Интегрална верзија на поделбата

Годинава во која влеговме, ќе одбележиме 30 години од независноста на Македонија. Триесет години не се малку, но ако се свртиме назад, нема да најдеме големо задоволство од учинокот. Сме можеле и многу повеќе и многу подобро. А кога зад себе имаме доволна временска дистанца за да си ги провериме слабите точки, нејасно е зошто продолжуваме со истите грешки.

Честопати слушаме дека на Македонија никогаш не ѝ било лесно. Ако во таа вековна тешкотија некој можел да ѝ ги олесни работите на земјата, тоа сигурно биле нејзините деца. Ама ако нејзините деца биле и остануваат поделени по секакви основи, работите за Македонија не можеле и нема да стануваат полесни, туку само потешки.

Луѓето сакаат да живеат во земја во која ништо нема да зависи од судбината, туку од свесната активност. За тоа треба мудрост, ум и многу работа

Примерот со актуелниот спор со Бугарија е одличен за споредба. Таму, политичките ривали душа си вадат едни на други во беспоштедна меѓупартиска битка за да го дофатат кокпитот на државата на претстојните избори.

Ама кога станува збор за националните интереси, не само што го стивнуваат децибелите на кавгите, не само што ги спуштаат мечевите, туку во совршена хармонија и без фалширање пеат еден ист рефрен. Не случајно мотото на Бугарија е „Единството ја прави силата“.

Ако по ова треба да оценуваме дали и колку сме браќа, први или втори братучеди, може да се рече дека не сме ни далечни роднини. Тотално сме различни.

Кај нас единството е непостоечка категорија. Се спомнува во пригодни политички говори, убаво звучи распослано на хартија, ама во практика го нема. Иронијата на нашето „напредување“ е во постојаното назадување во приврзаноста кон единството, во оддалечувањето од помирувањето и од секаков обид да се разбереме на фин и цивилизиран начин.

Иако сме имале многу тригер-моменти, загуби на значајни личности, загуби во воен конфликт, загуби во природи катастрофи, загуби во пандемија, иако сите тие јавно биле доживувани и оценети како отрезнувачки и пресвртни моменти по кои мора да свртиме нов лист, по кои единството и разбирањето конечно ќе ги ставиме во врвот на приоритетите, сето тоа брзо спласнувало, оставено за некоја следна шанса.

Голем неуспех е што за 30 години не најдовме точка на спојување, не создадовме сидро на внатрешна кохезија што ќе ја држи државата стабилна наспроти сите бури и неволји. Нашето „сидро“ наликува на вербален отров во доволен број непопишани дози, кои ќе ни обезбедат сигурно вековно опстојување во поларизира агонија.

Културата на разбирање, културата на почитување, културата на слушање, се залихи на непотребности, кои никогаш не добија назнака „приоритетна потреба“. Колку што тоа сведочи за моралната и политичката неодговорност на елитите, толку и за навиката на граѓаните многу лесно и непромислено да се поведуваат по моделот на елитите, не успевајќи да наметнат свој, поинаков наратив.

Непотребно е да ги разлистуваме историските страници на независноста, да броиме и ажурираме податоци која партија повеќе, а која помалку инвестирала во ваквата состојба, бидејќи и тоа води кон потенцирање на поларизираниот карактер на политичките и социјалните прилики. Почетокот на промените е во моментот кога „вие и ние“ ќе биде заменето со „сите заедно“.

Да, јасно е дека голем дел од партиите се навикнати да ловат токму во тињата на внатрешни поделби, но лицето на новата политичка храброст е самите да исчекорат од мочуриштето. Бидејќи со толку многу „славни партиски традиции“ стигнуваме само до нови и нови расколи, кои го создаваат мозаикот на денешната интегрална верзија на поделбата. Во неа дефилираат референдуми, пописи, договори со соседите, образовни реформи…

За ништо ли од ова не може(ше) да се најде точка на согласување? Сега десет дена се расправаме за членовите на историската комисија. Лицитираме зошто заминал Литовски од нејзиниот состав, (каде е транспарентноста!), додека претседателот на бугарскиот тим во Комисијата е предложен да добие државен орден за заслуги „Стара планина“, за придонес во заштитата на бугарските национални интереси.

Да беше тоа случај кај нас, ќе се дигнеше врева дека историчарите се гардисти на политичарите. Да ги беше викнал шефот на државата историчарите од нашиот тим, како што бугарскиот претседател го свика бугарскиот тим и му држеше лекција, ќе се слушаа пискотници од Софија до Брисел.

Голем неуспех е што за 30 години не најдовме точка на спојување, не создадовме сидро на внатрешна кохезија што ќе ја држи државата стабилна наспроти сите бури и неволји

Ние сме силни само за внатре да се изедеме. Никаде нѐ нема кога треба усогласено да настапиме, и со аргументи да ја објасниме македонската позиција, како што соседите се подготвуваат тоа да го направат во странство. Ние и да треба да направиме кампања, сигурно ќе биде наменета за внатре. Колку пати преку Лисабон, Букурешт и Атина ги кршевме копјата на домашен терен, ама зад националниот интерес стоеја партиски потреби.

Остана ли уште нешто од богатиот асортиман, а што не е употребено во корист на сопствената штета? Се препуштаме на ендемскиот вид на политичка егзистенција, наречен „тешка историска судбина“. До кога со вакви тажаленки?

Луѓето сакаат да живеат во земја во која ништо нема да зависи од судбината, туку од свесната активност. За тоа треба мудрост, ум и многу работа. Доста живееме во илузии дека за  несработеното ќе ни помогне вујко Сем, тетка Ангела или некое чудо што ќе пророни солза врз нашата тешка судбина.

Стара или нова, секоја планина си има своја тежина. Еднаш треба да ја измериме нашата.