Актуелно

Висока цена за бесплатното возење со ЈСП

Популизмот и сомнителните договори го јадат јавното претпријатие

Јавното сообраќајно претпријатие, со години бесплатно ги превезува пензионерите, студентите, средношколците и други групи граѓани. Властите, во обид да добијат повеќе симпатии, или постојано додаваат нови категории граѓани што се возат бесплатно, или, пак, замижуваат на загубите и не ги укинаа ваквите бенефиции и тогаш кога им се затекнати.

Претпријатието со години е зависно од државните и од градските субвенции, кои ако ги нема, вработените би останале без плата.

„Шеесет отсто од корисниците на јавното претпријатие користат бесплатен јавен превоз“, кажа деновиве Миќо Стојановски од синдикатот на ЈСП.

Овој голем процент преточен во пари може да се најде во финансискиот извештај на претпријатието за периодот од јануари до јуни годинава. Субвенциите за пензионери и за студенти, само за пола година, чинат над милион евра, поточно еден милион и сто илјади евра. Во истиот период, за помош во работењето, ЈСП добило дополнителни субвенции од околу четири милиони евра.

Поновите бројки до октомври покажуваат дека од трезорот, односно од министерствата, Град Скопје, општините, училиштата и од други државни субјекти, за ЈСП досега се исплатени над 6 милиони и 600 илјади евра. До крајот на годинава, таа сума би изнесувала околу 10 милиони евра, колку што изнесува просечната помош од буџетот за ова јавно претпријатие.

Тоа има вкупно 1.259 вработени, од кои повеќето се возачи. Нивните плати, речиси целосно се зависни од субвенциите.

Нереални ветувања за бесплатен превоз

Јавното сообраќајно претпријатие никогаш не се сметало за успешна приказна. Во 1990-тите, сликата за ЈСП беа старите и валкани хармоника-автобуси, кои бескрајно долго се чекаа на автобуските.

За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, на централно и на локално ниво се случи најголемото подновување на возниот парк, со кинеските двокатни автобуси, а се воведе и поголем ред во градскиот транспорт.

Сега ЈСП има 215 автобуси „јутонг“, кои стигнаа во 2011 година, 77 „лаз“ набавени во истиот период, 33 „ман“ на гас, кои стигна пред две години, и 32 автобуса „санос“, стари со децении.

Од вкупно 379 автобуси, просечно на скопските улици излегуваат околу 250.

Со стигнувањето на новите автобуси, власта на Никола Груевски почна да ги зголемува и категориите граѓани што користат таканаречен бесплатен превоз, кој, всушност, е субвенциониран од градските и од државните власти.

Познатата лоша финансиска состојба на претпријатието не ја спречи актуелната градоначалничка Данела Арсовска во предизборната кампања да ветува бесплатен превоз. Сега, од позиција на градоначалник, по судирот со партијата што ја поддржа, се соочи со протест на возачите и со колабиран сообраќај во градот.

Спорни договори

Лошата финансиска состојба на ЈСП ја влошуваат и лошите договори, кои со години ги склучувале раководствата на претпријатието. Во обид да се одбрани од нападите во градскиот Совет, градоначалничката Арсовска, за еден од виновниците за денешната состојба го посочи Игор Јанушев, кој со претпријатието раководеше за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа тврдеше дека според тој договор, „Маратон“ му исплаќа седум илјади денари на ЈСП по автобус, а фирмата, како што рече „си инкасира по 2.000 евра од автобус“, со што ЈСП, поради ваквите договори, губело милиони евра.

Додека Јанушев беше директор во ЈСП, од  2015 до изборите во ноември 2017 година, претпријатието склучува договор со фирмата „Маратон“ за изнајмување рекламен простор на автобусите и постојките.

Договорот е потпишан во 2016 година и првично бил со важност од пет години, но една година подоцна, во 2017 година, двете страни направиле измена на одредбата за примена на Договорот и го продолжиле на пет години.

Два месеца од продолжувањето, во март 2017 година, Управниот одбор на ЈСП носи одлука договорот со „Маратон“ да трае десет години, до 2028 година.

Да биде иронијата поголема, системот за јавни набавки покажува дека  ЈСП и самото му плаќа на „Маратон“ кога сака да ги рекламира своите услуги.

Па така, досега, со неколку различни договори за јавни набавки, градското претпријатие на фирмата, која е концесионер на рекламниот простор на нивните автобуси, ѝ исплатила околу 135.000 евра.