Постои една анегдота, чија веродостојност не можам да ја потврдам, но која е прилично илустративна за она што сакам да го кажам.
Неколку години по ослободувањето, односно по завршувањето на Втората светска војна, извесен полит-комесар од Централниот комитет од Скопје оди во еден град во внатрешноста да одржи пред тамошниот политички актив предавање на тема „Одумирање на државата“.
По завршувањето на предавањето, на слушателите им е овозможено да поставуваат прашања, ако нешто не им е јасно. Се јавува еден од присутните жители и вели: „Ни ветивте ново училиште, пат до пазарот, канализација… Зошто не е ништо направено?“ Во тој момент скокнува локалниот партиски шеф и почнува да вика: „Како не ти е срам, Мите? Не гледаш, државата ни умира, а ти си се запнал за некакви школи, патишта…“
Овој празник, да бидеме искрени, не значи ништо, освен можеби еден слободен ден и продолжен викенд што може да се искористи за посета токму на Солун. За да се испие крај морето некое кафе, бидејќи и шопингот ни е сега мислена именка
На оваа анегдота редовно се потсетувам при прослава на празниците набиени со помалку или повеќе празна патетика и прилично лицемерен патриотизам, како што е овој 23 Октомври.
Денот на македонската револуционерна борба е еден од најмладите македонски празници и се слави дури од 2007 година. Уште со прогласувањето на 23 Октомври за државен празник, во јавноста се појавија извесни контроверзии околу потребата да се празнува солунскиот состанок, на кој еден релативно мал кружок македонски интелектуалци решава да формира полу терористичка вооружена организација што ќе го подрива уставниот поредок на тогашната држава, Османлиската империја, со цел да сепарира дел од нејзината територија.
Знам дека вака дефинираното формирање на Македонската револуционерна организација во Солун ќе предизвика лавина негодувања и навреди кон авторот на овие редови, првенствено токму поради патетиката со која е исполнет поголемиот дел од нашата усна и пишана историја.
Но, од денешен аспект гледано, ако ја тргнеме таа патетична магла, прашањето во кој момент терористите стануваат борци за слобода е навистина круцијално за разбирање на, ако сакате, и сопствениот идентитет.
Не е ова карактеристика само на македонската митологија. Напротив. Во кој момент, на пример, Јасер Арафат, од водач на терористичката организација ПЛО, станува признат државник и носител на Нобеловата награда за мир? Или Бен Гурион, основачот на Израел, кога е тргнат од британскиот список на терористи? Дали Ирската револуционерна армија (ИРА) се терористи или борци за слобода? Или, ако сакате, во кој момент Али Ахмети, водач на терористичката ОНА, се претвора во респектабилен политичар со најголем стаж во власта?
Но, ова не се примери за влечење некакви паралели со таканаречената историска ВМРО, затоа што таа практично не постоеше или не го препозна историскиот момент во кој дејствуваше? На пример, каде беше ВМРО во Првата светска војна? Што правеа? Каде беа кога се потпишуваше Букурешкиот договор? Имаа ли своја, македонска делегација таму? Каде беа во Втората светска војна? Добро, сите знаеме точно кај беа кога беше убиен кралот Александар!
Ако веќе се слави патронатот на една партија, која се самопрогласува за наследник на тоа ВМРО, тогаш зошто, да кажеме, не се слави 19 март, денот кога во 1943 година, во Тетово е формирана Комунистичката партија на Македонија? Дали КПМ има помал придонес од ВМРО во македонската државотворност?
Колку може да биде достоинствен, горд, сплотен, инспириран Македонец.., оној возач од Јавното сообраќајно претпријатие што мора да ги блокира градските улици за да ги добие заработените пари?
ВМРО, длабоко поделена во своето внатрешно ткиво, главно го троши својот капацитет на внатреорганизациски битки за превласт, меѓусебни атентати и кодошења. Та, драстично повеќе нивни првенци се егзекутирани од луѓе од нивните редови, отколку од турскиот аскер и од српската жандармерија заедно. Затоа и звучи малку цинично фразата дека „светите букви ВМРО секој Македонец ги носи во своето срце“.
Уште поцинично звучат честитките на државниот врв по повод празникот, преполни со зборови од типот „достоинство“, „инспирација“, „единство“, „сплотеност“, „обединување“, „гордост“, „заемно почитување“…
Мислам дека таа историска ВМРО најмалку може да инспирира на сплотеност, помирување и гордост. А, богами, ни македонската револуционерна борба. Ако македонските револуционери се бореле за оваа денешна и ваква Македонија, тогаш, богами, бадијала се бореле.
Колку може да биде достоинствен, горд, сплотен, инспириран Македонец.., оној возач од Јавното сообраќајно претпријатие што мора да ги блокира градските улици за да ги добие заработените пари? Со кого ќе се помирува оној купувач кога ќе сфати дека во продавницата нема да му останат пари да му купи чоколадо на детето. Колку може да се инспирира човек кому му треба цел месец да заврши некоја бирократска шалтерска работа? Колку се горди оние што секој ден си заминуваат од скопскиот аеродром? За училишта, градинки, канализации, патишта… не треба ни да се трошат зборови.
Државата ни е фундаментално несредена во сите нејзини темели: во судството, во здравството, во културата, во науката, во стопанството, во екологијата, во урбанизмот, во човековите права, во социјалата… Слободно продолжете го списокот.
Значи, овој празник, да бидеме искрени, не значи ништо, освен можеби еден слободен ден и продолжен викенд што може да се искористи за посета токму на Солун. За да се испие крај морето некое кафе, бидејќи и шопингот ни е сега мислена именка.
Но, ете и јас, како оној несреќник од почетокот на текстов, наместо да ги слушам политичарите колку сум горд, сплотен, достоинствен и помирлив, сум се запнал таму за некакви училишта, патишта, канализации…
Затоа, да не ја расипувам општодржавната патетична забава. Среќен празник на сите што го слават.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија