Ментален самрак

Како да зборуваме за консензус за ЕУ, кога сме во тешка фаза на еден вид ментален самрак, од кој ниту еден излез нема да биде лесен? Не се во прашање само уставните измени. Дури и најбрзо да се обезбеди општ консензус за нив, дури и да не бидат оптоварени со други условувања (кога е тешко, ситни души колку сакаш), ние имаме поголем проблем од тоа: немаме потенцијал од декларативното ниво да преминеме на реално – обезбедување конкретни резултати.

Прво, што значи – ни треба консензус за ЕУ? Тоа е фраза, која, не само што не е поткрепена со конкретен план за акција, туку е антипод на сѐ што значи ЕУ. Овде консензус за ЕУ постоел отсекогаш. И тој никогаш не бил доведен во прашање. Во прашање е искреноста и суштинската подготвеност со која тргнуваме во тој поход. Не зборуваме само за усогласеноста на нашето со европското законодавство. Тие може да се усогласени и 100 отсто, ама тоа што е на хартија, треба да заживее и во реалноста.

Се проповеда содржина без суштина, добро уредено ништавило од празни фрази, од ветер и магла, од шупливост и глума, дефицит на визија, вредности и акција, и суфицит од глума, позерство и политичко папагалство

Хартијата – не значи ништо. Практичната усогласеност – да! Каква смисла има да пропагираш здрав живот, ако максимално внесуваш никотин, дроги, алкохол и нездрава храна. Или, да проповедаш дека образованието ти е „алфа и омега“ за развој за државата, а во пракса да имаш образование во кое со месеци доцнат учебници, а реформите – со децении.

За да се обезбеди реален, а не само вербален консензус за ЕУ, потребни се потези што се во согласност со сите претпоставки за суштинска интеграција. Не може да се стигне до правна држава според европски стандарди – со нашиов карабина-систем за правораздавање. Ниту да се стигне до европско здравство со нашево тешко болно здравство, кое веќе никого не може да лечи.

Како ќе одиме во битка против корупцијата, ако во неа се заглавени голем дел од тие што се именувани да ја сузбиваат? Не може да се оди кон европска интеграција само со пароли зад кои се прикрива растечка внатрешна дезинтеграција, поларизација и партизација. Никој нема да ги убеди граѓаните да „дежураат“ на браникот на ЕУ, додека гледаат конкретни криминали со лажни дежурства, местени тендери, функционери амнестирани од одговорност и самопрогласени мисионери.

Ако ЕУ е синоним за мерит систем, ние сме синоним за антимерит. Ламентираме за ЕУ, а дузина европски политичари срамно ги пречекуваме со погрешни знамиња. Дали одговараше некој во службите за протокол? Не. А како да одговараат, ако се вработени се „мој до мојега“ или предавани штафетно – од институција до институција, во една срамна бесмирска сага, како сведоштво за дереџето на нашата „врла“ администрација. 

Се плашам дека не е далеку денот кога и знамето на ЕУ може да го згрешиме, да го замениме со она на Косово. И тоа е сино, има ѕвезди, навистина помалку, ама не е битно. Ние сакаме да симнуваме ѕвезди, тоа секогаш ни било полесно отколку да се фатиме за работа. И тоа е манир на секоја земја што нема реално покритие за она што го декларира како наша надворешно-политичка цел.  

Кога нема квалитетен образовен систем, главните „лекции“ се учат од секојдневната практика. А таа едуцира граѓани осиромашени од каков било мислечки концепт и критичко размислување, бидејќи овде тоа се смета за непотребно, спротивно на доминантните модели на популизам и на негуваното климоглавство. Се проповеда содржина без суштина, добро уредено ништавило од празни фрази, од ветер и магла, од шупливост и глума, дефицит на визија, вредности и акција, и суфицит од глума, позерство и политичко папагалство.

И во целата горчлива ситуација, како вишна на тортата се нуди фактот што бил усвоен текстот на договорот со Фронтекс на сите официјални јазици на ЕУ и на македонски јазик. Тој договор, колку што ѝ треба на Македонија, толку ѝ треба на ЕУ

Кога сѐ ќе се стави на купче, најбенигно е да се рече дека ние сме во еден драматичен социјален, политички и морален пад. Ситуацијата е многу полоша од тоа. Ние сме одамна паднати. Од битката околу дрвото (тотемот на власта) не се гледа шумата од системски недостатоци, кои заедно даваат слика за еден нефункционален систем на микро и макроплан. Кој и да биде на власт, ако не се елиминираат аномалиите, ние ќе назадуваме во секој поглед.

Во претпријатија, општини, институции, се правдаат со долгови од претходни гарнитури, ама никого не повикуваат на одговорност за тоа. Едни на други си служат како алиби за сѐ што денес нема да биде направено за утре. Никој не презема одговорност, секој гледа да ја избегне, да се провози што полагодно на функционерскиот зип лајнер додека може и додека трае системската анархија, а потоа – нека биде потоп.

Не само ремонт на блоковите во РЕК Битола, нам ни треба ремонт на државата. За жал, во моментов нема напори ни да се обезбеди минимум предвидливост од денес до утре, а камоли краткорочни и долгорочни планови. Ќе го земам како пример парното греење во Скопје. Ако не се набавел гас (ако не стигне понуда или не се поволни цените), топланите ќе се пренаменеле за работа на дизел. Ќе имало постапка за рамковна набавка на дизел, ама ако не се стигнело навреме, ќе се користел дизелот од државните резерви. А државните резерви небаре се амбар без дно. Сите ветувања се на „ако“ и „ќе“, една вечна комбинација на условеност и идно време, чиј резултат е непредвидливост и неизвесност.

Јасно е дека политичарите честопати користат вербални слаломи во обид да ја прикријат незавршената работа, ама тој манир не може да биде супститут за вистинско државничко однесување. Тоа се патерици за колку-толку крпење на личниот политички опстанок, ама не и на државниот. Државниот се брани и се одржува со континуирани и обмислени политики, стратегија, визија и мудрост. Општеството не може да напредува ако неговите прокламирани вредности се во судир со суштинските претпоставки за негов развој.

И во целата горчлива ситуација, како вишна на тортата се нуди фактот што бил усвоен текстот на договорот со Фронтекс на сите официјални јазици на ЕУ и на македонски јазик. Тој договор, колку што ѝ треба на Македонија, толку ѝ треба на ЕУ. А Бугарија не го блокира, бидејќи во „замена“ за согласноста за него, таа беше алиментирана со прифаќање на сите нејзини барања во преговарачката рамка.

Ако треба да „славиме“ што нашето идентитетско обележје е потврдено во договор со Фронтекс (!!!), тоа би значело потврда на ептен ниска самодоверба во однос на „нештото“, за кое ниту се преговара, ниту се бара милостина, ниту смее да подлежи на поинаков третман во ЕУ, различен од третманот кон другите јазици во ЕУ. Се разбира, ако навистина зборуваме за вредностите на ЕУ, а не за слабостите, кои на ваков начин сакаме да ги прокнижиме како успех, во недостиг од реален.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија