била незаменлива? Поради дводецениско претурање од шупливо во празно, или поради општи фрази за „напредок, посветеност“ зад кои ништо не се случува, освен претенциозна самопромоција на ДУИ како фактор? Поради најдобар кабинетски фудбал? Поради најдобар кабинетски музички настап?
Партијата чиј врв е опериран од скромност, а фалбаџиството е без покритие, не покажува знаци дека ќе ја скроти лакомоста и самобендисаноста. Токму ДУИ е вистински лакмус дека е потребна реорганизација на приоритетите.
Партијата чие второ име беше европејство, покажа дека ни ЕУ, ни реформите нужни за членство во Унијата не ѝ се поважни од власта. По 23 години од конфликтот во 2001 година, покажа дека нема ни нов наратив, освен повторно и повторно да зборува за минатото и УЧК, додека на другите да им порачува да не отвораат стари рани.
Што е поразлично ова, од однесување на провинциска мисица, која начула дека во светот се зборува за зелена агенда, па за да докаже дека е во чекор со времето, ја ставила во приоритетите. Исто како што направи ДУИ.
Ништо не реализираше на тој план, освен што го промени наративот согласно новиот тренд – да се зборува за геополитиката. Утре, кога нешто друго ќе биде „ин“, ДУИ повторно ќе се потруди да не биде „аут“.
Тоа не важи за државата. Кога таа навистина би била во прв план, некои партии ќе треба да останат без клучниот бизнис – не ќе може да ѝ се закануваат, за потоа да ја спасуваат. Од самите себе. И уште да држат лекции дека поради една болва не се пали јорган.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија